“Се сеќавам дека лежев во канцеларијата, во близина на вратата, покриена со остатоци и делови од мебел … Имав исеченица над окото, кое ми беше оштетено од прав и од ситни остатоци. Парче шрапнел ми беше заглавено во десниот образ“.
Ова е исказот што Риалда Мусаефендиќ-Оцуз го даде пред Хашкиот трибунал во 2006 година, опишувајќи како била повредена кога граната ја погодила зградата на Радио-телевизија Сараево, во јуни 1995 година, при крајот на опсадата на главниот град на Босна и Херцеговина.
Дваесет и осум нејзини колеги биле повредени во гранатирањето, а еден го загубил животот.
„Јас сум и тажна, и лута, затоа што да не беше оваа РТВ куќа, луѓето не би виделе што се случува во БиХ, а тоа ќе беше најлошата можна пропаганда“, вели Мусаефендиќ-Оцуз за БИРН.
Таа сведочеше на судењето на Драгомир Милошевиќ, кој во 1994 и 1995 година, беше командант на сараевско-романискиот корпус на војската на босанските Срби. Овој корпус, за време на воената опсада на Сараево, спроведе долготрајна кампања на гранатирање и снајперски напади врз неговите жители.
Хашкиот трибунал го осуди Милошевиќ на 29 години затвор за тероризирање на населението во Сараево. Меѓу злосторствата за кои тој беше прогласен за одговорен, беше и нападот врз зградата на РТВ Сараево.
За виновни за гранатирање и снајперски напади врз Сараево беа прогласени и поранешниот командант на сараевско-романискиот корпус, Станислав Галиќ, и тогашниот политички водач на босанските Срби, Радован Караџиќ.
Но, командантите на бригадите на сараевско-романискиот корпус, кои беа под контрола на Милошевиќ или Галиќ, никогаш не беа гонети за нивната улога во инцидентите, чија цел беа цивилите.
Амир Ахмиќ, офицер за врска со Хашкиот трибунал на бошњачкиот член на тројното Претседателство на БиХ, нагласува дека иако Хашкиот трибунал изрекол три конечни пресуди за злосторства извршени за време на опсадата на Сараево, никој во БиХ на адекватен начин не проверил што всушност пишува во нив.
„(Досиејата на предметите) содржат бројни документи и докази, вклучувајќи сведоштва, документи, експертски проценки и анализи, во кои јасно се наведува командната структура одговорна за секој поединечен инцидент – кој одред, кој вод, па дури и која бригада; кој ги испукувал гранатите, а кој отворал снајперски оган, кој бил директен извршител, кој давал наредби на теренот за уништување на Сараево, скоро четири години“, истакнува Ахмиќ.
БИРН ги анализираше сите докази во случајот Милошевиќ, како и оние во другите судски процеси поврзани со опсадата на Сараево, за да видиме точно какви злосторства извршиле бригадните команданти. Овие докази вклучуваат искази на сведоци, наредби и барања за оружје издадени од сараевско-романискиот корпус, извештаи на локалната сараевска полиција, извештаи на силите за заштита на ООН (УНПРОФОР) и сведочења на експерти за балистика.
„Изберете цел каде ќе биде предизвикана најголема штета“
Во извештајот, „Употреба на модификувани авиобомби за време на опсадата на Сараево 1994-1995 година“, кој беше вклучен како доказ на судењето на Драгомир Милошевиќ, експертот за балистика, Берко Зечевиќ, заклучи дека стартната точка на авио бомбата што ја погодила зградата на РТВ Сараево, била на оддалеченост од шест километри.
„Проектилот прво го погодил покривот на РТВ куќата, отскокнал од него и потоа рикошетирал. Ова било таканаречено рикошетирање на проектил. Потоа удрил во еден ѕид и паднал помеѓу две студија, каде експлодирал. Трагите направени во моментот кога проектилот удрил во подот и во ѕидот, ни овозможија да го утврдиме правецот од каде што дошол, а тоа е поширокото подрачје на (сараевската населба) Рајловац“, вели Зечевиќ за БИРН.
Според наодите на хашките експерти за структурата на сараевско-романискиот корпус и на картите за неговите позиции, територијата зад Рајловац ја држеле единиците на бригадата Илиџа на сараевско-романискиот корпус, чиј командант, во 1995 година, бил Владимир Радојчиќ.
Радојчиќ сведочеше во неколку судски процеси во Хаг. Додека сведочеше на судењето на поранешниот командант на Војската на Република Српска (ВРС), Ратко Младиќ, тој призна дека во јуни 1995 година, дал наредба, зградата на РТВ Сараево да биде гаѓана со две модифицирани авиобомби и оти таа била нивна цел, затоа што „емитувала најлоша можна пропаганда“.
Се верува дека денес Радојчиќ живее во Србија и поради тоа не е достапен за коментар.
Гранатирањето на зградата на РТВ Сараево е еден од дузината такви напади за кои беше осуден Драгомир Милошевиќ. Неговиот случај беше докажан на ист начин како и оној против Галиќ и Караџиќ – со употреба на наодите на сараевската полиција, на УНПРОФОР, на сараевско-романискиот корпус и на оценките на домашните и на странските експерти.
Базата на податоци на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) во Хаг, содржи бројни извештаи и наредби, меѓу кои се и извештаите на воените експерти за позицијата од која биле испукани проектилите и модифицираните авиобомби врз Сараево и позициите од каде доаѓал снајперскиот оган. Овие извештаи беа користени на судењето на Милошевиќ, на Станислав Галиќ и на Радован Караџиќ.
Сепак, овие докази не ги искористија балканските обвинители, со цел да покренат предмети против офицерите од пониско ниво, односно против командантите на бригадите, за командна или за поединечна одговорност.
За да докажат кој бил одговорен за гранатирањето на зградата на РТВ Сараево, хашките обвинители користеа серија документи на сараевско-романискиот корпус, кои покажаа дека бригадата Илиџа поседувала модифицирани авиобомби и опрема за нивно лансирање.
Едниот бил документ издаден од Главниот штаб на ВРС на 28 јуни 1995 година, во кој се наведува дека фабриката за муниција, „Претис“, ќе достави муниција, вклучувајќи и пет авиобомби ФАБ-100, по барање на бригадата Илиџа. Во документ издаден на 1 јули истата година, бригадата Илиџа, исто така, побарала од командата на сараевско-романискиот корпус да им обезбеди муниција, вклучително и десет авиобомби ФАБ-250 и пет ФАБ-105. Барањето го потпишал полковникот Владимир Радојчиќ.
На 4 јуни 1995 година, командата на сараевско-романискиот корпус издала наредба за 50 авиобомби од фабриката „Претис“. Бомбите биле наменети за третата сараевска пешадиска бригада, за првата сараевска моторизирана бригада и за бригадитеИлиџа и Илијаш. Во документот се наведува дека седум бомби ФАБ-105 и пет ФАБ-250 ќе ѝ бидат доставени на бригадата Илиџа.
На 12 јуни 1995 година, командата на бригадата Илиџа испратила одговор до сараевско-романискиот корпус, велејќи дека има еден лансер за авиобомби од 100 и од 250 килограми. Документот е потпишан од Радојчиќ.
Одговорноста на бригадата Илиџа, за еден друг гранатирачаки напад, е утврдена во пресудата на Милошевиќ и последователното на судење на Радован Караџиќ. На 7 април 1995 година, авиобомба ја погодила населбата Храсница, лоцирана во подножјето на планината Игман, при што еден цивил загинал, а тројца биле повредени.
Досието со докази содржи наредба издадена од сараевско-романискиот корпус на 6 април – еден ден пред нападот – во која Милошевиќ ѝ наредил на бригадата Илиџа: „Веднаш подгответе го фрлачот со една авиобомба и пренесете ја бомбата за лансирање“.
„Што се однесува до целта, одберете цел во Храсница или Соколовиќ колонија, каде ќе биде предизвикана најголема штета“, се додава во наредбата.
Во досието за овој случај е вклучена и изјавата на сведокот, Зиба Шубо, во која таа раскажува дека живеела во зграда во Храсница, и дека во истиот двор имало помала куќа, во која живеела нејзината братучетка Зиба Ќустовиќ, која тој ден таа ја поканила на кафе.
„Таа дури и не успеа да стигне до мене, сè се случи во секунда, одеднаш сите прозорци се затемнија, како при затемнување на сонцето. Погледнав нагоре, кога врз мене почна да паѓа нешто. Веднаш знаев дека е граната, бидејќи куќата почна да се урива. Тули и малтер паѓаа врз мене. Куќата се уриваше“, изјави Шубо.
Во пресудите на Хашкиот трибунал, со кои се осудени Галиќ и Караџиќ, е утврдено и дека на 22 јануари 1994 година, три минофрлачки гранати биле истрелани врз населбата Алипашино поље, од позициите на бригадата Илиџа, при што 6 деца загинаа, а 5 цивили беа повредени.
Собрани, но не и искористени докази
Адвокатот, Васвија Видовиќ, вели дека воените злосторства извршени во регионот на Сараево, за време на опсадата на овој град, биле добро истражени во повеќе случаи што се воделе пред Хашкиот трибунал.
„Инцидентите и сторителите се целосно идентификувани. Постојат многу докази врз основа на кои командната и индивидуалната одговорност на сторителите може да се утврдат на релативно лесен начин“, нагласува Видовиќ.
„Јас ја видов документацијата и сметам дека тоа е едноставна задача, на која државното обвинителство требало да ѝ даде апсолутен приоритет“, додава таа.
Видовиќ истакнува дека сараевско-романискиот корпус и неговата хиерархија се целосно идентификувани.
„Ме вознемирува што никој досега не одговарал за злосторствата извршени од позицијата кај еврејските гробишта (каде биле лоцирани снајперски гнезда на ВРС)“, вели Видовиќ.
„Ова беа операции на сараевско-романискиот корпус и позната е точната командна структура (на корпусот). Трибуналот (МКТЈ) ја одреди командната структура преку овие случаи (против Милошевиќ, Галиќ и Караџиќ), почнувајќи од офицерите од најнизок ранг до врвот на хиерархиската пирамида“, додава таа.
Таа истакна дека, благодарение на сараевската полиција и на истражните судии кои во тоа време вршеле увиди на местата на злосторствата, документацијата за инциденти во градот биле собрани професионално, а доказите се со добар квалитет.
Најголем дел од извештаите ги подготвил истражителот, Драган Миоковиќ, кој за БИРН вели дека овие докази се од најголемо значење и покрај тоа што тие не ги идентификуваат сторителите по име и презиме.
„Немаше начин да навлеземе подлабоко во тие истраги, во однос на утврдување на личната или командна одговорност на тие луѓе, но документиравме сè. Сепак, бидејќи имавме многу податоци и наоди, ги споредувавме и така доаѓавме до сознанија (кој е одговорен)“, објаснува Миоковиќ. Тој додава оти доказите треба да се искористат за да се подигнат обвиненија против офицерите на сараевско-романискиот корпус.
Експертот за балистика, Берко Зечевиќ, истакнува дека тој учествувал во истрагите за бројни гранатирачки напади, вклучувајќи ги и смртоносните напади на пазарот Маркале во 1994 и 1994 година и „околу 50 инциденти со гранатирање во урбаните делови на Сараево“. Тој истакнува дека овие урбани области немале воени цели.
Некои од командантите на сараевско-романискиот корпус, никогаш не биле контактирани од истражителите. Велимир Дунчиќ, за БИРН потврдува дека одреден период бил командант на бригадата Игман, но оти никој досега не го контактирал за инцидентите што се случиле во времето кога тој бил одговорно лице.
Снајперистите гаѓаа цивили
Доказите користени на судењето на Драгомир Милошевиќ, сугерираат дека, покрај гранатирањето, бригадите на сараевско-романискиот корпус биле одговорни и за бројни снајперски напади, во кои загинале и биле ранети голем број цивили.
На 18 ноември 1994 година, Џенана Соколовиќ, која тогаш имала 31 година, и нејзиниот седумгодишен син, Нермин Дивовиќ, биле цел на снајперски напад додека шетале по улицата „Змаја од Босне“ во Сараево , попозната како Алеја на снајперите.
Еден куршум ја погодил Џенана во стомак. Куршумот поминал низ нејзиното тело, го погодил нејзиниот син во главата и го убил. Тие се враќале од населбата Храсно, каде претходниот ден заминале, за да набават огревно дрво. Караџиќ и Милошевиќ беа осудени и за овој инцидент.
На нивното судење сведок беше и Патрик ван дер Вајден, снајперски инструктор, кој по инцидентот го посетил местото на злосторството и утврдил дека од зградата Металка, која ја држеле силите на босанските Срби, имало директен и непречен поглед на делот од улицата каде што биле застрелани жртвите.
Судот, во случајот Милошевиќ, утврди дека куршумот што ја ранил Соколовиќ и го уби нејзиниот син е испукан од таа зграда, која била во зоната на одговорност на првата сараевска механизирана бригада на сараевско-романискиот корпус.
Во наредба издадена на 29 октомври 1993 година, Станислав Галиќ, кој во тоа време бил командант на сараевско-романискиот корпус, напишал дека за да се засилат снајперските активности, „група снајперисти со големина на одред (30 + 1 војник) треба да бидат формирани во секоја бригада“.
„Тие треба да бидат опремени со телескопски и пасивни инфрацрвени дурбини и придушувачи. Обуката на трупите и извршувањето на задачите треба да започне веднаш. Командантите на бригадата ќе издаваат наредби за распоредување на трупите, започнувајќи со избор на позициите и начинот на работа. Фокусот треба да се стави на употреба на снајпери со придушувачи“, се вели во наредбата.
Според документите достапни во Хаг, првата сараевска механизирана бригада на сараевско-романискиот корпус, имала снајперисти. Овие документи исто така укажуваат дека со оваа бригада командувал Вељко Стојановиќ.
Стојановиќ, кој живее во Бања Лука, за БИРН потврди дека тој бил командант на првата сараевска механизирана бригада, но не сакаше да зборува за инциденти што се случиле во времето на неговото командување.
Државното обвинителство на БиХ не поднесе ниту едно обвинение за гранатирање или снајперски напади во Сараево.
Пред Судот во БиХ во тек е само едно судење на поранешен командант на бригада на сараевско-романискиот корпус. Се работи за Миладин Трифуновиќ, поранешен командант на бригадата Вогошќа, кој е обвинет дека дал согласност на лицата што го управувале логорот Плањина куќа во Вогошќа, да ги водат затвореницте на присилна работа на првите линии на фронтот.
Обвинителство на БиХ го обвини и поранешниот командант на бригадата Кошево на сараевско-романискиот корпус, Мирослав Крајишник, за злосторства против човештвото, но истрагата против него беше прекината.
„Издадена е наредба за прекин на истрагата за споменатото лице. Сè уште има активен предмет во обвинителството, што се однесува на споменатиот инцидент“, изјави за БИРН портпаролот на Обвинителството на БиХ, Борис Грубешиќ.
Риалда Мусаефендиќ-Оцуз, чувствува длабоко незадоволство што Обвинителство на БиХ сè уште не извело никого пред лицето на правдата, за гранатирањето на зградата на РТВ Сараево и за другите напади во главниот град на БиХ.
„Мислам дека босанското обвинителство навистина лошо сработи кога станува збор за пронаоѓање на виновниците за злосторствата во Сараево“, нагласува таа и додава: „Без тоа, без правда и без да им ја кажеме на нашите деца вистината за злосторствата врз граѓаните на Сараево, ние никогаш нема да имаме мир“.