Регион

Косово: Бровина се извини за лажна фотографија

Фото: Флора Бровина, на плакат од изборна кампања

Флора Бровина се извини, бидејќи на медиумите им покажала фотографија за која рекла оти прикажува силување на Албанка од страна на српски војници, извршено за време на војната.

„Фотографијата веројатно е фалсификат”, рече Бровина на денешната прес-конференција.

„Сакам да им се извинам на сите, особено на жените кои беа силувани (за време на војната). Ја добив оваа фотографија во 2003 година во плик. Не размислував за потврдување на нејзината автентичност, бидејќи ја поседувам од 2003 година. Лицето што ми ја даде е борец за човекови права“, додаде таа.

Специјалното обвинителство на Косово веќе започна истрага за утврдување на автентичноста на фотографијата.

Специјалното обвинителство покрена истрага откако резултатите од пребарувањата по интернет, покажаа оти истата фотографија веќе ја има на некои страници со објаснување дека таа е направена во војната во Ирак, а ја има и на една порнографска страница.

Бровина, пратеничка на Демократска Партија на Косово (ПДК), им ја покажа оваа фотографија на медиумите, во ходникот на Собранието на Косово, за време на дебатата за предложената резолуција, со која Србија се обвинува за геноцид, извршен за време на војната, 1998-1999 година.

Неколку политичарки го осудија овој потег на Бровина, меѓу кои и поранешната претседателка, Атифете Јахјага, и Васвије Красниќи-Гудман, една од првите жени што јавно проговоре за силувањето што го преживеала во војната.