Регион

Убиецот на Ивановиќ „е сé уште на слобода”

Крешник Гаши, Дие Морина/Приштина

Улицата во Митровица во која во јануари беше убиен Оливер Ивановиќ. Фото: ЕПА/Ѓорѓе Савиќ

Во документот на Специјалното обвинителство на Косово, во кој БИРН имаше увид, се вели дека лицето што го уби Оливер Ивановиќ, пред седиштето на неговата партија во Митровица во јануари, сѐ уште не е идентификувано.

Во него се додава оти трите осомничени лица, кои беа уапсени во рамките на истрагата, но и другите по кои се трага, го помогнале убиството, со ставање на објекти на располагање, или со криење на доказите.

Според документот, Специјалното обвинителство досега сослушало 40 сведоци во врска со убиството.

На 23 ноември, косовската полиција уапси три осомничени лица; двајца припадници на косовските полициски сили, Драгиша Марковиќ и Недељко Спасојевиќ, додека третиот, Марко Росиќ, е навивач на фудбалскиот клуб Партизан од Белград.

Во овој случај, осомничен е и Милан Радоичиќ, потпретседател на партијата на косовските Срби, Српска листа, која ја има поддршката од Белград, но тој успеа да го избегне апсењето.

Ивановиќ, непосредно пред да биде убиен, го окарактеризира Радоичиќ како вистински владетел на северно Косово.

Радоичиќ моментално се наоѓа во Србија и тој е на слобода.

Во ноември, обвинителот што ја води истрагата за убиството на Оливер Ивановиќ, за БИРН изјави дека секретарката на Ивановиќ, Силвана Арсовиќ, е уапсена под сомнение дека манипулирала со безбедносните камери кои се наоѓаат во седиштето на партијата на Ивановиќ во Митровица.

„Таа била службеник во канцеларијата на Оливер Ивановиќ и била плаќана како секретарка. Се сомневаме дека таа манипулирала со безбедносните камери“, ни кажа обвинителот, Сила Хоџа.

Ивановиќ беше лидер на партијата „Слобода, демократија, правда“. Го сметаа за умерен политичар кој се залага за соживот на српското малцинство и албанското мнозинство во Косово.

Во времето на убиството, на Ивановиќ му се судеше во обновен судски процес по обвинението дека дал наредбата за убиство на Албанци во Митровица во 1999 година. Тој, тогаш изјави, дека не е виновен.