Регион

Заборавени жртви: Изгубените деца на Горажде

Се верува дека за време на војната во Горажде биле убиени над 120 деца . Градот бил гранатиран иаок ОН го прогласиле за „безбедна зона“

  • 1
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Исмаил Ќулов никогаш не го запознал својот брат Мирсад.

„Се сеќавам на оние тажни Бајрами по смртта на Мирсад. Се обидувавме малку да се орасположиме наутро, но кога ќе дојдевме на гробишта, нашите родители се лепеа за споменикот и плачеа … Но, тоа не беше плачење со солзи, туку плачење од дното на душата“, вели Чулов, кој е роден неколку месеци по смртта на Мирсад.

Според Муамер Џанановиќ, научен соработник во Институтот за истражување на злосторствата против човештвото и меѓународно право на Универзитетот во Сараево, Мирсад Ќулов е едно од 120 деца убиени во Горажде за време на војната. Според податоците во неговата книга, „Злосторства против децата во Горажде за време на опсадата 1992-1995 година“, во овој град, во воениот период, биле ранети 428 деца.

Но, и 25 години по завршувањето на војната, за гранатирањето на Горажде, никој не е осуден.

Исмаил Ќулов, чиј брат бил убиен во 1992 година. Фото: Николета Милашевиќ-Добрача.

Мамо, јас сум ранета“

Уште едно дете од регионот на Горажде било убиено во гранатирањето на блиското село Лозје (попознато како Кокино Село) на 22 мај 1992 година. Тоа била единаесетгодишната Адвира Шахман, која била убиена заедно со повеќе од 40 луѓе.

Нејзината мајка, Изета Шахман, со стотина соседи, тој ден се обидувала да избега од окупирано Лозје.

„Почнаа да пукаат од сите страни. Во еден момент, ја покрив со телото сестрата на Адвира. Погледнав и ја видов Адвира како лежи под мене. Успеав да ја допрам со нозете. Слушнав како вели: „Мамо, јас сум ранета“. Левата нога ѝ беше целосно изрешетана“, вели Изета Шахман.

„Ја зедов мојата Адвира и ѝ ја врзав ногата со шамија, но крвта и понатаму течеше. А Адвира само велеше: „Мамо, дај ми малку вода, те молам“. А јас немав ниту капка да ѝ дадам. Секогаш кога ќе се напијам вода, помислувам на неа“, вели Шахман низ солзи.

Адвира починала во рацете на нејзината мајка, додека српските војници ги превезувале во болница. Кога била констатирана смрт, Изета, со својата убиена ќерка, била вратена назад во Лозје и била затворена во својата куќа, каде што ги поминала следните три дена. Потоа дознала дека нејзината втора ќерка била заробена.

„После три дена, еден сосед, Србин, добар човек, предложи Адвира да ја погребаме во дворот, во близина на денешниот споменик. Се согласив. Повеќе не се плашев од ништо. Само сакав да умрам“, раскажува таа.

„Тој сосед ми рече да бегам таа ноќ, затоа што нема да има никој. И јас избегав“, вели Шахман. По еден месец, нејзината постара ќерка била разменета и тие успеале достојно да ја закопаат Адвира.

За овој напад беше обвинет, и подоцна ослободен од обвиненијата, поранешниот припадник на Војската на Република Српска (ВРС), Драган Шекариќ, кој моментално ја издржува својата седумнаесетгодишна казна затвор, за убиство и силување, извршени во Вишеград.

Никој досега не е гонет за злосторствата во Лозје. Од Обвинителството на БиХ, во писмена форма ни одговорија дека „предметот интензивно се работи“.

Првичните искази на сведоците и материјалните докази за злосторството во Лозје, ги собраа Агенцијата за истражување и документирање на БиХ и кантоналното обвинителство, вели Мирсад Билајац, главен кантонален обвинител на Босанско-подрињскиот кантон, кој во тоа време ја водел истрагата.

Според документите до кои дошол Џанановиќ, планот за извршување на нападот го одобрил Бране Петковиќ, командант на штабот на територијалната одбрана на Српско Горажде.

Билајац потенцира дека првично тој ја водел истрагата против Петковиќ, но дека потоа случајот бил префрлен во Обвинителството на БиХ.

„Оштетените мора да бидат упорни и да бараат одговори од Обвинителството на БиХ“, вели тој.

„Многу зависи од талентот на обвинителот да собере докази. Србите ги бранат своите, Бошњаците своите, Хрвати своите. Да беа сите само граѓани, полесно ќе се најдеа злосторниците. Луѓето сè уште не смеат да сведочат. Тоа е мое мислење“, истакнува Билајац.

БИРН не можеше да дојде до информација каде денес cе наоѓа Петковиќ, за да побараме коментар од него.

Небезбедна „безбедна зона“

 

Зумрета Пињо, чија двогодишна внука била убиена во 1993 година. Фото: Николета Милашевиќ-Добрача.

Најголемите злосторства во Горажде биле извршени откако градот бил прогласен за безбедна зона, со Резолуцијата 824 на Советот за безбедност на ООН, на 6 мај 1993 година.

Во својата книга, Џанановиќ наведува дека откако градот го добил овој статус, до крајот на војната, најмалку 64 деца биле убиени, а 203 биле ранети.

За време на операциите на ВРС, со кодните имиња „Меч 1“ и „Меч 2“, во јуни 1993 година, биле убиени 10, а ранети 30 деца.

Тогаш животот го загубила и двегодишната Илма Тутиќ. Таа била убиена на 16 јуни 1993 година, кога паднала граната во станот во кој таа живеела. Во тој напад биле убиени и нејзината мајка, нејзиниот татко и нејзината тетка.

„Тие појадуваа кога падна гранатата. Татко ми, дедото на Илма, прв истрча да види што се случило. Мислеше дека Илма е жива, поради положбата во која таа лежеше. Кога ја крена, видовме дека задниот дел од главата на Илма е целосно разнесен“, вели тетката на Илма, Зумрета Пињо.

Таа истакнува дека на семејствата на децата убиени во војната, им е потребна поголема официјална поддршка.

„Родителите не можат сами да се борат за правда. Тие треба да имаат подобра поддршка од системот, покрај градењето спомен-обележје на убиените деца на Горажде. Споменикот стои, но децата ги нема“, вели Пињо со тажен глас.

„Невини настрадаа“

 

Споменик на децата, жртви на војната, во Горажде. Фото: Николета Милашевиќ-Добрача.

На спомен-обележјето на децата убиени во војната во Горажде, се врежани и имињата на Елма Силајџиќ, Харис Зукиќ и Медиса Зукиќ. Тие беа убиени, заедно со седумнаесет други деца, во операцијата на ВРС, „Ѕвезда 94“, која започнала на 29 март 1994 година. Во тоа време, како што стои во книгата на Џанановиќ, биле ранети 53 деца.

Сенида Нухановиќ, сестра на убиените Харис и Медиса, се сеќава кога на 30 март 1994 година, со својот брат и сестра, си играла пред куќата. Додека влегувале во куќата, паднала граната.

„Харис и Медиса беа тешко повредени на терасата пред влезот. Тие лежеа во локва крв. Гранатата ѝ ги беше разнела нозете на Медиса“, раскажува таа.

„Војници ни притрчаа во помош и ги зедоа Харис и Медиса. Трчавме кон болницата. Веднаш ѝ дадоа на мајка ми нешто за смирување, а јас втрчав во собата за да ги видам брат ми и сестра ми. Медиса веќе беше покриена со бел чаршав“, додава Нухановиќ.

Харис бил опериран двапати. Следниот ден, Нухановиќ со родителите дошла да го посети повредениот брат.

„Тој на врата праша како е Медиса. И одеднаш неговата состојба се влоши … Тој почина пред нашите очи. Врескав. Плачев“, се сеќава таа.

Харис имал 11, а Медиса 8 години.

„Тие беа деца, цивили! Ништо не направија лошо! Невини настрадаа“, додава Нухановиќ.

Три корпуси на ВРС учествувале во операцијата „Ѕвезда 94“ – херцеговскиот, дринскиот и сараевско-романискиот, заедно со Југословенската народна армија.

Обвинителството на БиХ не повело истрага за можната одговорност на Драгиша Масал, тогашен командант на тактичката група Вишеград на ВРС, која учествувала во операцијата.

Муамер Џанановиќ ги собрал и ги архивирал наредбите на Масал.

„Името на Масал се наоѓа на бројни наредби, вклучувајќи ја и онаа од 11 април 1994 година, која се однесува на операцијата „Ѕвезда 94“: „Утре, на 12.4, во осум часот, во сите правци, без оглед на временските услови, да се тргне во решителен напад“, цитира Џанановиќ извадок од наредбите.

„Позната е неговата наредба од 11 февруари 1993 година, дадена на командата на 3-та лесна пешадиска бригада Чајниче, во која се вели: ‘Веднаш да се започне со артилериски дејства во регионот на Горажде, во непарни часови со по две или три проектили… и во сабота, на 13 февруари, да се постигне висока концентрација на оган, во реонот на пазарот во Горажде“, цитира Џанановиќ.

Драгиша Масал почина во Белград во 2017 година, како пензиониран генерал-полковник на ВРС.

„Сведоците умираат“

Семејствата на убиените и на повредените деца од Горажде, и денес, 25 години по војната, бараат правда.

За тоа време Џанановиќ продолжува да работи на истражување на воените злосторства, извршени во областа на Горажде. Во наредниот период, тој планира да објави книга за опсадата и одбраната на Горажде, во која ќе се расветлат бројни злосторства, за кои досега никој не одговарал.

„Ако злосторствата не бидат забележани, без оглед кој ги извршил, сè ќе биде заборавено. Не смееме да заборавиме. Тоа е обврска кон жртвите, но и начин да се стави точка на континуитетот на повторувањето на злосторствата, што се случуваат на овој простор со векови“, истакнува Џанановиќ.

Тој наведува дека за злосторствата извршени врз населението во Сараево, за командна одговорност одговарале припадниците на сараевско-романскиот корпус на ВРС.

„Неверојатно е дека, по истиот принцип, не одговараа и командантите на корпусот и на бригадите, кои вршеа напади врз Горажде и околината“, нагласува тој.

Државните обвинители досега не ги изведоа пред лицето на правдата убијците на децата од Горажде, а семејствата на жртвите губат надеж дека некогаш ќе им се суди на сторителите.

Исмаил Ќулов вели дека „е тешко да се поверува оти нешто ќе се случи и дека некој ќе биде осуден за смртта на луѓето во Горажде, за време на војната“.

Јусо Шахман, татко на убиената Авира Шахман, предупредува дека, како што одминува времето, сѐ помалку и помалку сведоци ќе можат да сведочат за тоа што се случувало во војната.

„Јас досега давав изјави неколку пати. Не само јас. Сите дадовме. Нема напредок. Не се надеваме на ништо повеќе“, потенцира тој.

„Сведоците умираат. Ги нема повеќе оние што би можеле да ги идентификуваат злосторниците. Тоа беа клучни сведоци. И налогодавците умираат“, вели Шахман.

Проектот, „Заборавени жртви“, е поддржан од Владата на Велика Британија, а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) преку Регионалниот проект за воени злосторства.