Регион

Убиството на Оливер Ивановиќ: Досегашните апсења

Припадник на специјалната полициска единица на Косово | Фото: ЕПА-ЕФЕ/Валдрин Џемај

Неколку лица досега се уапсени за наводна поврзаност со убиството на српскиот политичар од Косово, Оливер Ивановиќ, вклучувајќи и една негова поранешна соработничка, двајца полицајци и други лица, наводно, поврзани со криминални банди.

Последното лице кое беше уапсено поради постоење на сомневање дека е поврзано со убиството на Оливер Ивановиќ, е неговата поранешна секретарка, Силвана Арсовиќ, на која во понеделникот ѝ беше одреден 48-часовен притвор.

Претходно, на 23-ти ноември, специјалните сили на косовската полиција уапсија уште три лица, наводно поврзани со убиството извршено во јануари оваа година.

А пред четири месеци, полицијата во Приштина уапси еден црногорски државјанин и еден навивач на Партизан од Белград, познат по своите врски со криминалците.

Тие првично беа уапсени поради наводна поврзаност со убиство во подземјето, но медиумите подоцна објавија дека тие, исто така, биле сослушани и во рамките на истрагата за убиството на Ивановиќ, иако обвинителството ниту ги потврди, ниту ги негираше овие информации.

Сепак, еден од осомничените, останува надвор од дофатот на косовските власти – Милан Радоичиќ, бизнисмен и политичар, кого Ивановиќ, непосредно пред неговото убиство, го опиша како вистински носител на моќ во северно Косово.

Силвана Арсовиќ

Арсовиќ, поранешна секретарка на Оливер Ивановиќ, која работи во седиштето на неговата партија, пред кое Ивановиќ беше убиен, беше уапсена во понеделникот, под сомнение дека манипулирала со безбедносните камери во седиштето на партијата.

„Таа била службеник во канцеларијата на Оливер Ивановиќ и ја плаќале како секретарка. Се сомневаме дека таа манипулирала со безбедносните камери“, ни кажа обвинителот, Суље Хоџа.

На Арсовиќ ѝ беше одреден 48-часовен притвор, а Хоџа истакна дека нема да бара продолжување на притворот.

Драгиша Марковиќ

Марковиќ, припадник на косовските полициски сили, беше уапсен на 23 ноември, за време на акцијата на специјалните сили на косовската полиција.

Тој и претходно беше апсен, на 10 февруари, поради сомнение дека во јануари манипулирал со доказите на местото на убиството.

Марковиќ беше уапсен во февруари заедно со уште еден полицаец, но беше ослободен еден ден подоцна.

„Овие двајца полицајци беа задолжени за чување на местото на злосторството и не ја завршија работата како што треба“, изјави за БИРН Нијази Реџа, обвинител кој, исто така, работи на случајот Ивановиќ.

Извор: БИРН

И двајцата полицајци беа суспендирани, а набрзо потоа се вратија на работа, но неколку месеци подоцна, Марковиќ повторно е уапсен.

Недељко Спасојевиќ

Спасојевиќ е, исто така, полицаец во косовската полиција, кој беше уапсен во акцијата извршена на 23 ноември.

Марко Росиќ

Росиќ, чие име српските медиуми го поврзуваат со навивачите на Партизан од Белград, беше уапсен на 23 ноември, во акцијата во северно Косово. Неговиот адвокат, Милош Делевиќ, за новинската агенција Танјуг, изјави дека неговиот клиент за време на сослушувањето изјавил дека не е виновен за помагање во убиството.

„Јас за својот клиент ќе барам да се брани од слобода, бидејќи не постои основано сомнение дека го сторил кривичното дело за кое е обвинет“, рече Делевиќ.

„Алтернативно, ќе дадеме предлог да се утврди поблага мерка од мерката притвор, како, на пример, домашен притвор или ветување дека нема да избега, при што пасошот ќе му го предаде на судот“, додаде тој.

Марио Милошевиќ

Црногорскиот државјанин, Марио Милошевиќ, беше уапсен на 18 јули во Приштина, врз основа на потерница од Интерпол, распишана од црногорските власти, кои го сомничат за убиство поврзано со организираниот криминал во Подгорица.

Заедно со Милошевиќ, косовската полиција го уапси и Страхиња Данковиќ, кого црногорските медиуми го опишаа како навивач на српскиот фудбалски клуб Рад, кој беше инволвиран во афера.

Сепак, шест дена подоцна, медиумите објавија дека Милошевиќ и Данковиќ биле сослушани во рамките на истрагата за убиството на Оливер Ивановиќ.

Српските медиуми објавија дека од Милошевиќ, кој негираше дека е вмешан во убиството, било побарано да биде сведок соработник во овој случај.

Милан Радоичиќ

Косовската полиција на 23 ноември изврши претрес во домот на Милан Радоичиќ, потпретседател на политичката партија Српска листа, кој го избегна апсењето.

Ивановиќ, непосредно пред да биде убиен на 16 јануари оваа година пред седиштето на неговата партија, го окарактеризира Радоичиќ како вистински владетел на северно Косово.

Радоичиќ негираше дека учествувал во убиството на Ивановиќ.

Тој од Косово избега во Србија, каде што српската полиција во понеделникот го сослуша.

„Министерството за внатрешни работи на Србија дејствуваше во согласност со барањето на српското обвинителство за организиран криминал и го повика М.Р. да даде исказ за она што го знае за убиството на Оливер Ивановиќ “, изјавија за БИРН од МВР на Србија.

Српскиот претседател, Александар Вучиќ, во понеделникот, за српскиот јавен сервис, РТС, изјави дека Радоичиќ не го убил Ивановиќ.

„Милан Радоичиќ не е убиецот на Оливер … Специјалните единици на косовската полиција имале намера да го убијат во акцијата за апсење, со цел на официјален Белград да му ја препишат одговорноста за убиството на Оливер Ивановиќ. Таквите обвинувања би ја ослабнале преговарачката позиција на Србија (во тековните преговори за нормализирање на односите со Косово во Брисел)“, рече Вучиќ.

Во времето на убиството, на Ивановиќ му се судеше во обновен судски процес по обвинението дека дал наредбата за убиство на Албанци во Митровица во 1999 година. Тој, тогаш изјави, дека не е виновен.