Македонската радио-телевизија (МРТ) и по три години не е реформирана, високо професионална и независна, спорното буџетско финансирање на мала врата се враќа во приватните медиуми, со изборните кампањи платени од буџетот се поттикнува клиентелистичкиот однос партија-медиум и нема реперкусии за државно спонзорираната пропаганда на поранешната власт, која главно се спроведуваше преку дел од националните телевизии.
Истите телевизии и натаму се доминантни играчи, само што фразата „владини реклами“ ја заменија со апели, но и со притисоци „под маса“ за државна помош и поддршка.
Брзиот подем и уште побрзиот пад на 1ТВ илустрираше дека и владејачката СДСМ не е гадлива на медиумски миленичиња, а случајoт „Рекет“, со кој се затвори ова кратко, ама бурно медиумско поглавје, не беше доволна причина докрај да се истражат финансирањето на телевизијата и партиското покровителство зад целиот проект.
Истрагата, пак, за унгарскиот капитал во медиумите блиски до опозицијата е заглавена на релација меѓу Финансиската полиција и Обвинителството.
Државниот денар се враќа на мала врата
„Ќе спречиме трошење на буџетски средства во медиумите.“
„Целосна забрана за трошење средства од Буџетот на РМ, буџетите на единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија за реклами во медиумите, освен за проекти од јавен интерес.“
Ова се категоричните предизборни ветувања на СДСМ што беа формулирани и промовирани како антипод на политиката на владиното поткупување медиуми од времето на Никола Груевски. Меѓутоа, се чини дека партијата откако е на власт, постепено ги напушта овие принципи откако се соочи со барањата, па и со притисоците на различни групи и поединци од медиумската сфера.
Парите што сега се слеваат во медиумите не се споредливи со „баснословните“ суми што ги трошеше поранешната власт. Сето не е толку очигледно дека државниот денар влијае врз уредувачките политики, како што беше во минатото.
Впрочем, тоа е нешто што како аргумент го издвојува и власта.
„Вие можете да видите дека поголемиот дел од медиумите имаат критички однос кон оваа власт“, вели за БИРН, министерот Манчевски.
Владата во 2018 прифати на весниците и на неделниците да им покрива најмалку половина од годишните трошоци за печатење и за дистрибуција. И минатата и 2018 година, таа подели 700.000 евра на 12, односно на десет печатени медиуми.
Образложението е дека тоа е пракса од другите земји со која им се помага на весниците како медиуми во криза, но и дека владата останала осамена во спротивставувањето за директна буџетска поддршка на овие медиуми.
Меѓутоа, нема контрола како печатените медиуми ги трошат парите од субвенциите, не се знае дали нивните сопственици ги вложуваат во медиумот и тие немаат обврска да покажат каков било резултат, во смисла да го подобрат квалитетот на страниците и на печатот, да не го намалуваат тиражот, бројот на вработените или платите.
Дел од овие критериуми беа услов за поддршката на медиумските организации на оваа идеја. Во процесот на договарање, тие отпаднаа.
Прочитајте каде и зошто не се почитува јасната законска забрана за рекламирање на општините во приватните телевизии и радија
Субвенциите за весниците ги разбудија апетитите и на големите национални телевизии, на локалните ТВ-станици и всушност се чини дека сите учесници во медиумската индустрија, јавно или тајно, доставија некакви барања за помош.
Овој месец, преку уредба со законска сила вредна 515.000 евра, владата одлучи да ги покрие овогодинешните трошоци за дигитализација на петте национални телевизии, Сител, Канал 5, Телма, Алсат-М и Алфа ТВ и на уште шест локални телевизии. Таа во име на големите телевизии ќе плати по 91.000, а во име на локалните по 10.000 евра на операторот А1 Македонија за дигитализација на сигналот.
Поддршката во пресрет на изборите и во екот на корона-кризата, дел од медиумската јавност ја протолкуваа како триумф на неколкумесечниот притисок за некакво ново буџетско згрижување на големите телевизии што не го добија својот „колач“ државни пари со одложувањето на изборите.
„По неколкумесечни препукувања до ниво на уцена и на бојкот – владата во предвечерието на изборите донесе уредба со која ќе ги помогне петте национални телевизии“, коментираше „Телевизија 24“, која е сопственички поврзана со кабелскиот оператор „Телекабел“.
Се чини дека обидите на Владата да излезе во пресрет на телевизиите, коишто тивко бојкотираа, отвори нова војна меѓу петте национални телевизии и кабелски оператори. Кабелските викендов ја исклучија програмата еден час во знак на протест против новото законско решение околу правата за пренос на странски програми, кое, пак, го бараа токму телевизиите.
Манчевски, во интервју за БИРН, отфрла каква било поврзаност на помошта со изборите, но истовремено открива дека владата разгледува предлози и идеи со кои би им помогнала и на другите медиуми.
Па, така на иницијатива на Синдикатот на новинарите, владата се обврза да ги покрие целосно придонесите на вработените во речиси сите медиуми со најмалку тројца вработени, вклучувајќи ги и порталите, под услов да нема намалување плати и отпуштања.
Клиентелизам на стероиди
„Целосна забрана за политичко рекламирање на радиодифузерите, освен за време на изборна кампања, во строго регулирани услови.“
И ова предизборно ветувањата на СДСМ, кое требаше да го намали клиентелистичкиот однос меѓу медиумите и партиите, не заживеа.
Манчевски уверува дека ова решение не добило законска форма, затоа што ниту една друга партија во Собранието, освен СДСМ, не била заинтересирана. Затоа, вели тој, дигнале раце, но „сѐ уште стојат на неа“.
Спротивно на своите заложби, партијата на двапати спроведе медиумски кампањи по телевизиите. Минатото лето, актуелна беше кампањата „Зборот важи“, а зимоска, кога беше јасно дека ќе има предвремени избори, по телевизиите се емитуваа спотовите „На прав пат“.
По две одделни барања на БИРН, СДСМ ги откри трошоците само за втората медиумска кампања. „На прав пат“ траеше десетина дена и се емитуваше на шесте национални – Сител, Канал 5, 24 Вести, Телма, Алсат и 21 ТВ – и на неколку регионални телевизии.
„Сумата за рекламирање не надмина 150.000 евра“, се вели во одговорот на СДСМ од јануари годинава. Договорите и фактурите што би го потврдиле ова, не ги добивме.
Покрај тоа што не се минимизираше опасноста за ваков клиентелизам кога нема избори, со закон дополнително се зголеми ризикот за партиско-медиумски клиентелизам за време на кампањите.
Аргументацијата на министерот Дамјан Манчевски за медиумските реформи можете да ја прочитате во интервјуто објавено на 08.06.2020 година на Призма
Претстојните избори ќе бидат вторите на кои државата ќе ги покрива партиските реклами во медиумите. Праксата се воведе во мандатот на оваа влада со консензус на сите партии. Законот овозможува буџетот да одвои најмногу две евра по гласач, или во пари тоа се околу 3,6 милиони евра за оваа намена.
Вака поставени работите им овозможуваат на партиите да алоцираат пари кај медиумите што се нивни поддржувачи, кои, пак, можат да возвратат со начинот на известување во нивна полза.
„Ова ги става медиумите и новинарите во нов финансиско-клиентелистички триаголник – меѓу големите политички партии, државата и медиумските сопственици. Интересот на граѓаните овде го нема“, вели за БИРН експертката за медиумски политики Снежана Трпевска од институтот РЕСИС.
Сличен став има и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ). Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски укажува дека не се изградија критериуми за тоа каде тие пари и по каков модел ќе се вложуваат во медиумите.
„Така, повторно постои опасност одредени партии да фаворизираат едни исти медиуми и на тој начин да влијаат врз нивната уредувачка политика и во иднина, а со тоа да продолжи да живее медиумскиот клиентелизам на штета на граѓаните“, додава Чадиковски во изјава за БИРН.
Министерот Манчевски за буџетското финансирање реклами ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ, која со ваквите решенија го услови формирањето на ДИК пред референдумот за името.
„По изборите размислуваме да се напушти овој модел директно од буџетот да се финансира кампањата “, рече тој.
Јалови истраги
Дамката што тешко може да се извади од медиумската политика на СДСМ останува нејзиното нескриено политичко покровителство на 1ТВ и на брзиот подем на телевизијата.
И покрај тоа што се водат две постапки против сопственикот на медиумот, Бојан Јованоски – Боки, судењето за случајот „Рекет“ и обвинението за Меѓународниот сојуз, надвор од фокусот на истрагите останаа улогата на телевизијата во рекетот, нејзиното формирање и финансирање.
А во доменот на шпекулациите остана и улогата на одредени играчи од сенка, кои се дел од политичкото подземје.
Несомнено е дека телевизијата беше искористена за етаблирање на Јовановски како моќен човек, кој се интимизира со луѓе од сите позиции во власта, специјални и регуларни обвинители, па и со судии.
Во меѓувреме, далеку од гламурозните ВИП забави и вирални инстаграм-постови, извесни Унгарци, познати како дел од Орбановата пропагандна машинерија, под еден чадор ги собраа телевизијата и пропагандните портали блиски до опозицијата.
Истражувањата на БИРН и на меѓународната истражувачка мрежа OCCPR го мапираа начинот на кој се финансираат порталите блиски до опозицијата и телевизија Алфа преку „мрсна“, но нелогична маркетинг-стратегија за онлајн-продажба на маслиново масло од Унгарија во Македонија.
Бргу по објавувањето на нашата сторија, директорот на македонската финансиска полиција, Арафат Муареми, во изјава за OCCPR ги потврди сомнежите што ги постави нашето истражување.
Тој изјави дека неговите колеги го истражувале патот на парите од Унгарија во Македонија преку Словенија и за тоа реферирале во обвинителството, но оттаму нема реакција.
„Обвинителството на Северна Македонија беше информирано за наодите од истрагата на финансиската полиција во август 2019 година, но, според Муареми, тоа сè уште не отворило истрага. Обвинителите потврдија дека биле свесни за случајот, но одбија да коментираат“, објави OCCRP.
Погледнете ја сторијата за тоа како мала фирма од предградие на Будимпешта издржуваше цели редакции во Македонија
Три години подоцна, сè уште нема разврска и за „купувањето“ на медиумите од страна на поранешната власт со државни пари.
Базата „Отворени финансии“ откри дека поранешната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ дала повеќе од 26 милиони евра на националните телевизии во периодот од 2010 до 2017 година, додека, пак, актуелната власт тврдеше оти целата сума за државно спонзорираната пропаганда на Груевски ја надминувала сумата од 38 милиони евра.
Меѓутоа, има обид да се истражи улогата, се чини, само на внимателно одбран дел од актерите во оваа државно спонзорирана пропаганда што траеше цела деценија. Случајно или не, надвор од фокусот се сопствениците и менаџментот на национални телевизии, кои со промената на власта ја сменија уредувачката политика, и од пропагандни гласила, станаа детектори на факти и на само вистини.
Специјалното јавно обвинителство (СЈО), во 2018 ја отвори истрагата „Пропаганда“, во која се спореше партиското преземање на регионалните телевизии и владиното рекламирање само кај нив.
Истрагата се занимаваше со преземањето на регионалните телевизии од страна на структури блиски до ВМРО-ДПМНЕ, кога во 2013 година, три анонимни компании во ист ден купија по две регионални телевизии и од тој момент во тие медиуми се насочи буџетската поддршка преку владините реклами.
Со истрагата осомничен е експремиерот Никола Груевски и неколку негови сопартијци и соработници, меѓутоа за нив сè уште нема обвинение. По затворањето на СЈО, случајот сега треба да го работи регуларното обвинителство.
Ништо од професионална МРТ
Партијата на Зоран Заев, во предизборната програма „План за живот“ имаше две крупни ветувања поврзани со Македонската радио-телевизија (МРТ), укинување на претплатата и професионално раководство имуно на политички влијанија.
Една од првите одлуки на новото парламентарно мнозинство во 2017 беше укинувањето на радиодифузната такса, која граѓаните ја плаќаа и преку која се обезбедуваа најголем дел од парите за МРТ. Јавниот сервис е државно финансиран со некаде околу 14,5 милиони евра.
„Оваа влада направи тука еден позитивен чекор, во смисла дека го прифати предлогот на медиумските здруженија за утврдување фиксен процент во буџетот, но тие средства сѐ уште не се доволни“, вели за БИРН, Снежана Трпевска, експертка за медиумски политики, која работи во институтот РЕСИС.
И толку. За сè друго кога е во прашање МРТ важи максимата „иста мета, исто растојание“.
„Не е решен проблемот со политичките влијанија и маргинализацијата на МРТ, но за ова не може целосно да се обвинува оваа влада, бидејќи процесите на трансформација беа долго време блокирани од опозицијата, со тоа што се одолжуваше усвојувањето на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, а потоа воопшто не се реализира изборот на новиот состав на Советот на МРТ“, додава Трпевска.
Повеќе за тоа каде заглавија реформите во Македонската радио-телевизија (МРТ) и во АВМУ можете да дознаете на овој линк
Повеќе од една година, опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, преку надлежната комисија, го кочи изборот на нови членови на советите на МРТ и на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги, тврди министерот Манчевски.
„Се обидовме и да разговараме и ги разгледавме сите правни можности, меѓутоа единствениот план за излез од ситуацијата се изборите. Со нов состав на комисијата да го спроведеме изборот.“
Првиот човек на ЗНМ, Младен Чадиковски вели дека при немањето вистински квалитативни промени во јавниот сервис, медиумскиот пазар остана заглавен меѓу интересите на газдите на телевизиите.
„Очекувањата беа дека јавниот сервис со квалитетни реформи внатре ќе стане стожер на информативната и на продукциската програма, за да може да поттикне и квалитативен натпревар кај приватните медиуми, особено кај телевизиите, а потоа и во останатата сфера“, смета Чадиковски.
Позитивни получекори
„Што од сите проблеми на кои укажуваше Прибе се денес темелно променети?“, реторички се осврнува експертката за медиумски политики, Снежана Трпевска.
„Единствено можеби тоа што веќе нема такви заплашувања на новинарите, општата атмосфера, генерално, е многу порелаксирана и има малку повеќе простор за истражувачко новинарство. Но, сè друго е речиси исто.“
Чадиковски од ЗНМ аргументира дека попуштањето на стегите во медиумите и ослободената атмосфера во општеството, сепак, донесоа позитивни промени.
„Тоа може да се огледа и во зголемувањето на бројот на истражувачки стории и критички медиумски содржини“, вели тој.
Притисоците на власта, од разработен систем за заплашување на новинарите, кој функционираше во времето на Никола Груевски, се сведоа на изолирани инциденти.
„Се чини како сега сè да е запрено, како да постои некој неформален консензус меѓу политичките актери дека најдобро е нештата да останат такви какви што се“, Снежана Трпевска, експертка за медиумски политики, која работи во институтот РЕСИС.
Три години подоцна, владата и институциите навистина се потранспарентни, иако во оваа сфера летвичката беше сериозно спуштена. Споредбата ја правиме меѓу перформансот на оваа влада и една авторитарна власт, која доби меѓународни оценки дека ја заробила државава.
И покрај овие позитивни аспекти, Младен Чадиковски жали што во медиумската сфера, во изминативе неколку години изостанаа системските реформи, кои можеа да придонесат за размрдување на пазарот на медиуми и за создавање квалитетна конкурентска атмосфера.
Според Трпевска, позитивно е и тоа што постои отвореност и подготвеност да се слушнат мислењата на граѓанските организации од медиумскиот сектор и што беа почнати некои иницијативи за промени.
„Но, се чини како сега сè да е запрено, како да постои некој неформален консензус меѓу политичките актери дека најдобро е нештата да останат такви какви што се“, заклучува Трпевска.