Регион

„Црвените беретки“ во БиХ „убивале цивилни затвореници“

Радоша Милутиновиќ, Белград

Станишиќ и Симатовиќ во судница. Фото: БИРН/АП

Един Хаџовиќ, сведок на обвинителството, пред Механизмот за меѓународни кривични трибунали (MМКТ) во Хаг, во средата изјави дека „Црвените беретки“, на 12 јули 1992 во Добој, убиле заробени Бошњаци и Хрвати.

Хаџовиќ раскажа како на тој ден, за време на нападот на Армијата на Босна и Херцеговина на Добој, „Црвените беретки“, како „човечки штит“ пред себе истуриле педесетина заробени Бошњаци и Хрвати.

Сведокот опиша оти, пред затворениците да бидат одведени како „човечки штит“, командантот на „Црвените беретки“, кого подредените војници го ословувале како Голуб, „извадил пиштол и го застрелал затвореникот Драго Калем, велејќи: ’Вака ќе помине секој кој ќе се обиде да избега“.

Заробениците потоа биле принудени да тргнат кон позициите на Армијата на БиХ, додека српските војници зад нив, отвориле оган, рече Хаџовиќ.

При ова, голем број на затвореници биле убиени, додека сведокот, како што самиот кажа, успеал да избега, заедно со уште еден Бошњак.

Хаџовиќ сведочеше дека во 2000 година помогнал да бидат идентификувани 27 тела, пронајдени во масовна гробница и дека една од жртвите бил Драго Калем.

Станишиќ, поранешен шеф на СДБ на Србија, и неговиот помошник, Симатовиќ, се обвинети за прогон, убиства, депортација и присилен трансфер на цивили, за време на војните во Хрватска и во БиХ.

Според обвинението, овие злосторства биле извршени од паравоени формации, како што биле „Црвените беретки“, контролирани од СДБ на Србија.

Според обвинението, „Црвените беретки“ во Добој, ги предводел Живоин Ивановиќ, познат како Жика Црногорац, истакнат припадник на Единицата за специјални операции на СДБ на Србија.

За време на вкрстеното испрашување на Хаџовиќ, одбраната на Симатовиќ тврдеше дека лицето Голуб, кој го убил затвореникот, бил всушност Голуб Максимовиќ. Сведокот одговори дека тоа не го знае.

Хаџовиќ ја прифати сугестијата на адвокатот на Симатовиќ, дека власта во Добој ја имале локалните функционери, Милован Станковиќ, Андрија Бјелошевиќ и Милан Нинковиќ.

На Нинковиќ, поранешен член на кризниот штаб на општина Добој, и на Бјелошевиќ, како поранешен началник на Центарот на службите за безбедност во Добој, во моментов им се суди пред Судот на БиХ, за воени злосторства.

Сведокот потврди дека слушнал кога дозвола на Голуб, да ги потера затворениците во „човечки штит“, преку радио-станица му дал шефот на полицијата, Бјелошевиќ, со препорака да се „постапува хумано“.

На сугестијата на адвокатот Петровиќ, дека „над сите овие формации“, кои носеле црвени беретки, контрола имале Станковиќ, Бјелошевиќ и Нинковиќ, сведокот одговори: „Не знам, претпоставувам дека имале“.

Во декември минатата година, откако Апелацискиот совет на Хашкиот трибунал ја отфрли првостепената ослободителна пресуда која што им беше изречена, тие се изјаснија за невини по обвинението.

Советот процени дека имало погрешна примена и толкување на законот, кога Станишиќ и Симатовиќ беа ослободени од обвиненијата. Тој наложи процесот да се обнови и сите сведоци и докази да бидат повторно изведени пред нови судии.

Судењето на Станишиќ и на Симатовиќ ќе продолжи во четврток.