Регион

Црвените беретки „протеруваа, мачеа и убиваа Бошњаци“

Радоша Милутиновиќ, Белград

Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ Френки во судницата во Хаг во 2017 година. Фото: EПA/Mајкл Корин/Ројтерс

Заштитениот сведок на обвинителството, пред Механизмот за меѓународни кривични трибунали (MМКТ) во Хаг, изјави дека Црвените беретки, во мај 1992 година, ги протерувале, убивале и мачеле муслиманите во Добој и околината.

Сведокот, кој бил член на Црвените беретки, изјави дека наредбата за протерување на муслиманите ја дал командантот на единицата, Радојица Божовиќ.

Како доказ дека постоела врска меѓу Божовиќ и СДБ, обвинителството понуди видео снимка на смотра на ветераните на Црвените беретки од 1997 година.

На снимката Божовиќ, на тогашниот српски претседател, Слободан Милошевиќ, му бил претставен како полковник за специјални операции на СДБ Србија.

Тој му одговара: „Здраво, Божовиќ, ги прочитав вашите извештаи“ .

Станишиќ, и неговиот помошник, Франко Симатовиќ Френки, се обвинети за прогон, убиства, присилен трансфер и депортација на муслиманите и на Хрватите за време на војните во Хрватска и во Босна и Херцеговина.

Според обвинението, „Црвените беретки“ биле под контрола на СДБ на Србија.

Злосторствата за кои се обвинети Станишиќ и Симатовиќ, според обвинителите, биле извршени во рамките на здружен злосторнички потфат, чија цел била трајно и насилно отстранување на Хрватите и на муслиманите од големи делови на Хрватска и на БиХ, со цел нивно припојување кон српската држава. На чело на тој потфат, наводно бил Молишевиќ.

Сведокот РФЈ-165, Србин од Добој, нагласи дека во април 1992 година, бил обучуван во кампот на Црвените беретки на планината Озрен, со кој командувал Божовиќ.

Од полицајците во Добој, сведокот, како што рече, дознал дека Божовиќ и инструкторите во кампот, биле членови на СДБ на Србија.

Пред нападот на Добој, на 7 мај 1992 година, Божовиќ и другите инструктори, им наредиле на Црвените беретки, да го протераат муслиманското население, рече РФЈ-165.

„Ни рекоа дека сите муслимани од таа област треба да се отстранат“, додаде тој.

Сведокот нагласи оти во Добој немало „организиран отпор“ на муслиманите.

Мажите, Бошњаци, особено оние влијателните и богатите, биле апсени, мачени и убивани, а жените и децата биле насилно преместувани, сведочеше РФЈ-165.

„Ова беа лекари, влијателни луѓе, кои дури и не ѝ беа приврзани на муслиманската вера … Еден лекар кој спасува животи, некој да го тепа само затоа што се вика Амир“, рече сведокот.

Сведочејќи преку видео врска, од далечена локација, РФЈ-165 истакна оти бил сведок на закопувањето на телата на убиените на планината Озрен.

„На Озрен видов како телата се ставаат во гробови, не можам да го кажам точниот број. Знам дека голем број муслимани, влијателни и со финансиската моќ, тогаш исчезнаа. Претпоставувам дека тоа беа тие“.

На закопувањето на телата, според сведокот, присутен бил и Божовиќ.

Сведокот рече дека една група од Црвените беретки „имала задача да убива цивили“.

„Во Јаховац една жена, инвалид, беше сама, немаа што да земат, па влегоа во куќата, излегоа и преку рамо фрлија бомба“.

Запрашан од обвинителот, Едвард Русо, како знае дека Црвените беретки биле во групата за убивање, сведокот одговори: „Имаа исти ознаки и беретки какви што имавме ние … се знаевме меѓу себе“.

Во декември минатата година, откако Апелацискиот совет на Хашкиот трибунал ја укина првостепената ослободителна пресуда која што им беше изречена, Станишиќ и Симатовиќ се изјаснија за невини по обвинението.

Советот процени дека имало погрешна примена и толкување на законот, кога тие двајца беа ослободени од обвиненијата. Тој наложи процесот да се обнови и сите сведоци и докази да бидат повторно изведени пред нови судии.

Судењето продолжува во среда.