Десничарската поп-ѕвезда, Марко Перковиќ Томсон, им се приклучи во понеделник вечер на хрватските фудбалери, во автобусот со кој тие од аеродромот одеа кон главниот плоштад во Загреб, каде што за нив беше организиран дочек. На патот кон плоштадот, фудбалерите ги поздравуваа пресреќни навивачи.
Автобусот повеќе од пет часа се движеше низ возбудената толпа, а кога играчите се искачија на бината на главниот плоштад, Томпсон, без придружба на музика, отпеа песната, иако предходно, организаторот на настанот изјави дека на дочекот нема да има ниту пеачи, ниту политичари.
Н1 телевизија објави дека фудбалерите го поканиле Томпсон во нивниот автобус и дека капитенот, Лука Модриќ, побарал од Томпсон да испее песна, кога ќе се искачат на бината.
„Имаме уште една посебна желба. А таа е, Марко да ни испее една песна“, рече Модриќ гушкајќи го Томпсон.
Веб-страница eVarazdin.hr, во вторникот објави дека во Вараждин, градот во кој што поминал дел од својата кариера, ќе биде организиран дочек на тренерот Златко Далиќ, на кој, како што потврди и градоначалникот, ќе пее Томпсон.
Второто место што го освои Хрватска на Светското првенство во Русија, откако во финалето загуби од Франција со 4:2, е досега најдобар меѓународен фудбалски успех на Хрватска, кој нашироко се прославуваше.
Но, појавувањето на десничарскиот пејач, на чии концерти се слушаа и антисрпски повици од публиката, предизвика контроверзии по социјалните мрежи.
Крешо Бељак, претседател на Хрватската селска партија, на Твитер напиша дека не треба да му се дозволи на десничарот да ја „расипе“ прославата.
Питер Марфи, дописник на новинската агенција АФП од Унгарија, вели дека појавата на Томпсон е лоша работа за имиџот на земјата, кој беше подобрен со успехот на репрезентацијата на Светското првенство во Русија.
„Кога работите на масовно подобрување на ПР-от на Хрватска, користејќи го успехот на Светското првенство, а потоа на врвот на автобусот од отворен вид, се појавува ултранационалистичкиот пејач Томсон“, напиша тој на Твитер, под фотографијата на која пејачот се прегрнува со играчите.
Инаку, концертите на Томпсон редовно предизвикуваат контроверзии на Балканот.
Така, околу 8.000 луѓе, во 2017 година, го скандираа профашистичкиот усташки слоган „За дом спремни“ на концертот на Томпсон, што се одржа во Мостар, во знак на поддршка на шест поранешни функционери на самопрогласената Херцег-Босна, на кои во тоа време им се судеше за воени злосторства.
Истата година, малку претходно, властите на Марибор го забранија најавениот концерт на Томпсон.
Околу 80.000 луѓе беа присутни на концертот на Томсон, по повод прославата на 20-годишнината од операцијата „Бура“ во 2015 година. Многумина од присутните извикуваа „Убиј го Србинот“ и „За дом спремни“.
Во 2009 година, со изведбата на песните „Јасеновац“ и „Градишка стара” (имиња на усташки логори), во кои се слават усташите, Томпсон, исто така, предизвика незадоволство во Хрватска и во регионот.