Веќе четири седмици БИРН чека на одговор од основачот и сопственик на Википедија – Фондацијата Викимедија, во врска со проблематичните текстови поврзани со настаните од Втората светска војна, кои беа објавени на Википедија на хрватски јазик.
Во март БИРН објави текст за, во голема мера, проблематичниот текст на Википедија на хрватски јазик, за концентрациониот логор во Јасеновац, кој го водел хрватското профашистичко усташко движење.
Во наведениот текст логорот е опишан како „собирен“, а не како концентрационен логор, злосторствата се минимизираат, а во добар дел од текстот се објавени наводи кои немаат историска основа.
Историчарите со кои БИРН контактираше велат дека хрватската верзија на Википедија не се смета за извор на сигурни информации во врска со настаните од Втората светска војна.
Тимот на Викимедија за односи со јавноста, еден ден по нашето поставено прашање, упатено до нив на 27 март, ни одговори оти ќе добиеме одговор, прашувајќи не кој е крајниот рок за тоа.
Но, крајниот рок помина, ние не добивме одговор, а тимот на Викимедија ги игнорираше нашите дополнителни три електронски дописи.
Освен текстот за Јасеновац, на Википедија на хрватски јазик се објавени и други проблематични текстови. Така, во текстот за историјата на полскиот град Гдањск, се вели дека Германија ја нападнала Полска во 1939 година, бидејќи Полјаците извршиле геноцид над Германците во таа земја. Оваа реченица неодамна беше отстранета од овој текст.
Написот под насловот „Историјата на Хрватите на Босна и Херцеговина“, исто така, содржи многу спорни наводи, кои не се поддржани во литературата, а во текстот не постојат ниту други цитирани извори.
Анализирајќи ја промената на бројот босански Хрвати во поранешна Југославија, во написот се вели дека Хрватите „носеле стигма на реакционерен католички народ“ и дека тие биле обвинети за геноцидот и бруталноста на усташите.
Според овој текст, муслиманите, кои, исто така, учествувале во злосторствата на усташкиот режим, биле „грациозно изземени (од вината), а Србите, како главни комунистички крвници, и натаму ги уживаат привилегиите на злосторствата (над Хрватите)“.
Во текстот се вели дека Отоманската империја извршила геноцид и „културоцид“ над Хрватите.
„Геноцид, бидејќи во освојувањето и насилната исламизација, загинале, биле иселени или османлиите ги одвеле како робје, илјадници невини цивили. Османлиското владеење било и културоцид, бидејќи систематски се уништувале сите траги на материјалната и нематеријалната култура на Хрватите во Посавина и во Босна и Херцеговина“, се вели во овој текст.
Хрватската верзија на Википедија содржи и текст со наслов „Расхрватизација“ во модерната историја од Австро-унгарската империја до денес, во кој „расхрватизацијата“ се опишува како „асимилациски процес на губење на хрватскиот јазик, на етничкиот идентитет, историјата и отстранување на националните симболи на Хрватите“.
Повикувајќи се на десничарските медиуми како извор, во написот се истакнува дека „медиумските манипулации“, кои постојано повторуваат „системски лаги или полувистини“ за војната во деведесеттите години и за улогата на Југославија во оваа војна, имаат за цел „перење на мозокот“ и „декроатизација на хрватската политика“.
Текстот, пак, кој се осврнува на германската операција Барбароса – инвазијата на СССР во 1941 – не говори за нацистичките злосторства над советските цивили и воени затвореници.
За споредба, во текстот за оваа операција на англиски јазик, се понудени многу повеќе информации за нацистичките воени злосторства, поставени се линкови кои водат до текстови кои зборуваат за малтретирањето на советските воени затвореници, за холокаустот во Русија и за Aјнзанцгрупен СС паравоените единици на смртта, одговорни за смртта на повеќе од два милиони луѓе.
Фондацијата Викимедиа, непрофитна хуманитарна невладина организација од САД, е сопственик на хрватската верзија на Википедија.
Сепак, таа не е нејзин основач, ниту пак ја прифаќа одговорноста за точноста на објавените текстови. Фондацијата вели дека тие немаат никаква моќ над текстовите на хрватски јазик, кои се објавени на Википедија.