Регион

Васвије Красниќи-Гудман им се обрати на пратениците во косовското Собрание

Васвије Красниќи-Гудман им се обраќа на пратениците во косовското Собрание. Фото: БИРН

На денешната специјална седница на косовското Собрание, посветена на подигнувањето на јавната свест за лицата што преживеале сексуално насилство, Васфије Красниќи-Гудман, изјави дека на жртвите им е потребна заштита и поддршка, но дека, наместо ова, општеството ги стигматизира повеќе од две децении.

„Нашата држава, нашето општество нè стигматизира“, рече таа.

„Каде бевте пред 21 година? Дали се кривте на таван додека жената беше силувана? Каде најдовте храброст да ја напуштите?“, праша Красниќи-Гудман.

„Каде се синовите кои ја истераа својата мајка откако таа беше силувана? Тие ја задржале сопругата затоа што не знаеле дека и нивната сопруга е силувана. Каде бевте кога беше силувана Jета, 7-годишно девојче? И што правите сега за да ни го олесните тоа? Треба да се срами целото косовско општество, вие кои нè виктимизирате секој ден“, додаде таа.

Красниќи-Гудман е една од ретките жртви на воено сексуално насилство на Косово, која јавно кажа дека за време на војната, кога имала 16 години, била силувана од српски полицајци. Во 2014 година, Врховниот суд на Косово, ги ослободи двајцата поранешни српски полицајци, кои беа обвинети дека ја силувале.

Красниќи-Гудман, минатата година, исто така, сведочеше пред Комитетот за надворешни работи на Конгресот на САД во Вашингтон, барајќи од САД да вложат повеќе напори, Србија да биде повикана на одговорност за воени злосторства, вклучително и за силувања.

Таа им порача на пратениците дека е време жените да ја добијат правдата што им е одземена.

„Мора да се смените, затоа што нам ни е доста. Ние не ви простуваме за тоа што ни го правите во последните 20 години“, истакна таа.

Отворајќи ја специјалната седница, претседателката на Собранието, Вјоса Османи, зборуваше за „непростливата грешка“ на „непреземањето на акција, предрасудите, стигмата и недовербата“, поради што преживеаните жртви молчат.

„На жените во Косово, кои беа изложени на грозно насилство од страна на геноцидниот српски државен апарат, им беше одземено правото да сведочат за овие злосторства, како поради стигматизација, така и поради недостигот на ефикасна правда“, нагласи Османи.

Пратеничката, Саранда Богујевци, од владејачката партија Ветевендосје (Самоопределување), предложи да се прогласи Ден на сеќавањето на жртвите на сексуално насилство во Косово.

„Правдата е клучна за преживеаните, а признавањето на нивните страдања е правда“, додаде Богујевци.

Таа предложи „14 април, датумот кога била силувана Васфије, да биде прогласен за Ден на сеќавањето на жртвите на сексуално насилство во Косово“.

На седницата се обрати и премиерот, Албин Курти, кој посочи дека случаите кои вклучуваат воено сексуално насилство треба да се третираат со најголема сериозност.

„Военото силување е најлошото злосторство што се случило, за кое никогаш не се дискутирало (за време на разговорите за нормализирање на односите) со Србија“, додаде Курти.

„Без казна на воените злосторства, не можеме да имаме мир“, додаде тој.