Репортажи

Црвен крст во испомош на старите и на изолираните

БИРН во посета на мобилните екипи што вршат набавки за ранливите категории

  • 6
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Не сакам да ‘рескирам’ и да одам на матичен, а ми треба терапија. Ве молам пратете екипа кај мојата докторка за да ми пропише лекови зашто имам апчиња само за уште три дена“, ова беше содржината на еден од повиците што утрово дојде во општинската организација на Црвен крст во Карпош.

Се јави жена на 68 години, која живее сама и веќе десетти ден е во самоизолација бидејќи имала многу контакти претходниов период.

Господ да ве чува“, вака таа ја поздрави операторката откако ја препрати да се јави кај еден од мобилните тимови.

Слободан Митровиќ координаторот на тимовите | Фото: БИРН/В.А.

Од денеска, па сѐ додека трае кризата со корона вирусот, Црвен крст ќе ги услужува граѓаните како оваа госпоѓа на целата територија од градот Скопје. Приоритет имаат најранливите категории – старите и изнемоштени лица, болните, луѓето со посебни потреби и тие што се во самоизолација или во изолација, тие што мораат да седат дома зашто биле во контакт со лица што подоцна се испоставило дека се заразени од корона вирусот.

Црвен крст нуди само бесплатна услуга, достава, додека граѓаните, сепак, ќе треба да си платат за набавките.

На првиот ден од акцијата зборувавме со Слободан Митровиќ, теренскиот координатор на мобилните тимови што ги услужуваат граѓаните, или како што интерно се викаат, тимовите за катастрофа. Сепак, во седиштето на Црвен крст во Карпош денеска беше мирно, изгледаше како да е обичен ден и секој си ја бркаше работата, иако велат дека утрово е малку пораздвижено од вообичаено.

За некаква вонредност укажуваа само кутиите со хируршки маски и гумени ракавици и неколку пакетчиња влажни марамчиња, кои беа поставени на една од масите.

Сите граѓани на кои им треба помош на територијата на Град Скопје може да се јават во Црвен крст и да побараат асистенција доколку им треба некој да им купи храна или да им обезбеди лекови. Црвен крст ги прима повиците во период од 8.30 часот, па сѐ до 12.30 часот.

„Не се плашиме.“ | Фото: БИРН/Владо Апостолов

Пред нашата посета се јавиле вкупно седум лица, од кои две биле во изолација. За комуникација со нив има посебна процедура. Активистите на Црвен крст најнапред одат до нивниот дом да ги земат парите и нарачката, луѓето им ги предаваат банкнотите во посебни кеси и притоа држат дистанца од метар и пол до два. Луѓето потпишуваат и одреден документ во кој се изјаснуваат колку пари им дале на волонтерите.

Активистите на сличен претпазлив начин им ги доставуваат и нарачките. Денеска ги придружувавме во овој хуманитарен шопинг во „Тинекс“, веднаш до Драмски театар, каде што купуваа продукти за две фамилии, од кои едната е во принудна изолација.

Купуваа претежно овошје, леб и средства за хигиена.

Нивните црвени униформи предизвикаа внимание во маркетот.

Деца, чувајте се“, им порача жената со шарена маска на лицето, која го дополнуваше рафтот со овошје.

Во тие моменти, една од нејзините колешки ги прскаше корпите заради дезинфекција.

„Секако дека сме претпазливи во контактот со луѓето во изолација, но не се плашиме. Подобро е ние да им помогнеме, отколку тие да шетаат по продавници“, вели една од активистките.

Нема зошто да се плашиме, ако сѐ оди по процедура. Соодветно сме заштитени“, уверен е координаторот на тимовите, Митровиќ.

На територијата на градот има десет тимови на Црвен крст, составени од еден логистичар и еден парамедик, човек кој не е медицинско лице, ама е обучен да пружи базична прва помош

Општинската организација на Црвен крст од Карпош го покрива подрачјето на oпштините Карпош, Сарај и Ѓорче Петров.

Претходно, додека сѐ уште бевме во нивните канцеларии, се јави еден возрасен господин, се распраша за тоа како Црвен крст може да ѝ помогне на неговата сосетка во Ѓорче Петров, која живее сама и не може да излегува надвор. Не следела телевизија, уште помалку интернет и не чула за акцијата.

На територијата на градот има десет тимови на Црвен крст, составени од еден логистичар и еден парамедик, човек кој не е медицинско лице, ама е обучен да пружи базична прва помош. Тимовите биле многу активни и за време на поплавите околу скопското село Стајковци и во испомош за мигрантите, кризната 2015 година.

„Сега има тивка паника, а тогаш беше баш бучно“, ни спореди координаторот Митровиќ.

Нивните црвени униформи предизвикаа внимание во маркетот | Фото: БИРН/Владо Апостолов

Во канцеларијата на Црвен крст, утрово беа присутни и неколку млади волонтери, средношколци. Варат добро турско кафе, купуваат ако треба нешто и вршат добар дел од логистиката, но, сепак, во ова време поискусните се тие што одат на терен.

Во тие моменти се прошири и веста дека претседателот Пендаровски попладне ќе прогласи вонредна состојба.

А, состојбата во градот веќе со денови не е баш редовна. Има редици пред аптеките, поштите и пред банките. Не пуштаат повеќе лица одеднаш и на некои места има обележано растојание на кое треба да стојат муштериите.

Кафулињата не работат, затворени се партиските штабови излепени со најновите постери, а за разлика од секој вообичаен работен ден, денеска лесно можеше да се најде паркинг пред Центарот за странски јазик, во чија близина се канцелариите на Црвен крст од Карпош. Цела чета таксисти дремеа пред фонтаната во Градскиот парк.

Во аптеките една маска веќе чини 300 денари, ама ракавиците се евтини. Пред да ги купите ќе треба да знаете која големина носите.

За тебе „Л’“, за неколку секунди пресуди аптекарката од која ги купив ракавиците и маската.

Скопските кафулиња се празни | Фото: БИРН/Владо Апостолов