Регион

Трендафилова ветува непристрасност во работата на новиот суд за воени злосторства

Екатерина Трендафилова, претседател на Специјализираните совети, за БИРН вели дека новиот суд за воени злосторства на Косово, нема етнички предрасуди, дека ќе ги заштити сведоците од заплашување и дека правдата ќе ја спроведува на непристрасен и независен начин.

Марија Ристиќ, БИРН, Белград

Претседателката на Специјализираните совети, Екатерина Трендафилова. Фото: ССК

Во своето прво интервју како претседател на Специјализираните совети на Косово, судијата, Екатерина Трендафилова, за БИРН вели дека оваа новоформирана институција, со седиште во Хаг, пред која ќе им се суди на поранешни припадници на Ослободителната војска на Косово (ОВК), за злоупотреби на човековите права за време и по војната во Косово, нема да биде етнички пристрасна, бидејќи ќе ги гони само лицата осомничени за злосторства, а не ОВК.

Таа дополнително вети дека судот на адекватен начин ќе ги заштити сведоците што ќе сведочат пред овој суд, процес кој не беше баш успешен во претходните обиди за процесрање на припадниците на ОВК и изрази надеж дека работата на овој суд ќе помогне во унапредување на владеењето на правото во Косово.

Ова не е прв пат Трендафилова да работи на случаи од областа на меѓународното кривично право. Пред да ја преземе функцијата претседател на Специјализираните совети, беше судија во Меѓународниот кривичен суд, искуство, кое верува, ќе ѝ биде од корист во извршувањето на новата должност.

Во Косово и претходно работеа хибридни судови. На кој начин овој суд се разликува од нив и како Вие како судија ќе се погрижите судот да го исполни својот мандат?

Специјализираните совети се разликуваат на многу начини. Ќе споменам само некои од разликите и нема да користам етикети како што се ‘хибриден’, ‘меѓународен’ или ‘со меѓународни елементи’.

Специјализираните совети се формирани со уставен амандман усвоен од Собранието на Косово, со двотретинско мнозинство на гласови од пратениците. Во тоа е нашата предност. Тоа значи дека народот на Косово, преку своите претставници во Собранието, се изјаснил дека оваа институција е потребна и пожелна.

Потоа, Специјализираните совети на Косово, можат да сметаат на тоа дека властите, вклучувајќи ја и полицијата, ќе ги спроведуваат налозите, ќе вршат претреси и заплени и ќе апсат осомничени. Косовските власти со закон се обврзани да соработуваат со Специјализираните совети, за да се постигне крајната цел – да се повикаат на одговорност оние кои што се одговорни за извршување на тешки злосторства.

Но, ние сме, исто така, институција лоцирана во Холандија, која е наша земја домаќин, што значи дека можеме да обезбедиме највисоко ниво на безбедност за сите кои доаѓаат во контакт со Специјализираните совети, особено за жртвите и сведоците.

Покрај тоа, само меѓународни судии можат да судат во Специјализираните совети. Оваа одлука покажува дека на Собранието на Косово, исклучително му биле важни независноста и интегритетот на оваа институција, иднити кривична постапки пред оваа институција и безбедноста на сведоците и на жртвите.

Како судија и претседател на Специјализираните совети, ќе се грижам тие да го исполнат својот мандат, со примена на законот усвоен од Собранието на Косово и правилникот усвоен од судиите. Што е најважно, верувам дека многу искусните судии, кои се наоѓаат на списокот на меѓународни судии, ќе водат примерни правни постапки и ќе носат најквалитетни пресуди.

Како планирате да ги подобрите активностите за приближување кон јавноста и да ја објасните мисијата на Специјализираните совети, имајќи ја во вид лошата репутација што Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија ја има во поранешна Југославија, но и со оглед на резервата во Косово, што постои кон оваа нова институција?

Можно е во Косово сите да не ги поддржуваат Специјализираните совети и да постојат сомнежи. Меѓутоа, како што веќе Ви одговорив на едно од претходните прашања, одлуката за формирање на Специјализираните совети ја донесоа претставниците на народот во Косово, односно, Собранието.

Ние постоиме, веќе почнавме да работиме и подготвени сме да ги прифатиме сите поднесоци. Нашиот мандат е различен од оној на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија и за нас треба да се суди врз основа на нашата работа.

Освен формирањето на оваа институција и нашата подготвеност да ги водиме судските постапки, подеднакво е важно да се продолжи со информирањето на јавноста за нашиот мандат, за постапката и за она што може да се очекува од работата на нашата институција. Ова е важно за да се спречат какви било дезинформации и недоразбирања.

Решително сум за највисоко ниво на транспарентност во нашата работа, освен, се разбира, кога се работи за чувствителни и доверливи информации, кога е неопходно да се заштитат сведоците, кои ќе му пристапат на овој суд заради сведочење.

Од минатата година, кога беше покрената нашата тројазична интернет-страница, на која што сите информации се достапни на англиски, албански и на српски јазик, сите релевантни информации и јавни поднесоци на странките во постапката и на судиите, ѝ се на располагање на јавноста, а така ќе биде и во иднина.

Во постојана комуникација сме со медиумите. Покрај тоа, раководителите на судот и тимот на службата на Специјализираните совети, одговорна за јавно информирање, редовно комуницираат со различни релевантни актери од граѓанското општество, академските кругови и од медиумите во Косово, но и пошироко, во регионот и на меѓународно ниво.

На пример, секретарот на судот, д-р Фиделма Донлон, се сретна со голем број претставници на медиумите и на граѓанското општество, на форумот „Транспарентност на правосудството“, што се одржа во Приштина, во пролет оваа година. Очекувам дека ќе се продолжи со организирање на слични настани во иднина.

Исто така, неодамна, во нашите простории, одржав прес-конференција. Примаме многу посетители и држиме предавања за заинтересирани групи студенти. Сите овие активности се дел од нашата програма за приближување кон јавноста и тие ќе станат уште поинтензивни. Ќе организираме и директен пренос на идните судења.

Би сакала да истакнам дека во најголема можна мера се потпирам на односите со јавноста, за да ги увериме луѓето во регионот, дека Специјализираните совети ќе ја спроведуваат правдата непристрасно и независно, во однос на сите засегнати страни.

Колку е тешко да се извршуваат активностите за приближување кон јавноста, кога сте стотици километри далеку од местото каде што се извршени злосторствата?

Кога станува збор за комуникацијата и ефикасното приближување до јавноста, растојанието е предизвик за кој што сум длабоко свесна. Но, за среќа, живееме во ера на модерна технологија и се надевам дека тоа ќе ни помогне во воспоставувањето на директна комуникација со сите што се заинтересирани, а не само со медиумите.

Еден од следните приоритети е да им се обратиме на жртвите и во целост да им објасниме кои се нивните права, каков е релевантниот процес на пријавувања и кои се условите за пријавувања. Сведоците, исто така, ќе ги увериме дека Специјализираните совети имаат силни мерки за заштита.

Потоа, кога ќе започнат судењата, преводот од судницата, на сите службени јазици, ќе биде достапен и на нашата интернет-страница, така што медиумите и пошироката јавност ќе имаат можност да ги следат судските постапки.

Се разбира, со оглед на потребата за заштита на сведоците, преносот во некои случаи ќе биде само делумен или со заштитни мерки, како што се измена на ликот и на гласот.

Трендафилова вети дека судот на адекватен начин ќе ги заштити сведоците. Фото: ССК

Како специјализираните совети соработуваат со властите во Косово? Кога станува збор за притворот и апсењата, дали ќе ангажирате специјална судска полиција, холандска или косовска полиција?

Според законот, ние можеме да ја ангажираме полицијата на Косово, како и било кој друг суд во земјата. Исто така, специјализираниот обвинител може да ги спроведува своите налози со ангажирање на полицијата од обвинителството. Сите налози и одлуки на Специјализираните совети, вклучувајќи ги и оние за претрес, заплена и апсење на осомничените на територијата на Косово, мора да се извршат. Тоа го налага законот. Покрај тоа, можеме да побараме и меѓународна соработка, кога тоа ќе биде потребно.

Во колкава мера треба да бидете чувствителни, со оглед на актуелните политички состојби во Косово?

Ова во суштина не е прашање на чувствителност. Специјализираните совети се правосудна институција, независна во вршењето на своите функции и на својот мандат, во согласност со законот што го прифатиле и усвоиле мнозинството пратеници во Собранието на Косово.

Ние ја продолжуваме својата мисија, онака како што е тоа пропишано со законот, без оглед на политичките процеси во Косово. Ние само постапуваме во согласност со уставот и со законот.

Се разбира, внимателно ги следиме настаните во Косово и ние сме свесни за сите чувствителни прашања, но тие не влијаат врз нас.

Како реагирате на критиките дека Специјализираните совети се пристрасни и дека се занимаваат само со една етничка група?

Специјализираните совети нема кривично да гонат ниту една етничка група. Тие нема да гонат ниту една организација. Специјализираните совети кривично ќе гонат и ќе ги сметаат за одговорни само поединците. Законот јасно предвидува индивидуална кривична одговорност, што значи дека лицата можат да се сметаат за одговорни, само за кривичните дела што ги извршиле како поединци, а не како претставници на една етничка група или заедница, или која било друга група.

Судот има и служба за поддршка на жртвите, а законот предвидува и програма за репарации. Како тоа ќе функционира во практика?

Пред сѐ, би сакала да кажам дека сум многу задоволна што Специјализираните совети, за разлика од Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, им даваат можност на жртвите да учествуваат во постапката.

Жртвите на кривичното дело, кое што е наведено во обвинението, можат да се пријават во службата за учество на жртвите во рамките на секретаријатот. Законот предвидува право на жртвите да се информираат, право да им биде признат статусот и да добијат надомест на штета. Во практика, тоа значи дека жртвите ќе можат да земат значително учество во судската постапка пред Специјализираните совети и да побараат репарации.

Кога обвинетиот ќе биде прогласен за виновен за некое кривично дело, судиите можат да му наложат на обвинетиот, да им исплати на жртвите, колективно или поединечно, одредени репарации. Службата за учество на жртвите, исто така, ќе има список на застапници на жртвите, со цел да им се обезбеди ефикасно правно застапување и помош.

Можете ли да ја објасните улогата на омбудсманот?

Вклучувањето на омбудсманот, кој веќе е предвиден со уставот на Косово, е важна уставна гаранција и во рамките на правната структура на Специјализираните совети. Предвидено е омбудсманот да ја зголеми нашата транспарентност и отвореност кон јавноста, и да служи како орган за независен надзор на Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство.

Во исто време, ќе ја почитува независноста на судството и судската постапка, што значи дека омбудсманот во нив не смее да се меша, освен во случаите на неоправдано одолговлекување. Конечно, омбудсманот треба да го зајакне системот на контрола, кој постои како гаранција за заштита на основните човекови права и слободи, пропишани со уставот на Косово.

Се радувам на операционализацијата на овој механизам, бидејќи тој може само да придонесе кон кредибилитетот на овие две институции.

Заштитата на сведоците досега беше едно од клучните прашања во врска со судењата на воените злосторства во Косово, а Специјализираните совети тврдат дека подготвиле силен систем за заштита на сведоците. Како, според ваше мислење, досега реагираа меѓународните и националните судови, кога станува збор за заштитата на сведоците, кои сведочат за меѓународни кривични дела? Дали е ова една од причините поради која судовите често се со километри далеку од местата каде што се извршени кривичните дела?

Од моето претходно искуство, и затоа што ми се познати некои примери од минатото, во голема мера сум свесна, колку е важна заштитата на сведоците. Тоа е клучен фактор за мандатот на Специјализираните совети, што се огледа од фактот дека судските постапки се преместени во Холандија.

Затоа, нашиот правилник за постапки и докази, предвидува силен систем за заштита на сведоците. Покрај тоа, нема да се толерира никакво загрозување на безбедноста и здравјето на сведоците, а ако има такви случаи, Специјализираните совети ќе преземат кривично гонење.

Преместувањето е, секако, ефикасен начин да се обезбеди подобра заштита на сведоците, на жртвите и на другите лица кои доаѓаат во контакт со Специјализираните совети.

Моето лично сфаќање, како и сфаќањето на сите судии, кое е изразено во правилникот, е дека правдата нема да се спроведува на сметка на безбедноста и здравјето на кое било лице, кое соработува со Специјализираните совети. Заштитата, според тоа, за нас е од суштинско значење.

Седиштето на новиот суд се наоѓа во поранешната зграда на Европол во Хаг. Фото: Викимедиа комонс/ДенисХХ

Кои се, според ваше мислење, можните пречки за успешно работење на Специјализираните совети?

Ќе му пријдам на ова прашање од поинаков агол. Имено, кои се факторите според кои се мери успехот на Специјализираните совети, во исполнувањето на нивниот мандат?

Прво, лицата што специјализираниот обвинител ќе ги обвини за сериозни кривични дела, ќе мора да бидат уапсени или доброволно да се предадат, за да се соочат со наводите против нив. Се надевам дека специјализираниот обвинител, своите должности во врска со истрагата ќе ги врши експедитивно и дека ќе поднесе обвинение штом ќе биде подготвен.

Второ, обвинетите ќе имаат правични и експедитивни судења, во согласност со уставот на Косово и со највисоките стандарди на човековите права.

Трето, правата на жртвите ќе бидат ефикасно заштитени.

Четврто, Специјализираните совети и судењата што ќе се водат, ќе му дадат можност на народот во Косово, да се соочи со минатото.

Конечно, Специјализираните совети на Косово, со својот мандат, ќе ја унапредат и зајакнат правната држава во Косово.

Вие сте искусен судија, кој и претходно работел во меѓународни судови. Што мислите, колку вашето искуството од Меѓународниот кривичен суд, ќе ви користи во работата во Специјализираните совети на Косово?

Во Меѓународниот кривичен суд работев на повеќе предмети, при што се занимавав со различни правни и фактички прашања, сложени проблеми кои бараа неодложно делување, како и соодветни и навремени решенија.

Деветте години што ги поминав како судија во Меѓународниот кривичен суд и моето предходно искуство, претставуваат солидна основа за задачите кои ми се доверени во Специјализираните совети на Косово.

Важно е да се искористат стекнатите знаења и достигнувања, а не само да се потпираме врз нив, туку тие треба и понатаму да се развиваат и да се подобруваат, низ секојдневната работа на Специјализираните совети на Косово.

Ова подеднакво се однесува за сите судии наведени во списокот на меѓународни судии кои имаат солидно искуство од националните и меѓународни институции, вклучувајќи ги и меѓународните кривични судови и трибунали.

Како најнова институција која се занимава со меѓународни кривични дела, имаме единствена можност, да ги избегнеме недостатоците со кои можеби се соочиле другите правосудни институции во доменот на својата надлежност.

На кој начин, според вашето мислење, овој суд може да ја унапреди моменталната состојба во областа на кривичното правосудство? Дали постои нешто што овој суд го има, а што другите судови можат да го искористат како новина?

Структурата на Специјализираните совети на Косово и правната рамка за нивно функционирање, предвидуваат низа иновации, кои би можеле да ја унапредат областа на кривичното правосудство и, исто така, да бидат добар модел за подобрување на институциите во иднина.

Во таа смисла, би го спомнала Специјализираниот совет на Уставниот суд. Овој совет е дел од структурата на нашата институција, а неговата задача е да преиспита дали правилникот за постапка и докази е во согласност со уставот на Косово и дали ги почитува највисоките стандарди на човековите права.

Втора задача на овој совет е да обезбеди, правата на поединецот, кои се гарантирани со уставот, да бидат заштитени пред Специјализираните совети, како и во текот на секоја постапка на Специјализираното обвинителство.

Другите институции на кривичното правосудство, што се занимаваат со исти или слични кривични дела, го немаат овој механизам за заштита на основните човекови права.

Понатаму, омбудсманот е уште една новина во нашата институција, во споредба со меѓународните кривични трибунали. Неговата задача е да ги следи и да ги штити основните човекови права и слободи, гарантирани со поглавјето II од уставот, лицата кои доаѓаат во контакт со Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство, во согласност со законот и со правилникот.

И, трето, Специјализираните совети на Косово стремат кон ефикасност и ефективност во своето функционирање. На пример, законот не предвидува судиите постојано да бидат присутни во седиштето на Специјализираните совети, туку само кога тоа го бара специфичната природа на работата.

Со законот, исто така, беше востановен список на меѓународни судии и систем на функционирање во кој претседателот има овластувања да распоредува судии во различни панели, секогаш кога тоа ќе биде потребно.

Предвидовме и детално административно раководење со предметите, како и строги рокови за извршување на правосудните задачи. Ваквиот пристап, заедно со многуте други, околу кои судиите се согласија и кои ги усвоија, ќе обезбедат институцијата во целина да биде многу ефикасна.

Некои од овие карактеристики се земени од правосудниот систем на Косово, а некои ги имаат воведено судиите на пленарната седница. Овие иновации може да се разгледаат и да се земат предвид кога станува збор за идните модели на меѓународното кривично правосудство.

Имајќи ја во вид сегашната криза на Меѓународниот кривичен суд и формирањето на хибридните судови, како што е овој за Косово или оној за Централноафриканската Република, дали мислите дека ова е иднината на меѓународното правосудство? Или само привремен компромис?

Пред сѐ, не се согласувам дека Меѓународниот кривичен суд е во криза. Напротив, првиот постојан меѓународен кривичен суд работи веќе добри 15 години и ја зајакнува својата позиција на меѓународната сцена.

Проблемите што Меѓународниот кривичен суд ги има со некои земји членки, би можело да се смета за уште еден доказ дека е на вистинскиот пат во борбата против грозоморните злосторства, кои влијаат врз совеста на човештвото.

На Меѓународниот кривичен суд најмногу му се противат оние кои се плашат од моментот кога ќе бидат поканети да одговараат пред него.

Но, постоењето на Меѓународниот кривичен суд, не спречува појава на поинакви институции, како што се Специјализираните совети и хибридниот суд за Централноафриканската Република, каде што специфичноста на кривичните дела и проблемите што треба да се решат, бараат изнаоѓање на нови начини.