Анализи

Вештачка интелигенција на факултетите има, правила нема

Секој професор има различна политика кон алатките како Чет џи-пи-ти

Алатките на вештачката интелигенција масовно се користат меѓу македонските студенти, но факултетите и универзитетите немаат формални правила или препораки за тоа како да се употребува и како да не се злоупотребува оваа нова технологија.

БИРН направи онлајн-анкета, на која стотина студенти ги споделија своите искуства, но и разговараше со неколку од нив, како и со неколкумина професори.  Од нивните одговори произлегува дека како ќе се користат овие алатки и како ќе се спречат негативните последици од нив, најмногу зависи од тоа како секој професор ќе се постави кон нив за својот предмет.

Ретки се примерите на целосно отфрлање на вештачката интелигенција. Само тројца студенти ни одговорија дека имале проблем со професор затоа што користеле такви технолошки алатки.

Во најголем број случаи, професорите разбрале дека некои задачи залудно би ги давале, бидејќи наместо студентите, би им ги одговорила компјутерска програма, па наместо тоа, барале повеќе работа на часовите.

Повеќе работа на час, помалку домашни

Студенти на Универзитетот „Св. Климент Охридски“

Враќањето во училница како решение против злоупотребата на вештачката интелигенција | Фото: БИРН

Веќе речиси не ни даваат семинарски работи бидејќи знаат дека некои студенти ќе ископираат сè од интернет, ни рече еден студент од Филолошкиот факултет во Скопје.

„Затоа имаме повеќе активности на предавањата. Исто така, имаме неколку професори што самите нè учат како да ги користиме алатките на вештачката интелигенција – што да правиме за да добиеме подобри резултати. Не за да го злоупотребиме тоа, туку за да научиме повеќе“, вели студентот.

Како што додаде тој, секој професор сам одлучувал каков пристап ќе има кон вештачката интелигенција и не постоела општа политика на факултетот во врска со овие алатки.

Студентка на Природно-математичкиот факултет сподели слично искуство.

„Имаме позитивно искуство од некои професори, но генерално малку се разговара за тоа. На Факултетот по ветерина, пак, каде што имам пријатели, имале часови каде што ги учеле студентите како да ја користат вештачката интелигенција за да добијат подобри резултати. Тоа е како Гугл, само проширено“, рече таа.

На нејзиниот факултет не ги исфрлиле семинарските работи од употреба, туку ја охрабрувале нивната изработка. Според соговорничката, речиси е невозможно со вештачката интелигенција да се направи целиот труд, туку може да се искористи само како помошна алатка.

„Мора да се проверат информациите. Не е лесно да се злоупотребува за цели трудови. Можеби за нешто едноставно, но не за нешто што е поврзано со науката“, додаде таа.

Од стотина анкетирани студенти, над 50 одговорија дека користат вештачка интелигенција за наоѓање дополнителни извори или за полесно совладување на материјалот, а 13 за изработка на трудови, како есеи и семинарски работи. Мнозинството одговориле дека алатките се само делумно приспособени за користење за студирањето во Македонија, како и дека делумно се корисни.

Бизнисот со семинарски незагрозен

Документи

Речиси 30 години се изработуваат семинарски трудови за паричен надомест | Фото: БИРН

Кога станува збор за трудовите што се изработуваат дома, алатките како Чет џи-пи-ти, барем засега, не го загрозиле бизнисот со нивната изработка. Оваа дејност е дел од домашната сива економија веќе 30 години, но со појавата на генеративните алатки, се појавија и мислења дека ѝ доаѓа крајот.

Контактиравме повеќе лица што огласуваат пишување семинарски и други трудови на социјални мрежи. Одговори добивме од две места, кои рекоа дека со појавата на овие алатки не им се намалил бројот на нарачки или обемот на работа.

„Ние ја извршуваме работата професионално, согласно правилниците за изработка на трудови на универзитетите и не се потпираме на Чет џи-пи-ти затоа што информациите од таму не се секогаш точни и соодветни. Тешко може да се искористи алатката за целосно да напише еден труд, со референци и библиографија. Ако професорот доволно внимателно го прочита, ќе препознае дека не е напишан од студентот“, ни рече еден изработувач на семинарски трудови.

Професори на Правниот факултет во Скопје често разговарале меѓу себе за штетните последици од користењето алатки на вештачката интелигенција, но, и покрај тоа, никој не ја отворал темата на ниво на факултетот или на универзитетот, вели за БИРН еден од нив, кој претпочиташе да зборува анонимно.

„Прочитавме есеи напишани со Чет џи-пи-ти и речиси не може да се препознае дека ги напишал компјутер. Има големи ризици, ќе стане бесмислено да им даваме на студентите нешто да пишуваат или да изработуваат дома. Сите сами се снаоѓаат како да ја спречат нејзината злоупотреба, на пример со пишување есеи на час наместо дома или со барање тие да бидат напишани со пенкало“, рече професорот.

Спирала на покривање и откривање

Пишување на компјутер

Се охрабрува користењето на вештачката интелигенција како помошна алатка | Фото: БИРН

Кирил Барбареев, професор на Педагошкиот факултет во Штип, пак, не се чувствува загрозен од новата технологија. Вели дека неговите студенти малку користеле Чет џи-пи-ти, можеби само како помошна алатка за изработка на семинарски.

„Можеби тоа се должи на нашиот концепт на работа, во кој не бараме студентите постојано да пишуваат нешто. Повеќе се потпираме на дискусија, разговор, активност на часот. Тоа бара подготовка, што значи дека можеби студентите користат алатки за да се подготват за часот, но не можат да го заменат учењето“, вели Барбареев.

Иван Чорбев од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) смета дека е погрешно кога се зборува за вештачката интелигенција да се мисли само на Дип фејк или на Чет џи-пи-ти.

„Мене последно ми текнува на нив. Вештачката интелигенција ниту почна, ниту ќе заврши со овие алатки“, рече Чорбев, додавајќи дека на факултетот, разни алатки се користат повеќе од 20 години и дека тие се дел од наставата.

Во врска со можните злоупотреби на генеративни алатки на вештачката интелигенција (тие што создаваат содржина), како Чет џи-пи-ти, тој вели дека постојат и алатки што може да откријат дека е нешто направено со Чет џи-пи-ти, како и други што може да го скријат тоа, и така влегуваме во спирала.

„Ако студентите доволно го преработат текстот за да не се познава дека го напишал Чет џи-пи-ти, тогаш може да избегнат да бидат откриени. Но – тоа ќе значи дека работеле и ја искористиле алатката само за помош“, додаде Чорбев.

И двајцата професори рекоа дека генерални правила сè уште не се воведени.

Многу мал број правилници и на светско ниво

УНЕСКО, образование, вештачка интелигенција

УНЕСКО препорачува етичко користење на вештачката интелигенција | Фото: УНЕСКО, Шатерсток

Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура – УНЕСКО, минатата година објави истражување, според кое, одвај 10 отсто од училиштата и универзитетите во светот имале формални правила и насоки за тоа како да се користи вештачката интелигенција во наставата. Некаде тие биле детални, некаде само генерални. УНЕСКО, во 2021 година издаде и свои препораки за етичко користење на овие алатки.

Меѓу универзитетите што вовеле насоки и препораки за користење алатки на вештачката интелигенција е и љубљанскиот, во септември 2023 година. Во неговиот правилник стои дека тие треба да се употребуваат за да се најдат повеќе материјали за темата што се проучува, но информациите треба темелно да се проверат. Меѓу работите што, според универзитетот, се несоодветни, е целосното копирање текст генериран од вештачка интелигенција, без да се наведе тоа. Во препораките на повеќе места се споменува дека за да се зачува интегритетот на високото образование, технологиите треба да се користат транспарентно, односно да се наведува што и кога е користено и за кои цели.