Регион

Вандализирање на црква, ги заостри тензиите во Црна Гора

Поранешниот премиер на Албанија, Сали Бериша, се вмеша во спорот со црквата. Фото: Фликр/ЕПП Самит

Отстранувањето на дрвениот крст од црквата Св. Василиј Острошки, во селото Мартиновиќи, предизвика заострување на меѓуетничките тензии.

Црногорските медиуми известија за овој инцидент уште во вторникот, но тензиите ескалираа кога поранешниот албански премиер, Сали Бериша, на Фејсбук напиша дека „црногорско-српски екстремисти обновуваат црква, за да ги провоцираат албанските жители”.

„Ги повикувам локалните и државните власти во Црна Гора, да интервенираат и да ја спречат незаконската активност на екстремистичките групи, кои предизвикуваат меѓуетнички и верски тензии”, напиша во четвртокот Бериша.

Српската православна црква, од 2001 година се обидува да ја обнови црквата, но мнозинското албанско население, постојано се спротивставува на оваа иницијатива.

Мартиновиќи се наоѓаат во општина Гусиње, населена главно со бошњачко и албанско население, кое и претходно барало од албанските политичари да ги сопрат работите на обновување на црквата, нарекувајќи го ова „провокација”.

Кога свештениците и православните верници во 2013 година се собраа на темелите на црквата, дојде до судир со локалното население, при што полицијата уапси 22 лица. Православните христијани и свештеници, кон крајот на април, во темелите поставија дрвен крст, кој беше отстранет две недели подоцна.

Локалниот свештеник, Бојан Радуновиќ, ги повикаа Албанците да останат воздржани.

„Православието е вера на мирот, љубовта и простувањето, но очекуваме и од граѓаните на другите вери, исто така да се однесуваат и да не се обидуваат никому да му ја ускратат слободата на вероисповед, исто како што ниту ние тоа не го правиме”, рече Радуновиќ за дневниот весник „Вијести“ во средата.

Српската православна црква во меѓувреме ги повика црногорските власти да го решат проблемот со „луѓето што шират верска и национална омраза”.

На состанокот во четвртокот со потпретседателот на црногорскиот парламент, Генцим Ниманбегу, Албанците од Гусиње рекоа дека се обновува црква во село, во кое нема православно население.

„Ние не се противиме на изградба на верски објект, но во ова село живеат само Албанци, а црквата ќе се гради, на имот што му припаѓа на семејството Прелвукај. Државата треба да одговори“, изјави, Арбер Вукај, за јавниот сервис на Црна Гора.

Семејството Прелвукај поднесе тужба против Српската православна црква во 2011 година, но Општинскиот суд во Плав заклучи дека земјиштето на кое се наоѓа црквата не му припаѓа на ова семејство. Пресудата ја потврдија и Вишиот суд во Бијело Поље и Врховниот суд на Црна Гора.

Црквата Василиј Острошки била изградена во 1928, но била уништена во 1941 година, за време на Втората светска војна.

Според последниот попис, во општина Гусиње живеат 54% Бошњаци и муслиманите, 22% Албанци и 5,5% православни христијани.