Регион

Усвоена резолуција за забрана на комеморативните собири во Блајбург

Споменик на жртвите од Блајбург Извор: Википедија

Членовите во австрискиот Национален совет, долниот дом на парламентот на оваа земја, денеска усвоија резолуција со која се бара забрана за собирот во Блајбург, Австрија.

Со овој собир, се одбележува годишнината од страдањето на десетиците илјади хрватски пронацистички усташки војници и цивили, кои беа убиени од партизаните во 1945 година.

Олга Воглауер, пратеник на Зелената партија, за БИРН вели дека партијата е особено задоволна што нивните „долгогодишни повици за забрана на ултранационалистичките митинзи во Блајбург, конечно вродија со плод“.

Резолуцијата го повикува министерот за внатрешни работи, Карл Нехамер, да ја разгледа можноста за забрана на комеморацијата на австриска територија, со преземање правни активности во согласност со Повелбата за основните права на ЕУ, Европската конвенција за човекови права и со другите уставни одредби.

„Со денешното усвојување на предлогот, од страна на австрискиот Национален совет, парламентот испраќа силна политичка порака: Австрија нема да толерира историски ревизионизам и какво било величење на усташкиот режим, што систематски ги прогонуваше и убиваше Србите, Евреите, Ромите и Хрватите кои се противеа“, истакна Воглауер.

Годишниот настан во Блајбург, мал град во јужната австриска држава Корушка, е контроверзен, затоа што некои учесници истакнуваат симболи на усташкото движење, кое, за време на владеењето на Независната Држава Хрватска (НДХ), во Втората светска војна, убиваше Евреи, Срби, Роми и Хрвати антифашисти, во концентрациони логори како озлогласениот Јасеновац.

Во мај 2016 година, хрватскиот парламент реши повторно да биде покровител на овој настан, откако во 2012 година покровителството беше укинато, поради загриженоста дека собирот се користи за рехабилитација на усташката идеологија.

„Сакам да истакнам дека мора да ја исполниме нашата историска одговорност. Со задоволство забележувам дека денеска австрискиот парламент презеде активности со кои ја испочитува оваа одговорност. Мило ми е што овој предлог доби широка поддршка од четири политички партии во австрискиот парламент“, истакна Воглауер.

Четири политички партии кои имаат членови во австрискиот парламент – социјалистите, зелените, либералите и конзервативците, ја поддржаа забраната за собирот во Блајбург.

Со резолуцијата, исто така, се повикува министерот за внатрешни работи, да ја спречи можноста организаторите на собирот да купуваат дополнително земјиште во Корушка, на локацијата каде секоја година се одржува комеморацијата и да размисли за проширување на забраната за усташките симболи во Австрија.

Минатата година, Министерството за внатрешни работи на Австрија забрани два симбола на хрватското усташко движење, буквата У, која се наоѓа околу сребрена граната од која се појавува црвен пламен и грбот со шаховницата на Независната Држава Хрватска, од Втората светска војна.

Католичката црква на Корушка, минатата година го одби барањето на Хрватската бискупска конференција, да одржи миса во Блајбург, бидејќи, како што образложи, овој настан се користи за промоција на националистички идеи.