Регион

Трансплантациите во клиниката Медикус беа легални, тврди Лутви Дервиши

Лутви Дервиши, пред судот во Приштина, во 2013 година. Фото: EПА/Валдрин Џемај

Блерта Ибердемај | БИРН | Приштина

Поранешниот сопственик на клиниката Медикус, Лутфи Дервиши, еден од тројцата обвинети на кои повторно им се суди по обвинението за вмешаност во организиран криминал, во врска со трговија со органи, во четвртокот пред Основниот суд во Приштина, прочита документ, за кој рече оти е доказ дека клиниката имала дозвола за вршење на трансплантација на бубрези.

Според него, документот му го испратил Илир Рецај, кој бил на чело на Одборот за лиценцирање на приватни институции.

„Почитуван господине Дервиши, ве информираме дека во согласност со вашето барање од 02.06.’12, кое Одборот за лиценцирање на приватни институции го разгледа, на болницата Медикус, во принцип, ѝ се одобрува да врши уролошки услуги во согласност со важечкиот закон … што го регулира прашањето за трансплантација на органи од живи донатори“, рече Дервиши.

Тој додаде дека овој документ го сметал за валидна лиценца.

„Ова го сфатив како одговор на моето барање, го сфатив како работна дозвола за урологија и трансплантација; врз основа на овој документ и зборовите на одборот, бев убеден дека ова е работна дозвола“, изјави Дервиши пред судот.

Судијата, Франческа Фишер, во судницата прочита електронско писмо, за кое рече дека Дервиши, на 22 март 2008 година, му го испратил на извесниот доктор Манфред Бир, во кое му објаснува дека на клиниката Медикус, до тој датум, веќе била извршена една трансплантација.

„Веќе две недели, разговарам со бројни кардиолози, се надевам дека ќе почнеме да работиме оваа недела, сакам да знам што рече Тефик (Бектеши, вработен во клиниката), може да почнеме и со дијализи, преговарав со луѓе од Косово и од Турција, почнавме со трансплантација на бубрези, првиот случај е завршен, а следниот ќе биде на 28 овој месец“, се вели во електронското писмо, кое, наводно, го испратил Дервиши.

Тој одговори дека ова е чудно, бидејќи во тоа време не било можно да се вршат трансплантации на бубрези на клиниката.

Во средата, Дервиши пред судот изјави дека на клиниката била извршена само една трансплантација, додавајќи оти мисли дека операцијата била извршена во октомври 2008 година, но дека не е сосема сигурен.

Полицијата упадна во клиниката во 2008 година, откако на приштинскиот аеродром беше пронајден турски државјанин, кој беше сериозно болен, чии бубрези биле отстранети.

Сиромашни донатори од Турција, Русија, Молдавија и Казахстан, наводно, биле доведени на клиниката со ветување дека за своите бубрези можат да добијат 15.000 евра.

Според обвинителот на Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово, ЕУЛЕКС, нивните приматели, главно Изреалци, за трансплантација на бубрег плаќале повеќе од 70.000 евра.

На Дервиши повторно му се суди, заедно со неговиот син, Арбан Дервиши, и главниот анестезиолог на клиниката, Сокол Хајдини.

Тие првично беа осудени во 2013 година. Со пресудата беше утврдено дека во 2008 година, на клиниката, биле извршени „повеќе нелегални трансплантации на бубрег“.

Апелацискиот суд во март 2016 година им ги потврди првостепените пресуди, со кои Лутфи Дервиши и неговиот син беа осудени на осум, а Хајдини на пет години затвор.

Но, Врховниот суд ја поништи оваа пресуда поради процедурални неправилности. Нивното повторно судење започна во јули 2017 година.

Осомничен во овој случај е и израелскиот државјанин, Моше Харел. Тој, исто така, е обвинет за учество во трговија со органи на клиниката Медикус. Уапсен е во Кипар во јануари оваа година, откако со години по него беше распишана потерница на Интерпол.

Турскиот лекар Јусуф Сонмез, уште еден осомничен во овој случај, и натаму се наоѓа на слобода.

Во 2008 година, истражителите ја затворија клиниката, која нешто подоцна беше продадена.