Членовите на ова здружение, заедно со неколку други невладини организации и десничарски непарламентарни партии, во понеделникот во Загреб, протестираа против посетата на Вучиќ.
Тие изразија големо незадоволство поради националистичките коментари на Вучиќ, кој тој ги дал за време на војната, додека бил член на десничарската Српска радикална партија.
На некои од транспарентите, кои ги носеа демонстрантите, Вучиќ беше наречен четник.
За време на заедничката прес-конференција со Вучиќ, одржана во понеделникот, Грабар-Китаровиќ рече дека протестите се „демократско право“, но дека таа „апсолутно не може да поддржи никакви навреди и говор на омраза“.
„Не смееме да дозволиме, поединци, од рабовите на политичкиот спектар, да ни ја диктираат политиката. Политиката и меѓудржавните односи, треба да ги диктираме ние, државниците, и огромното мнозинство наши граѓани, кои ја поддржаа посетата на претседателот Вучиќ на Хрватска“, нагласи таа.
Розалија Бартолиќ, претседателка на Здружението на вдовици на загинатите хрватски бранители, на прес-конференција што се одржа во Загреб, прочита отворено писмо од членовите на ова здружение, директно упатено до хрватската претседателка.
„Ние сме изненадени и длабоко повредени од вашата изјава, дадена во вашето обраќање до јавноста, во која зборувате за поединци од рабовите на политичкиот спектар. Вашата изјава грубо нѐ повреди, на прво место нас вдовиците на хрватските бранители, потоа сите хрватски бранители, сите страдалници од Татковинската војна, како и сите оние на кои во срцето им се националните интереси на хрватската држава“, рече Бартолиќ.
Таа додаде дека на нивниот протест немало навреди, ниту пак говор на омраза, туку дека биле изнесени само „неспорни факти“ за Вучиќ, и дека Грабар-Китаровиќ не гледа оти овде „се работи за застрашувачка агресија врз татковината и за злокобна подготовка на некоја идна војна“.
„Со вашиот истап, длабоко нѐ повредивте и ги продлабочивте нашите и онака незалечени рани“, истакна Бартолиќ.
По медиумските написи за изјавата на Грабар-Китаровиќ и по критиките што ѝ ги упатија некои опозициски пратеници, од кабинетот на хрватската претседателка објавија соопштение, со цел, како што стои во него, да се појаснат коментарите што таа ги дала.
Во соопштението Грабар-Китаровиќ вели дека има големо разбирање за вдовиците на бранителите и за бранителите, кои го „искористиле своето демократско право и го изразиле својот став во врска со доаѓањето на претседателот Вучиќ“.
„Кога зборував за поединци од рабовите на политичкиот спектар, на кои не смееме да им дозволиме да ја диктираат државната политика, мислев на оние поединци од крајната левица и крајната десница, кои со своите истапи и однесување, ѝ нанесуваат немерлива штета на Република Хрватска. Тоа не се ниту вдовиците на хрватските бранители, ниту хрватските бранители“, вели во соопштението хрватската претседателка.
Таа, исто така, беше критикувана и поради инструкциите што нејзиниот кабинет им ги дал на новинарите, на Вучиќ да не му поставуваат прашања за реториката што тој ја употребувал во војната.
Во јануари, Здружението на вдовиците протестираше против романтичната комедија „Министерството за љубов“ и премиерата на овој филм на ХРТ.
Вдовиците тогаш изјавија дека филмот „ја клевети Татковинската војна“.