Репортажи

Град на духови, брзо возење и брза храна

  • 7
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Ретко може да се види толку многу празнина во Скопје | Фото: БИРН

Скопје се буди по ноќта, во која заспа во 18 часот. Претпазливоста од корона вирусот, заедно со прецизните мерки и препораки од властите за да се спречи неговото ширење, синоќа го испразнија главниот град.

Познатите пешачки зони и улици со кафулиња во 20 часот изгледаа како што обично изгледаат во три часот по полноќ, во зима. Само понекој заталкан минувач во целосната темнина на кејот на Вардар, не повеќе од дваесетина луѓе на целата улица Македонија и ниту еден на Ленинова (Аминта Трети), освен контролорот за паркинг.

Ретко може да се види толку многу празнина во Скопје. Пусти улици, испразнети паркиралишта, угаснати светилки, паркирани таксисти што чекаат патници многу подолго од вообичаеното, малкумина минувачи на најпрометните места.

Звуците од брзите автомобили и мотори ја распаруваа тишината во раната вечер | Фото: БИРН

Љубителите на брзото возење по градските улици (епидемија што ја мачи државата многу подолго од корона вирусот) максимално го искористуваа разретчениот сообраќај. Звуците од брзите автомобили и мотори ја распаруваа тишината во раната вечер. Полицијата и онака имаше друга работа, мораше да патролира на Водно за да ги растера забавите организирани како алтернатива на затворените угостителски објекти.

Малку минувачи на прописна оддалеченост – Скопје во 19.30 часот | Фото: БИРН

Ниту Холивуд досега не се сетил да направи вирус што се шири без симптоми. Секој може да биде ризичен, и тој што изгледа најздраво, и најизнемоштениот. Разретченото движење низ центарот на Скопје ја покажува загриженоста. Луѓето се обидуваат да ја одржат препорачаната оддалеченост од еден метар од другите – и на автобуските станици, и на пешачките премини, и продавниците.

Пред трафиките, како ретки објекти што работат по 18 часот, едни чекаат подалеку од шалтерот, додека тие пред нив не купат и се оддалечат. Надвор од тоа и нема многу каде да се шета.

Само светлината од „Скопје 2014“ ги осветлуваше масите во кафулињата | Фото: БИРН

Рестораните, кафулињата, казината, обложувалниците, повеќето имаа натписи дека ги почитуваат мерките за спречување на ширењето на корона вирусот. Не само низ центарот, туку и маалските низ Лисиче, Аеродром, Кисела Вода. Немаат многу избор бидејќи нема да поминат само со прекршочна пријава за непочитување на работното време.

Владата најави дека прекршителите на мерките за заштита од вирусот ќе се гонат според двата члена од Кривичниот законик, кои се однесуваат на пренесување заразни болести и непостапување по прописите за време на епидемија. Во двата члена се предвидени и затворски казни, од шест месеци до три години, ако намерно се загрози здравјето на луѓето.

Повеќе инспекции – пазарната, санитарната и трудовата се задолжени постојано да патролираат и да поднесуваат пријави од Јавното обвинителство за непочитувањето на мерките. И полицијата е вклучена да го спроведува овој неформален, но ефектен полициски час.

Неколку пекарници беа отворени, но само за продажба, без задржување | Фото: БИРН

Освен трафиките, навечер работат само уште супермаркетите, малите продавници и семкарниците. Продавачи стојат покрај полните стаклени сандаци со топли испечени кикиритки. Петок навечер, пријатно пролетно време, но купувачите ги нема.

„Џабе седиме и ние. Подобро и ние да затвориме бидејќи и онака никој не излегува“, прокоментира еден продавач.

И дел киосци за брза храна „креативно“ ја толкуваа одлуката на Владата | Фото: БИРН

Меѓу ретките што останаа отворени беа и понекоја пекарница, сендвичарница или дуќан за пица на парче. Во владината одлука не беше прецизно наведено како треба да постапат објектите што послужуваат храна шалтерски, па иако најголемиот дел затворија, неколку одлучиле да ја искористат „креативната слобода“ и да продолжат да продаваат по 18 часот. Единствено им препорачуваа на луѓето да не се задржуваат внатре.

Тешко може да се каже дека мерките целосно се почитуваат. На социјалните мрежи повремено излегуваат фотографии од полни кафулиња преку ден, игралишта преполни со деца итн. Но, комбинацијата од страв и од строги правила, барем навечер, имаше ефект.

На улица Македонија имаше неколкумина | Фото: БИРН

На кејот еден минувач | Фото: БИРН

На Ленинова ниту еден | Фото: БИРН