Истражувањa

Кoроната ја стави културата на „респиратори“

Културата се бори за кислород по неколкумесечното неработење

  • 7
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Пандемијата на корона вирусот во сферата на културата ја имаше улогата на лакмусова хартија – покажа дека без помош од државата oвој сектор е немоќен и парализиран.

Парите се најневралгичната точка кога е културата во прашање и без постоење на вонредната состојба, но извесно е дека загубите во овој сектор ќе остават длабоки последици првенствено врз продукцијата на содржини.

Институционалната култура, која е под државна капа, брои загуби, но кризата би ја пребродила позаштитена од независната сцена, која, за да добие пари, треба да влезе во центрифугата на административните процедури и да аплицира за помош од државата, да бара одложување на роковите и проектите и сл.

Театрите, кината, музеите и галериите влегоа во четвртиот месец како се под клуч.

Дваесет и седми март, 18 април и 18 мај, светските денови на театарот, музеите и на културното наследство, за првпат по многу години во светот, но и кај нас поминаа тивко и со по некоја објава на социјалните мрежи. Традиционалните 48. Мајски оперски вечери се одржаа со избор на онлајн-претстави на Јутјуб. Годинава во април го немаше ниту традиционалниот Саем на книгата.

Немаше и сè уште нема изложби, претстави и проекции, освен во помал број установи. Во услови кога фокусот е насочен кон справување со последиците врз економијата и претстојните избори, културата, како и вообичаено, е на периферијата од приоритетите.

Додека државата размислува кога и како ќе ја рестартира културата по кризата, БИРН истражуваше колку штета предизвика досегашното неработење поради пандемијата.

Театрите и музеите бројат загуби во илјадници евра

МНТ за три месеци неработење е во загуба од над 50 илјади евра | Фото: БИРН / В. Маглешов

Додека уметниците и културните работници сè уште очекуваат протоколи за тоа како ќе изгледа во иднина посетата на театрите, кината и на музеите, овие институции бројат ненадоместливи загуби поради секнување на приходите.

Последната претстава на репертоарот на Драмски театар беше изведена на 28 февруари. Оттогаш за месеците март, април и мај во овој театар не влегол ни денар од продажба на влезници. За истиот период лани, вкупно биле собрани над 16 илјади евра, велат од таму за БИРН.

Музејот на македонската борба лани за овој период собрал над 10 илјади евра, а во исто време годинава, едвај 270 евра од продажба на билети и без приходи од настани. Ако се анализираат посетите, лани за овие три месеци Музејот го посетиле над 5.700 посетители, а годинава 138.

И од Филхармонија велат дека откажале над 40 концерти и настани во март, април и мај.

Уште поголеми се загубите на Македонскиот народен театар. Лани за месеците март, април и мај, за изнајмување на просторот во касата на МНТ вкупно влегле над 56 илјади евра. За истиот период годинава се собрани едвај 2.300 евра од продажба на влезници, додека кај ставката изнајмување простор, и овде износот е 0.

„Имаме пад на приходот од продажба на билети од 95,85 отсто, од изнајмување 100 отсто во 2020, во однос на 2019 година“, велат од таму за БИРН.

„За месец март 2020 година беа однапред продадени одреден број билети за претстави оналјн, бевме обврзани да им ги вратиме уплатените износи на гледачите“, велат од Опера и балет за БИРН.

Овие намалени приходи се причина, тие што биле ангажирани со договор на дело да останат и без работен ангажман, бидејќи, како што раскажа претседателката на Синдикатот на културата, Сања Арсовска, во повеќето културни институции, хонорарците „се исплаќаат од сопствените сметки“, а таму со месеци нема приходи.

И културните установи од внатрешноста имаат речиси празни сметки во изминатава сезона. Велешкиот театар, кој лани собрал 7.500 евра, изминативе месеци е без приходи од продажба на билети.

Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ од Куманово лани за овој период имал приходи од приближно 3.000 евра. Годинава, во овој период, нема приходи. Директорот, Сашо Тодоровски вели дека оваа институција е во хибернација по кризата, а дека штетите се немерливи.

„Центарот за култура во Куманово секојдневно имаше врвулица на преку 800 дечиња кои одеа на модерен танц, фолклорна дејност, драмска дејност. Сега сето тоа е замрено. Од друга страна, не можеме да реализираме и да создадеме ниту еден проект, независно дали е од наша сопствена продукција, театарска претстава или од музички концерт, или е од проектите одобрени од Министерството“, потенцира Тодоровски за БИРН.

Тој вели дека за неколку продадени претстави ќе треба да им ги вратат парите од билетите на публиката бидејќи нема да може да се одиграат.

Освен тоа, со одлука на владата oд април, беа скратени средства од сите министерства и институции за полнење на фондот за борба со корона вирусот.

Министерството за култура не претрпе посериозни кратења на буџетот (157 илјади евра), во споредба со сумите што беа скратени од Министерството за одбрана (23 милиони евра), за труд и социјална политика (над 9 милиони евра), за транспорт (5 милиони евра)…

Сепак, бројките говорат дека за буџетското финансирање на дејностите од областа на културата, со одлуката на владата и ребалансот на буџетот, се скратени над 3,7 милиони евра. Од тие пари, најголеми кратења, или приближно 860 илјади евра се за одржување на објектите и опремата во институциите од културата што не работат, 644 илјади евра за заштита на културното наследство.

Пари се скратени и од Агенцијата за филм, драмска, музејска, издавачка дејност, библиотекарство, односно речиси и да нема ставка каде што нема скратено средства.

Режисери и сликари ги откажаа изложбите и претставите

Одложените проекти се размислува да се префрлат за догодина | Фото: БИРН / В. Маглешов

Никола Пијанманов е академски сликар од Струмица. Зад себе има изложби, скулптури, ликовни илуминации… За БИРН вели дека како самостоен уметник бил погоден од кризата бидејќи му била откажана изложбата што ја подготвувал една година.

„Еден од најплодните творечки периоди ги имав во време на кризата. Но, тоа е за духовниот аспект. За материјалниот, почувствувавме сите. Неизложувањето со себе го носи и ризикот на стагнација во продажбата на уметничкото дело или откуп од галеристи и колекционери“, раскажа Пијанманов за БИРН.

Короната го одложи колективниот договор во културата

За време на вонредната состојба беше одложен колективниот договор за културата до крајот на 2020 година, што ги налути уметниците и културните работници.

„Владата не може да суспендира права кои вработените ги стекнале со колективен договор. Тоа единствено го можат потписниците на договорот, во случајот Министерството за култура, СКРМ и СОНК“, смета претседателката на синдикатот, Сања Арсовска. Појасни дека таа одлука не постои во форма на уредба за да може да стапи во сила.

На иста линија со него се и младите режисери Милош Андоновски и Драгана Стојчевска Гунин.

„Проектот што почнав да го работам во кумановскиот театар на втори март се паузираше, како и сè друго во нашите животи. Исто така, претставите што ги имам на независната сцена се откажани“, раскажа Гунин за БИРН, додавајќи дека за дел од проектите сè уште е неизвесно дали ќе се сработат во текот на годината.

Она во што сите соговорници на БИРН се сложни е дека особено погодена од последиците од затворените институции ќе биде независната културна сцена.

„Независната сцена не е машина како институционалната. Има помал број публика и помала заработка“, смета Андоновски. Независната сцена, според него, „ретко кога има свој простор и всушност е многу зависна од сè“.

Од Министерството за култура, за БИРН, велат дека на уметниците, чии проекти што се финансирани од државата не се реализирани или се откажани поради здравствено-економската криза, им се дава можност да бидат реализирани во друг термин.

„Во Министерството за култура се прават анализи, некои од поддржаните проекти и активности, да се остави отворена можноста да се префрлат за следната година, доколку постојат услови тоа да се направи“, велат од таму.

Уметници и културни работници на минималец

Државата обезбеди две плати за погодените од кризата | Фото: БИРН / В. Маглешов

Најголемиот дел вработени или ангажирани во културниот сектор добија помош од државата. Сумите не се големи, иако со оглед на тенденциите, помош ќе биде потребна и во следниве месеци.

Градот Скопје, во проектот „Култура во време на корона“ издвои над 43 илјади евра и со нив поддржа 226 уметници.

„Со овој проект, за сите уметници што настапија во проектот добија еднаков солидарен хонорар од 14.500 денари, додека уметниците што имаа редовни примања, настапуваа солидарно и без надомест“, велат од Градот за БИРН.

Владата првично донесе уредба со која овозможи минималец за месеците април и мај, за 142 самостојни уметници што се регистрирани и добивале проекти од Министерството за култура. Овие пари може да ги добие самостоен уметник, кој е регистриран како поединец во Централниот регистар.

Министерството за култура исплати над 70 илјади евра за два месеца за оваа намена. Дополнително, самостојните уметници месечно добиваат и надомест за придонеси.

По оваа мерка, беа донесени уште две уредби со кои беше проширен опфатот на лица, па потоа влегоа филмските работници и хонорарно ангажираните културни работници, па и тие за два месеца добија по 14.500 денари.

Но, помладите уметници, кои почнале да создаваат пред неколку години, за БИРН велат дека не влегуваат во ниедна од трите категории за помош.

„Едно време не ги исполнував условите, меѓутоа кога веќе имам доволно претстави и перформанси, поставени драмски текстови, како и адаптирани романи и приказни и радиодрами, беше доцна да се аплицира“, вели режисерката Гунин за БИРН.

Андоновски раскажа дека за да се регистрира како самостоен уметник, тоа е процедура што чини пари.

„Во разговор со самостојни уметници што ги познавам ми беше кажано дека нивната постапка за регистрирање ги чинела од 10 илјади до 12 илјади денари“, вели тој.

Андоновски тврди дека за да аплицираат за последната мерка на владата за минималец, еден од потребните документи е да приложат потпишан договор со институцијата за проектот за кој се одобрени средствата и кој е откажан.

„Повеќето колеги, меѓу кои и јас, кои имаме проекти во некои од институциите – немаме потпишано договори зашто проектите сме требало да ги работиме во април или во мај, а договори се потпишуваат непосредно пред почетокот со работа на проектот“, потенцира Андоновски.

Со владината уредба не се опфатени вработените во граѓанските организации што се занимаваат со културата, вели за БИРН, Биљана Тануровска-Ќулавковски, раководителката на „Локомотива“ и менаџер во културата.

„Тие, исто така, се оштетени, нивните проекти се одложени, или некои се откажани, а, за жал, воопшто не се опфатени“, раскажа таа.

Редуцирани уметници на сцена и малубројна публика

Се бараат нови начини за да се привлече публиката | Фото: БИРН / В. Маглешов

Додека да бидат донесени протоколи за тоа како ќе изгледа во иднина одењето во културните установи, уметниците и културните работници се во прашалници за тоа како тие ќе ги приспособат своите дела за изведба пред публиката.

Биљана Тануровска-Ќулавковски е децидна дека кризата ќе влијае врз целиот сектор, па и врз танцот како изведбена уметност.

„Секое ограничување влијае врз реформацијата на тие изведбени тела во просторот, па наместо 10 тела што изведуваат, ќе гледаме две на сцена и 15 во публика“, вели таа.

Потенцира дека е важно да продолжат да го создаваат она што го работат, без да се задржат на познатите формати: „Во театарот тоа е читање драми, размена на текстови, во перформанс и современ танц – поинакви колективитети преку други медиуми…“

Тануровска-Ќулавковски појасни дека се обидуваат да вложуваат во процеси, наместо во продукти, за како што вели, да влијаат контра консуменството, во линија на производство на мисла и содржина.

Институциите се снаоѓаа(т) на свој начин

Дел од културата се пресели на интернет | Фото: БИРН / В. Маглешов

Претседателката на Синдикатот на културата, актерката Сања Арсовска, за БИРН изјави дека од околу 100 јавни институции во државата во изминатиот период, само неколку нашле начини да функционираат во услови на пандемија.

„За ваквата состојба не се виновни толку и директорите, колку што е виновно Министерството за култура“, вели Арсовска и додава дека институционалната култура потфрлила под овој предизвик, но не по вина на вработените.

„МСУ затворен поради корона вирусот“, сè уште пишува на насловната интернет-страница на Музејот на современа уметност, на која нема линк, ниту адреса каде можат да се најдат онлајн-содржините споделени за време на вонредната состојба. Ако сакате да видите што објавил музејот во време на епидемијата, ќе треба да ги побарате на Фејсбук, каде што има објави со дел од колекциите и списанија.

Допрва ќе се утврди како ќе изгледа одењето во театар и во кино

Министерството за култура, за БИРН, потврди дека формирале работна група, која треба да изготвува предлози за отпочнување со работа на установите од областа на културата, кои ќе послужат како основа за изготвување протокол за работа.

Една од установите што овозможи онлајн-пристап е и Археолошкиот музеј, кој ја објави дигиталната виртуелна тура за изложбата „100 години Требениште“. Од таму се пофалија дека интересот бил огромен и само по само две недели од објавата, изложбата ја погледнале над 5.000 посетители.

Музејот на Македонија објавуваше документарни филмови на јутјуб-каналот и на Фејсбук, а Музејот на македонската борба објави кратки видеоклипови од изложби, едукативни видеа и сл.

Короната анимираше и дел од домашните театри, кои на Јутјуб објавуваа постари претстави од репертоарот. Тоа го направија МНТ, Драмски театар, Театар Комедија и другите театри од внатрешноста.

Судејќи по бројноста на прегледите на објавените видеа, јасно е дека има интерес кај граѓаните и за онлајн-културата, која во овој период се бореше да не остане во заборав.

Само претставата „Сомнително лице“ на МНТ, на Јутјуб има над 65 илјади прегледи. Ако се земе предвид тоа што големата сала во МНТ има 724 седишта, излегува дека претставата „виртуелно“ била одиграна 90 пати пред полна публика.

И покрај интересот, извесно е дека неколкумесечното неработење и мерките за заштита од вирусот на културните установи, во иднина ќе донесат помалку публика, а со тоа и помали приходи.

Културата, која важи за економски најранлива, допрва ќе ги почувствува последиците, но и културниот живот, кој е еден од најважните чинители во секое општество.