Регион

Уапсени двајца полицајци во рамките на истрагата за убиството на Ивановиќ

Дие Морина, Приштина

Оддавање на почит на убиениот Оливер Ивановиќ. Фото: Бета

Полицијата на Косово во саботата уапси двајца полицајци од северниот дел на Митровица, поради сомневање дека манипулирале со доказите на местото на убиството на Ивановиќ.

„Овие двајца полицајци беа задолжени за чување на местото на злосторството и тие не ја извршија својата работа според правилата“, изјави за БИРН, обвинителот задолжен за случајот Ивановиќ, Нјази Реџа.

Полицијата во саботата објави дека по барање на Основниот суд во Митровица, бил извршен претрес на две локации во северниот дел на Митровица.

При претресот, полицијата запленила пиштол и два шаржера со 9 куршуми.

Ивановиќ беше лидер на политичката партија Слобода, демократија, правда, политички противник на партијата Српска листа, која има поддршка од Белград, а која е дел од косовската влада.

Ивановиќ беше убиен на 16 јануари, пред седиштето на неговата партија во Митровица. Неговото убиство остро го осудија ЕУ, Србија и Косово.

Како што БИРН веќе објави, Ивановиќ неколку пати пред својата смрт, изјави дека тој и неговото семејство добиваат закани и дека побарал помош од Косово, од Србија, но и од други, но без никакви резултати.

Србија го прогласи неговото убиство за терористички чин и побара да учествува во пронаоѓање на сторителите.