Репортажи

Вакцинирање со поттурнување

На терен со вакциналните екипи во Скопско

Вакциналните картони се проверени, а 15 адреси на исто толку невакцинирани претшколски деца тргнати настрана. Овојпат, реонот за „потсетување“ е скопско Волково и неговата околина, каде што екипата составена од две медицински сестри пред пензија и една млада докторка одат од врата на врата, во посета на нередовно вакцинирани деца.

„Им веруваат на социјалните мрежи и не ги носат на вакцинација“, коментира Горица Јаневска, која е дел од екипата. Таа е сестрата што им става вакцини на претшколските деца во поликлиниката „Ѓорче Петров“, во чиј реон е и Волково, видно револтирана што паѓа процентот на вакцинирани.

Процентот е важен, бидејќи за да се има успех во спречувањето на ширењето болести, треба да е вакцинирано над 95 проценти од населението, или барем не помалку од 90 проценти.

Во спротивно, расте ризикот од враќање болести што се целосно или близу до искоренети. Како детската парализа или дифтеријата, кои во земјава ги нема со децении, но и големата кашлица или малите сипаници што се појавуваат спорадично и земаат детски животи.

Последните статистики за 2022 година во земјава покажуваат дека опфатот на вакцинирани деца за сите задолжителни вакцини веќе трета година е под 90 проценти. Како што забележуваат од Институтот за јавно здравје, сè до пандемиската 2020 година, во изминатите две децении, тоа никогаш се нема случено.

На пунктовите на вакцинација, картоните на нередовно вакцинираните деца се чуваат одделно, и по пошта им се праќаат покани за вакцина. Со дел од родителите се контактира и телефонски или по имејл, а ретко се посетуваат и лично. Одењето од врата на врата, како во Волково, е повеќе исклучок од правило и годинава се прави во рамки на Европската недела на имунизација.

Родителите со вакцина, децата без неа

Екипата на терен во реонот на Волково | Фото: БИРН

БИРН, заедно со медицинската екипа, беше дел од оваа теренска посета. Најголем дел од семејствата каде што има невакцинирани деца се правдаа дека доцнат со вакцинирањето поради претстојни операции или чести болести кај најмалите.

„Не сум антиваксер, но што да правам, децата многу се разболуваат“, уверуваше една од мајките.

Други тврдеа дека чекаат децата да прозборат, па да им ја стават вакцината МРП, која штити од мали сипаници и се прима на една година, па во прво одделение. Ниту едно од 15-те деца ја немаше примено оваа вакцина, која поради една постара контроверзна студија, која ја поврза вакцината со аутизмот, исплаши многумина.

Подоцна студијата беше повлечена поради неетичност и недоволно докази, ама „црвот“ остана и многумина почнаа да одложуваат или воопшто да не ги вакцинираат своите деца со МРП, што беше главна причина за епидемијата на мали сипаници на самиот крај на 2018 и цела 2019 година.

Четири деца, на возраст од 5,5 до 13 месеци, починаа од компликации поврзани со оваа болест. Речиси 2.000 луѓе се заразија.

И покрај тоа, во две семејства од Волково имаше признание дека нема да вакцинираат. Кај мајка со дете што има пречки во развојот, па стравот од вакцината беше поголем од стравот од болеста. Во вториот случај, признанието дојде од бабата, која гласно коментираше револтирана затоа што нејзините синови не сакаат да си ги вакцинираат децата.

„Мајките сакаат, татковците не. Не треба да се остават децата без вакцини“, вртеше со глава бабата.

Раскажуваше дека откако на нивни роднина „детето му се блокирало“ на 4 години и се сомневале дека причина се вакцините, нејзините синови одлучиле дека нема повеќе вакцини за нејзините внуци.

„Но, тоа не може да се случи, вакви компликации не прави вакцина“, објаснуваше Наташа Златаноска, докторка на пунктот за вакцини и дел од екипата за посети.

Бабата климаше со главата во знак на согласност.

„Да. Јас редовно си ги вакцинирав синовите“, објаснуваше таа.

Каде „запнува“ вакцинацијата?

Горица Јаневска, медицинската сестра задолжена за вакцинација на децата од реонот | Фото: БИРН

Последната пандемија на мали сипаници беше шлаканица за системот, во кој со години наназад растеше недовербата кон вакцините. Епидемијата се јави по падот на процентот на вакцинирани, па дури и обидот да се поправи оваа ситуација во 2018 година, не беше доволен за спречување нова епидемија.

Тогаш почнаа да се „тресат“ вакциналните картони по пунктовите, градинките ги исклучија децата што не примиле вакцина за мали сипаници, почнаа да се праќаат опомени преку училиштата. Од матичните лекари се бараше да пријавуваат невакцинирани деца, а од Инспекторатот – да постапува и да пишува казни.

Но, ковид-пандемијата во 2020 година „го изеде“ напредокот и ги врати работите на ниво полошо од кога било претходно. За МРП вакцината, на пример, вкупниот опфат во земјава за најмалите деца се спушти на 63 проценти, а во скопскиот регион на дури 44 проценти.

Отпорот е поголем кај побогатите и поедуцирани родители, коментираа меѓу себе двете искусни сестри при посетата во Волково.

Кога детето ќе се роди, во самото родилиште треба да прими две вакцини. Ако родителите одбијат, од родилиштето пријавуваат до Државниот санитарен инспекторат, кој може да ги викне „на порамнување“, односно да платат казна.

Во првиот месец од животот, детето треба да се однесе на некој од пунктовите за вакцинација, каде што се следи и неговиот развој, ама и родителите се едуцираат за важноста на вакцинацијата. Ако детето не се однесе на пункт, системот може „да го заборави“.

Но, затоа, во еден момент, родителот ќе мора да го однесе на лекар. Од Комисијата за заштита од заразни болести тврдат дека матичните имаат обврска да ги пријавуваат невакцинираните деца, што, пак, го негираат матичните лекари, меѓу кои и Лилија Чолакова-Дервишова, претседателката на Здружението на матични лекари.

Дополнително, забележува таа, немањето интегрален систем за приватното и државното здравство само ја отежнува состојбата.

„Никој не се замара системски да ја реши работата“, укажува таа.

Следниот „допир со системот“ е запишувањето во градинка, па дел од градинките, посебно онаму каде што има метеж за прием, тоа го користат како оправдување за одбивање прием на дете што ги нема сите вакцини. Но, во Волково, на пример, половината од децата, за време на посетата на тимот за имунизација, беа во градинка.

Задолжителните вакцини, исто така, се услов и за запишување во училиште, ама тука има друг проблем. И основното образование е задолжително и за него нема алтернатива, па на крајот сите првачиња главно се примаат на училиште.

Правото на образование беше потенцирано и во Извештајот на народниот правобранител од 2018 година, кога родител се жалел до омбудсманот бидејќи училиштето не сакало да го запише неговото нередовно вакцинирано дете. Народниот правобранител побарал детето да биде запишано, а родителот најавил дека ќе го вакцинира. Во друг случај, неколку години подоцна, Комисијата за заштита од дискриминација не утврди дискриминација кога училиште одбило упис на дете без вакцини. Во овој случај, мајката изрично одбила вакцинација.

Казна или едукација?

Катерина Стаменковска, раководителка во Здравствен дом - Скопје | Фото: БИРН

Катерина Стаменковска, раководителка во Здравствен дом – Скопје | Фото: БИРН

Од друга страна, пак, и покрај големиот процент невакцинирани деца,  статистиката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, кога се работи за казните, е скромна. Во 2019 година, кога беше активна епидемијата со мали сипаници, оттаму повеле 213 „постапки за порамнување“ за родители или старатели што оневозможиле вакцинација на своето дете, а 99 биле дадени на суд. Овој број е неколкукратно намален во следните три години, за лани да стигне до 11 постапки и 10 пријавени на суд.

Постапката за порамнување, всушност, значи дека родителот се повикува за да плати глоба за невакцинирање, во висина од 300 до 650 евра. Ако ја плати во рок од 8 дена, сумата се преполовува. Доколку, пак, родителот биде пријавен на суд, покрај казна, ќе мора да плати и судски трошоци, ако е прогласен за виновен.

Плаќањето казна, сепак, не го ослободува родителот од обврската за вакцинација. Тој повторно ќе биде повикан да го однесе своето дете во некој од вакциналните пунктови, кои последнава деценија, за разлика од порано, работат само во прва смена.

Сепак, никој со сила не може да го земе детето и да го однесе на вакцинација.  Затоа, според Катерина Стаменковска, раководителка во Здравствен дом – Скопје, најважни се едукацијата и информирањето од релевантни извори.

Таа не негира дека и самите вакцини може да дадат лесни компликации, но далеку помали од оние што ги носи прележувањето на болестите за кои има вакцина.

„Нема криење, нема заткулисни игри. Од 3.000 деца вакцинирани во 2018 година, едно не ми се врати со компликации. Или со аутизам. Верувајте ми дека едно не дојде со компликации да рече – од вакцината“, нагласува таа.