Истражувањa

Токсични чешми: Арсен во водата предизвикува страв од рак

Скоро милион луѓе во Србија, Хрватска и Унгарија не се заштитени од канцерогената вода за пиење

Милош Станиќ | Комлетинци, Нови Бечеј, Будимпешта

Отсекогаш знаеле дека има нешто чудно во водата.

Во Комлетинци, село во источна Хрватска во близина на српската граница, водата што тече од чешмата има мирис на амонијак. Нејзината боја варира од бледо-жолта до црвеникаво-кафеава. Има вкус на ‘рѓа.

Сепак, колку и да била непријатна, речиси никој не се сомневал во нејзината безбедност. Цели 28 години, откога била изградена локалната станица за пречистување на подземните води, селаните ги затворале носовите и ја пиеле.

Но, тоа започнало да се менува во 2014 година, откако инженерот по информатичка технологија, Мирко Матијашевиќ, наишол на една анализа на примероците на вода објавена на веб-страницата на регионалното јавно водоводно претпријатие од блискиот град Винковци.

Резултатите од мерењата покажувале дека нивото на арсен било 13 пати поголемо од дозволеното.

Матијашевиќ (55) тогаш немал идеја дека според Светската здравствена организација (СЗО) арсенот во подземните води е докажан канцероген. Луѓето кои во текот на подолг временски период се изложени на значителни нивоа со текот на годините имаат поголеми шанси за појава на рак на кожата, на белите дробови и на уринарниот тракт, покажуваат бројни студии.

Но, тој имал прочитано доволно книги со мистериозни убиства за да знае дека арсенот е отров.

„Мислам дека парите се причина зошто локалната влада не зборува за оваа анализа, бидејќи оваа вода што не е погодна за пиење не треба да се продава по овие „загрепски” [скапи] цени”, напишал тој на својот блог за секојдневните случувања во Комлетинци, каде што и тамбурашкиот фолклорен концерт обично се квалификува како голема вест.

Тој закачил слика од анализата и ја објавил.

Реакцијата на неговиот блог во селото со 1.600 жители првично била негативна, се сеќава Матијашевиќ.

„Водоводното претпријатие во Винковци е местото каде што владејачката партија (Хрватската демократска заедница – ХДЗ) ги вработува своите луѓе, па секоја негативна објава се смета за напад врз нив”, вели тој. „А кога ќе ја нападнете владејачката партија, не се сметате за добар граѓанин”.

Но, откритието на Матијашевиќ ги натерало луѓето да размислуваат. Мирјам Бешлиќ, 28-годишна мајка на две деца, отпатувала 280 километри до Загреб, за да даде 12 сантиметри долг примерок од нејзината коса за испитување на Институтот за медицински истражувања и здравје при работа.

Тестот покажал дека нивото на арсен е повеќе од три пати од нормалното количество за една возрасна жена.

„До сега сум немала проблеми, но мојот доктор ми кажа дека сум била изложена долго време, па ризикот од рак е поголем”, вели таа.

Кога локалните власти минатиот април, конечно, објавиле дека водата во Комлетинци не е за пиење, и откако локалните медиуми ја споделиле приказната, вознемиреноста преминала во гнев.

„Ќе ги тужам сите поранешни директори на водоводното претпријатие и градоначалници”, вели 60-годишниот Иван Миљак, пензиониран келнер, кој стоел во ред со останатите селани за да ги наполни пластичните шишиња од цистерната обезбедена од страна на општината во близина на главниот плоштад.

„Сите знаеле за тоа и не кажувале за да ги заштитат своите интереси. Сметам дека треба да бидеме ослободени од плаќање на сметките за вода во наредните 28 години. Целото село треба да поднесе тужба за загрозување на нашето здравје”.

Жител на Комлетинци полни пластични шишиња со вода од цистерната во близина на главниот плоштад. Фото: Александар Латас

Минатиот мај политичарот од ХДЗ, Јосип Сариќ, член на одборот на директори на локалното водостопанство помеѓу 1997 и 2007 година, освоил четврти мандат за градоначалник на општина Отоц, на чија територија се наоѓа и Комлетинци.

Од неговата канцеларија не одговорија на прашањата пратени електронски за тоа колку долго општината знаела за прекумерните нивоа на арсен и што прави за да ја пречисти водата. Никој од локалното водоводно претпријатие не сакаше да даде коментар.

Комлетинци е само една од многуте заедници на работ на Балканот, каде што низ цевките тече вода загадена од арсен над дозволената граница, открива истрагата на Балканската мрежа за истражувачко новинарство (БИРН).

Околу 923.000 луѓе не се заштитени од канцерогената вода за пиење што доаѓа до домовите преку јавната водоводна мрежа низ огромната низина, која ги опфаќа источна Хрватска, северна Србија и јужна Унгарија, покажа истрагата.

Илјадници луѓе во западна Романија, кои пијат вода од своите бунари, можеби исто така се изложени на ризик.

Сите четири земји пропишуваат максимални нивоа на арсен од 10 микрограми на литар (μg/L). Тоа е прагот препорачан од СЗО, утврден во законите на ЕУ и усвоен од многу земји кои не се членки на ЕУ, вклучувајќи ја и Србија.

Но, БИРН откри десетици градови, гратчиња и села каде што нивото на арсен го надминува тој износ, и покрај националните заложби за пречистување на водата. Резултатите од Нови Бечеј, град во Србија, покажале 27 пати поголемо ниво од законски дозволеното.

Најголем проблем постои во српската автономна покраина Војводина, каде повеќе од 653.000 луѓе пијат канцерогена вода од чешмите.

Околу 173.000 луѓе во Хрватска и 100.000 во Унгарија се изложени на арсен повеќе од дозволеното.

Од неинформирање на заедниците за ризиците до пропуштените можности да се пречисти водата, со истрагата се прикажува неуспехот на властите да го заштитат јавното здравје и да ги остварат европските цели во земјите каде што безбедноста на водата за пиење е сѐ уште луксуз.

Криза во Војводина

Пред пет милиони години, плитко море ја покривало површината позната како Панонски басен, кој се протегал на делови од сегашна Хрватска, Србија, Унгарија и Романија. До моментот на сушењето, од морето се наталожил седимент со дебелина од неколку километри.

Денес, заедниците кои живеат во оваа низина ја добиваат својата вода за пиење од дупки издупчени длабоко во тој седимент, каде има високо ниво неоргански арсен што произлегува од разградувањето на минералите и рудите.

За разлика од органскиот арсен, кој често се наоѓа во рибите, истражувањата покажуваат дека неорганскиот се акумулира во телото со текот на времето и може да биде смртоносен.

Лонгитудиналните студии за изложеноста на арсен преку водата за пиење во светот откриле поврзаност помеѓу ракот на мочниот меур, бубрезите, црниот дроб и белите дробови. Токсиколозите велат дека исто така го оштетува кардиоваскуларниот систем.

„Се разбира дека луѓето треба да се загрижени бидејќи арсенот има долгорочен ефект“

Токсикологот од „Гринпис“ Гергерли Симон

Не постојат конкретни истражувања за тоа како арсенот влијае врз здравјето на жителите во српската покраина Војводина, делот од земјата што лежи на Панонскиот басен и се протега северно од реката Дунав. Исто така нема студии за источна Хрватска.

Но, една студија од 2012 спроведена во Унгарија, Романија и Словачка во рамки на Програмата на ЕУ за процена на ризикот од арсен врз здравјето и молекуларна епидемиологија од страна на Лондонската школа за хигиена и тропска медицина, најде доказ за поврзаноста помеѓу долгорочната изложеност на ниските нивоа на арсен во водата за пиење и карциномот на базалните клетки, што е најчеста форма на рак на кожата.

Овој доказ важи за умерено ниво на арсен над законскиот лимит од 10 μg/L.

Локалните медиуми во Унгарија  оттогаш објавиле дека годишно има околу 300 смртни случаи кои се поврзани со долготрајното пиење на вода богата со арсен. Извештаите ги цитирале истражувањата од унгарската Национална служба за јавно здравство и медицина (АНТСЗ).

Марта Варга, директорка на Одделот за вода во Институтот за јавно здравје, кој е дел од АНТСЗ, одби да ја потврди оваа бројка. Но, Гергели Симон, токсиколог во групата за заштита на животната средина „Гринпис“ во Будимпешта, изјавил дека постојат причини за аларм.

„Се разбира дека луѓето треба да се загрижени бидејќи арсенот има долгорочен ефект“, изјавил тој за БИРН. „Очигледно, многу луѓе ќе умрат заради изложеност на арсен“.

Во Србија, БИРН ги означи местата каде нивото на арсен е повисоко од 10 μg/L низ цела Војводина, користејќи ги податоци добиени преку 41 барања упатено до локалните водоводни претпријатија и канцеларии за јавно здравје повикувајќи се на правото за слобода на информации. Податоците биле собрани во периодот меѓу јануари и октомври 2017.

Истрагата откри дека во опасната зона се наоѓаат 102 градови, гратчиња и села во Војводина – каде вкупно живее население од 653.160 лица. Сите нив ги опслужуваат водоводни претпријатија што немаат технологија за филтрирање на арсенот од подземните води.

Водата е безбедна за пиење во Нови Сад, главниот град на Војводина и вториот по големина град во Србија. Но, централниот град Зрењанин, кој брои 77.000 жители, е меѓу најголемите жаришта, каде мерењата на арсен покажаа количество до 194 μg/L во текот на минатата година.

Во Суботица, град со 106.000 жители во близина на границата со Унгарија, на некои места нивото достигнува до 99 μg/L, иако од локалната канцеларија за јавно здравје велат дека 80% од жителите имаат чиста вода благодарејќи на пречистителната станица изградена во 1991.

Покраинскиот инспекторат за безбедност на водата во Војводина не одговори на прашањата за тоа кои органи ја имаат или ја немаат забрането водата за пиење.

Најалармантни се резултатите од градот Нови Бечеј, во централна Војводина, каде што 13.100 луѓе пијат вода во која нивото на арсен достигнува 273 μg/L.

Иако тоа е повеќе од 27 пати од законското ограничување, властите не издале забрана за пиење на водата од чешма или не обезбедиле алтернативни резерви на вода.

„Водата беше прогласена за „техничка” уште пред 10 години”, вели градоначалникот Саша Максимовиќ, што значи дека таа се смета за погодна само за индустриска употреба.

Но, мал број од жителите интервјуирани од БИРН знаеле дека е опасна за пиење, а на веб-страницата на локалното претпријатие за водоснабдување, „Комуналац“, не се споменуваат никакви ризици. Од „Комуналац“ не одговорија на прашањата.

„Повеќето луѓе, сигурно 90 проценти од нив, пијат вода од чешма и така ќе биде сѐ додека не биде издадено официјално соопштение за забрана на водата”, вели Невена Суботиќ, член на опозицијата во собранието на Нови Бечеј.

Немања Васковиќ, сопственик на бар и ресторан на брегот на реката Тиса во Нови Бечеј, купува флаширана вода за неговото семејство, но само поради тоа што не му се допаѓа жолтеникавата нијанса и непријатната миризба. Некои локални жители ја опишуваат миризбата како од „мочуриште”.

„Не знам колку е високо нивото на арсен, но знам дека водата е лоша”, вели Васковиќ.

Тој проценува дека плаќа најмалку 30 евра месечно за флаширана вода. Просечната месечна исплатена нето-плата во Нови Бечеј изнесува околу 293 евра, покажуваат податоците од српското Министерство за статистика.

„Би рекол дека 75 отсто од луѓето во Нови Бечеј не можат да си дозволат да купуваат вода во шишиња”, вели Васковиќ.

Чаша со чиста флаширана вода како силен контраст на жолтата вода од чешма во српскиот град Кикинда. Фото: Ненад Михајловиќ

Инфраструктура што се распаѓа

Загриженоста на водоводното претпријатие во Нови Бечеј е заради застарените делови од водоводната мрежа.

Според градоначалникот Максимовиќ, 60 проценти од градските цевки се азбестни, што е исто така познат канцероген. Во меѓувреме, цевките се толку стари што градот губи до 40 проценти од својата вода преку протекување, вели тој.

„Локалните власти се обидуваат да најдат решенија, но во моментов немаме капацитет за изградба на пречистителна станица и нашиот прв приоритет е реконструкција на мрежата”, изјави тој за БИРН во август.

Максимовиќ проценува дека новите цевки ќе чинат 2-3 милиони евра.

На почетокот од февруари 2018 г., Нови Бечеј доби дотација од 967.000 евра од Дирекцијата за капитални инвестиции на покраинската влада на Војводина за започнување со изградба на пречистителна станица. Максимовиќ изјави за локалните медиуми дека првата од трите фази за изградба ќе заврши до пролетта 2019, иако тој не прецизирал кога ќе биде комплетирана станицата.

Цената на чиста вода

Проектите за пречистувањето на подземните води од арсен се од голема корист за јавното здравје, но го исцрпуваат буџетот.

Локалните власти вообичаено ги префрлаат трошоците за пречистување на водата за пиење на потрошувачите во вид на повисоки месечни сметки, што предизвикува некои луѓе да го доведат своето здравје во прашање, пиејќи вода од своите бунари, велат здравствените експерти.

Според токсикологот од „Гринпис“, Гергели Симон, токму тоа се случило во руралните делови на Унгарија, откако програмите за пречистување ги зголемиле комуналните трошоци.

„Бунарите не се регистрирани, и бидејќи подземните води се загадени со арсен во централните, јужните и источните делови [на Унгарија], тие пијат вода со арсен”, вели тој.

Во српската покраина Војводина, жителите од градот Зрењанин чекаат да видат што ќе се случи со сметките кога ќе започне со работа новоизградената пречистителна станица.

Според договорот помеѓу градот и италијанската компанија што го изградила објектот, објавен на веб-страницата на локалното водоводно претпријатие, како резултат на пречистувањето сметките ќе се зголемат за 0,28 евра за кубен метар вода на тековните трошоци.

Иако потрошувачите ќе го преземат товарот за овој дополнителен трошок, градоначалникот на Зрењанин, Чедомир Јањиќ, во јануари изјавил дека сметките за вода нема да бидат повисоки отколку што се во Белград или во Нови Сад, главниот град на Војводина.

Просечната месечна плата во Зрењанин минатата година изнесувала 375 евра, според српскиот Оддел за статистика. Просечната месечна плата во Нови Сад изнесувала 458 евра, а во Белград била 501 евро.

Во близина на романската граница во западниот дел од Војводина, градот Кикинда е магнет за туристите во зима. Тие доаѓаат да ги фотографираат планинските бувови кои се гнездат во листопадните дрва и боровите кои се простираат долж широките авении на Кикинда.

Многумина се шокирани кога ќе ја видат локалната вода од чешма.

„Водата е темна и мириса на измет и амонијак”, изјави 39-годишната Јелена Терзин, поранешна новинарка чија канцеларија била во истата зграда со главниот хотел во градот. „Кога ќе дојдеа туристите, прашуваа дали е безбедно да се измие лицето и забите”.

Според најновите достапни податоци нивоата на арсен во градот во кој живеат помалку од 40.000 жители во 2016 година биле двојно поголеми од законски дозволените ограничувања. Властите не издале забрана за пиење, иако имаат инсталирано т.н. еко цевка во центарот на градот за да им овозможи на жителите да ги полнат шишињата со чиста вода.

„Оваа служба недвосмислено, во секој извештај за водата што не е хигиенски исправна, вели дека водата е хигиенски неисправна”, вели Сања Брусин Белос, раководител за хигиена и хумана екологија во Службата за јавно здравство во Кикинда.

Минатиот мај, градот потпишал договор за заем од шест милиони евра од германската државна банка за развој (КфВ), за изградба на пречистителна станица. Таа треба да почне со работа во 2019 година.

Од канцеларијата на градоначалникот не одговорија на прашањата за водоснабдувањето на Кикинда или спецификите на новиот објект.

Овој проект во Кикинда е еден од ретките во Војводина за справување со проблемот со арсен.

Покраинските власти, меѓу кои и Вук Радојевиќ, секретар за земјоделство, водостопанство и шумарство, ги одбија барањата за интервју и не одговорија на прашањата доставени преку електронска порака. Меѓу прашањата беа и оние за инвестицијата на покраинската влада за пречистување на водата.

Истражувањето на БИРН покажа дека во изминатите пет години во Војводина е изградена само една голема пречистителна станица опремена за отстранување на арсенот и тоа во градот Зрењанин.

Одложувањата го успориле заедничкиот проект на две компании за прочистување на водата, „Ѕилио“ од Италија и „Синертек“ од Србија. Работата требала да биде завршена до крајот на 2015 година.

Работата била стопирана кога градот не успеал да гарантира дека ќе плати 5,4 милиони евра, колку што би чинело да се пречисти водата во текот на следните три години. На крајот, централната влада на Србија ја дала гаранцијата.

Ненад Обрадовиќ, генералниот директор на „Синертек“ кој исто така вршел надзор на проектот, во јануари, речиси шест месеци по завршувањето на градежните работи, соопштил дека покраинскиот санитарен инспекторат сѐ уште не издал дозвола за работа. Тој додал дека анализата покажала оти водата од пречистителната станица е совршено чиста.

Причината зошто уште не е издадена дозвола за работа, според него е законот со кој се спречува компании во приватна сопственост да вршат јавно снабдување со вода.

По посетата на Зрењанин кон крајот на јануари, премиерката на Србија Ана Брнабиќ изјавила дека градот треба да ја презеде станицата од приватните компании за да се реши проблемот, иако не е јасно колку долго ќе трае процесот.

На оддалеченост од деведесет километри во североисточниот град Вршац, работниците во јануари ја комплетирале новата пречистителна станица во вредност од шест милиони евра, но Вршац нема проблем со арсен во водата и станицата треба да реши други проблеми со водоснабдувањето.

Во октомври, градот Суботица, кој се наоѓа на северот од покраината, објавил дека обезбедил 5,5 милиони евра од Европската банка за реконструкција и развој за изградба на пречистителна станица за пречистување на водата од арсен. Според локалните медиуми, таа треба да биде завршена во октомври 2019 година.

Божо Далмација, раководител на Одделот за хемиска технологија и заштита на животната средина на Универзитетот во Нови Сад, вели дека еден начин да се подобри водоснабдувањето во Војводина е да се изградат „микросистеми” на мали пречистителни станици во секоја општина.

„Такво нешто би чинело до 700 милиони евра за целата Војводина”, вели тој. „Можеме да ги истакнеме проблемите со водата во преговорите околу Поглавјето 27 со ЕУ за да можеме да бараме средства преку фондовите на ЕУ”.

Србија е кандидат за членство во ЕУ и Поглавјето 27 е дел од преговорите за пристапување кон ЕУ кое се занимава со животната средина, вклучувајќи го и квалитетот на водата.

Земјата веќе има пристап до претпристапните фондови на ЕУ, при што 160 милиони евра се наменети за справување со проблемите со животната средина до 2020 година.

Жителката на Кикинда Јасминка Попов пие чиста вода од јавната „еко цевка“. Фото: Ненад Михајловиќ

ЕУ рокови

Хрватска, најновата земја-членка на Европската унија, има рок до 2019 година да почне да ги почитува правилата на ЕУ ограничувајќи ги нивоата на арсен до 10 μg/L или помалку. Истрагата на БИРН покажува дека Хрватска има уште многу што да направи за да го оствари тоа.

Податоците добиени од хрватскиот Институт за јавно здравје откриваат дека во 2016 година 173.000 луѓе во 13 градови и села во западниот дел од земјата се снабдуваат со вода во кои мерењата покажуваат дека нивоата се над законските дозволените ограничувања.

„Тоа е магичен круг и сите чекаме да дојде спасител“

Невена Суботиќ, политичарка од Нови Бечеј

Главните жаришта со арсен ги вклучуваат градовите Ѓаково, Гарешница и Чепин, каде живеат 28.000, 11.600 и 11.300 жители, соодветно.

„Проблемот со арсенот во водата за пиење во источна Хрватска треба да се разгледува во контекст на локалните водостопански претпријатија”, вели еден претставник од Институтот за јавно здравје во електронска порака.

„Повеќето од овие локални компании имаа проблеми со високите вредности на арсен, кои не се решени, бидејќи локалните заедници обично немаат дополнителни средства, дури ни за минимално одржување на системот, а камоли за изградба на пречистителни станици”.

За периодот 2007-2020 година, Хрватска добила грантови од ЕУ во износ од 225 милиони евра за проекти за вода за пиење, вели портпаролот на Европската комисија.

И покрај грантовите, Институтот за јавно здравје вели дека општините не можат да си дозволат да го финансираат редовното одржување на водоснабдувањето, а камоли да изградат нови пречистителни станици.

Повеќе зијан отколку ќар?

Во 2014 година, градоначалниците од 25 села во јужна Унгарија се собраа во живописниот град Баја, на 30 километри од српската граница, за да подготват заедничка апликација за да обезбедат средства од ЕУ фондовите за пречистување на водата за пиење.

Три години подоцна, 20 милиони евра од парите на ЕУ беа инвестирани за изградба на пречистителна станица во Баја, која им служи на 25-те заедници. Но, локалните жители велат дека проектот направил повеќе штета отколку добро.

Убавата нова фабрика завршена во 2016 година пумпа чиста вода за пиење, но застарената водоводна мрежа која ја носи водата до домовите всушност го прави квалитетот на водата уште полош, велат тие.

„Цевките се стари 35 до 50 години”, вели Миклош Вархалми, пензиониран инженер од Баја со докторат по национална безбедност. Тој бил еден од првите што ја довел во прашање ефективноста на проектот.

„Бидејќи не ги исчистија цевките одвнатре, оваа нова вода со многу кислород во неа почна да ја вади целата нечистотија од цевките. Во различни делови на градот, водата сега е со сина, кафеава и жолта боја”.

Вархалми вели дека жителите биле принудени да купуваат вода во шишиња, што ги чини околу 30 евра месечно ако купуваат три литри дневно. Просечната месечна плата во Унгарија, според централниот завод за статистика во Унгарија, е околу 620 евра.

Вархалми сака да подготви колективна тужба барајќи отштета од над 16,5 милиони евра, во износ на сумата за која тој вели дека жителите ја потрошиле на флаширана вода откако проектот почнал да ги вади нечистотиите од цевките.

Градоначалникот на Баја, како и директорот на локалното водоводно претпријатие ги одбија барањата за интервју.

Соседна Унгарија два пати ги проби крајните рокови дадени од ЕУ за намалување на нивоата на арсен до дозволените граници, во 2009 и 2012 година.

Но, Марта Варга, директорката на Одделот за вода во Институтот за јавно здравје во Будимпешта, вели дека националната програма за подобрување на квалитетот на водата имала драматични придобивки во земјата која има 10 милиони жители.

Таа вели дека околу 100.000 луѓе од 30 општини пијат вода во која нивото на арсен е над законската граница, во споредба со речиси половина милион пред Унгарија да ѝ се приклучи на ЕУ во 2004 година.

„Повеќето од овие [нивоа] се под 20 [μg/L], некои од нив се на ниво до максимум 20-40″, вели таа. „Но, никој не е должен да пие вода што содржи арсен, бидејќи во секоја општина има алтернативно водоснабдување. Имаме континуирани информативни кампањи”.

БИРН не можеше да ги означи мерењата за присуство на арсен во одредени унгарски општини поради недостаток од податоци.

Барањата за информации од Министерството за внатрешни работи и Генералниот директорат за управување со водите останаа неодговорени, вклучувајќи ги и прашањата за тоа колку постројки за пречистување се изградени со средства од ЕУ.

Според портпаролот на Европската комисија, во периодот меѓу 2000 и 2020 Унгарија добила 662 милиони евра како грантови од ЕУ за проекти за водата за пиење.

Во Романија, истражувањата спроведени во средината на 1990-те покажале дека околу 45.000 луѓе биле изложени на ниво на арсен повисоко од 10 μg/L.

Кајлан Бациу, професор на Факултетот за животна средина и инженерство на Универзитетот Бабес-Болјаи во северозападниот град Клуж-Напока, дал свој придонес за истражувањето. Тој вели дека денес не е запознаен оти на било кое место има високи нивоа на арсен во водата.

„Водата со високо ниво на арсен доаѓа од средниот длабок водоносен слој (300-400 м) кој е експлоатиран преку артериски бунари, но тие не се поврзани со дистрибутивната мрежа”, пишува тој во електронска порака.

Назад преку српската граница во Војводина, неуспехот на покраината да ги исчисти водоводните мрежи остава горчлив вкус.

Во Нови Бечеј, некои луѓе се шегуваат дека локалната компанија за вода подобро се грижи за цвеќињата во градот отколку за неговите жители.

Кога топлинскиот бран наречен Луцифер ја погоди Европа минатиот август и во Нови Бечеј биле измерени највисоките температури во последниве 130 години, вработените во претпријатието ги одржувале петуниите по должината на главното шеталиште, преку внимателно секојдневно наводнување.

„Сите се со врзани раце”, вели Невена Суботиќ, пратеничката од опозицијата која ја критикувала владата дека не издала забрана за пиење на водата.

„Граѓаните не можат да купат вода, а ниту една од локалните власти не може сама да финансира изградба на скапи пречистителни станици. Тоа е еден маѓепсан круг и сите чекаме да дојде спасител “.

Милош Станиќ е српски новинар кој работи во Нови Сад. Оваа статија е изработена како дел од Балканската стипендија за новинарска извонредност, поддржана од Фондацијата ЕРСТЕ и Фондацијата Отворено општество, во соработка со Балканската мрежа за истражувачко новинарство.