Истражувањa

Вистината за здравството во затворите е удавена во кофа

Повеќе стотици затвореници се оставени без лекарска грижа и лекови, а оние кои имаат пристап до лекар се жалат на услугата што ја добиваат. Постојат обвинувања за смртни случаи поради ненавремен лекарски третман. Управата за извршување санкции не знае или не сака да ги преброи мртвите, а калкулира и за потребниот медицински персонал

Осуденик од кумановскиот затвор за малку ќе останел без нога, откако неколку дена седел во ќелија со скршеница, без да биде прегледан од лекар. Во болка морал да го чека лекарот да се појави на работа, бидејќи не доаѓал секој ден, а откако конечно го прегледал и констатирал надуеност и скршеница, го упатил во болница. Но, наместо експресно да биде однесен, чуварите му рекле дека ќе мора да причека уште неколку дена, бидејќи сите возила се зафатени.

Поради неиздржливите болки, затвореникот И.М. побарал помош од Народниот правобранител од каде што ургирале повредениот да биде однесен на лекар. Дури по ургенцијата, осуденикот со првото слободно возило бил однесен во болница, каде што ногата конечно му била ставена во гипс.

Затвореникот на крајот ја спасил ногата, но колку ли негови „состанари“ останале во ќелиите и не стигнале до болница, бидејќи не успеале да се јават кај Народниот правобранител?

Тргнавме по одговори колку затвореници и притвореници годишно умираат зад решетките и каква е нивната здравствена заштита?

Управата со различни бројки на починати

Распаднатите кревети се сметаат за луксуз во „Идризово“, зошто се спие и на под / Фото: Затвореник во затворот alt

Распаднатите кревети се сметаат за луксуз во „Идризово“, зошто се спие и на под / Фото: Затвореник во затворот

Од Управата за извршување санкции ни одговорија дека располагаат со податоци од 2008 до 2016 година, според кои, во овој период починале 71 лице. Во оваа бројка не влегуваат последните случаи, како тој од минатиот викенд, кога на пат кон болница почина уште еден затвореник.

Во 2008 починале осуммина, седум од природна смрт и едно самоубиство, во 2009 година имало две самоубиства, во 2010 година имало девет починати од кои три самоубиства и шест од природна смрт, а наредната 2011 починале 10 лица и тоа девет од природна смрт и едно самоубиство. Во наредните 2012 и 2013 починале по девет лица, од кои само едно посегнало по својот живот, а останатите од природна смрт. Во 2014 починале 10 лица, сите од природна смрт, а во 2015 починале 11, од кои две лица си го одзеле животот, а останатите од природна смрт. Во тековната 2016 година, пак, починале тројца затвореници.

Ниту еден од починатите не го изгубил животот како последица на тортура од страна на вработените, во тепачка со други затвореници или од несоодветен или ненавремен лекарски третман туку починале од „природна смрт“, иако некои имале само по 20 или 30 години, и дел од нив, посегнувајќи по својот живот.

Но, споредбата на добиените податоци за бројот на починатите со оние кои се објавени во годишните извештаи на Управата, отвора нови дилеми и сомнежи. Иако и одговорите и извештаите што ги добивме доаѓаат од иста институција и се потпишани од иста личност, директорката Лидија Гавриловска, сепак има разлика во бројот на починати, како и во образложението од што починале.

Во извештаите, покрај природната смрт и самоубиствата, се јавува нова категорија – „несреќен случај“. Па така, според овие податоци кои се јавно објавени на веб страницата на Министерството за правда, во 2014 година починале 13 осудени и тоа 12 од природна смрт, а едно лице настрадало во несреќен случај, додека нам ни одговорија дека се 10. Бројките не се поклопуваат ниту во 2013 година, бидејќи во извештајот е наведено дека починале вкупно 12 осуденици, од кои седум од природна смрт, тројца од несреќен случај и две самоубиства, а нам ни одговорија дека имало вкупно девет починати. Во извештајот за 2012 година, пак, пишува дека починале осуммина, и тоа шестмина од природна смрт, едно лице во несреќен случај и едно се самоубило, а нам ни одоговорија дека биле деветмина!? Во останатите годишни извештаи пак, од непознати причини, Управата изоставила да го наведе бројот на починати.

Оваа невнимателна игра со бројот на починати создава сомнеж за веродостојноста на податоците. Како е можно една иста институција да располага и да пласира различни податоци кои треба да се официјални и точни? Испративме дополнително прашање и за ова, но до објавувањето на текстот не добивме одговор.

Со вистинската бројка не располага ниту Хелсиншкиот комитет за човекови права, бидејќи како што вели директорката Уранија Пировска, таа се крие и од нив. Оттука, се чини дека е оправдан сомнежот на семејствата кои не веруваат во одговорот што го добиле од Управата, за тоа како починале нивните блиски, па трагаат по вистината, за која сметаат дека им е скриена.

Панда Георгиева: Син ми го убија во затвор!

Со месеци својата вистина ја бара и семејството Георгиеви од Неготино, чијшто 24-годишен син почина во 2015 г., на 3 септември, во затворот „Идризово“. Тие не веруваат дека нивниот син го изгубил животот поради труење со повеќе видови лекови, како што официјално им било соопштенo.

„Мојот син е убиен во затворот и мора да ми кажат кој и зошто го убил.Сомнежот уште повеќе се зголеми кога во неговите лични работи, во една од книгите најдовме писмо во кое напишал дека го тепале“, вели Панда Георгиева, мајката на Далибор.

Според последното истражување на Советот на Европа, смртноста на затворениците во Македонија е 45,7 на 10.000, а во Европа средната смртност е 31,3. За споредба, во Албанија е 26, во Словенија 29,4, во Норвешка 32,9, додека во Србија е повисока, односно 68,8.

Таа додава дека на неговиот врат имало траги од давење, за што поседува и фотографии. Исто така истакнува дека сѐ уште не ѝ е јасно, зошто три дена пред да почине не ѝ било дозволено да го посети.

„Отидов на посета, ама не ми дозволија да влезам. Можеби сакале да не видам дека е тепан. Ние тврдиме дека е убиен“, вели Георгиева.

Дека Далибор бил жртва на тортура тврдат и дел од затворениците, кои обвинуваат дека бил тепан, но и дека навреме не му била дадена лекарска помош. Директорот Живко Пејковски, пак, демантира.

„Извештајот од Судска медицина покажа дека смртта настанал поради труење со повеќе видови лекови. Тука воопшто нема простор за сомнеж“, вели Пејковски.

Далибор во затворот помина четири и пол месеци, а беше осуден на пет години за педофилија, односно според пресудата, покажувал порнографски фотографии и извршил полов напад на малолетничка, за што неговата мајка тврди дека бил наместен.

На сличен начин, под крајно мистериозни околности, згаснаа уште неколку животи зад затворските решетки. Во 2008 година, низ целата држава, но и пошироко, одекна веста дека новинарот Владо Таневски се удавил во кофа со вода, за што експерти тврдеа дека е невозможно. Во истиот, тетовскиот затвор, во 2011 година, не во кофа со вода туку со најлонско ќесе, наводно, се задуши 56-годишната Сузана Божиновска, по два месеца поминати во притвор.Тогаш, нејзината ќерка истакна дека мајка ѝ е убиена, бидејќи самата ѝ кажала оти нешто ѝ подготвуваат, а сомнеж изрази и нејзиниот адвокат Звонко Давидовиќ.

„Просто е неверојатно дека можела да се самоубие со ќесе на глава“, истакна тогаш адвокатот Давидовиќ, кој и сега додава дека овој случај сѐ уште не е разрешен.

Како крајно сомнително самоубиство во јавноста оддекна и смртта на Никола Николиќ, сопственикот на „Фиком“, кој лани беше пронајден обесен во ќелијата.

Затворските решетки, кон крајот на 2014 година, беа погубни и за Зоран Костадиновски (49), кој беше обвинет во случајот „Шпион“. Костадиновски беше ставен во притвор, иако претходно беше опериран од тумор на мозок. По три месеци зад решетки, поради крајно влошената здравствена состојба, притворот му беше заменет со куќен. Но, по една година почина. Негови познајници во јавноста обвинуваа дека лекарите му рекле оти му преостануваат уште 10 години живот, но според нив, условите во притворот прерано го довеле до крајот.

Затвореници лекуваат во трета смена наместо лекари!?

Овој ентериер најгласно зборува за условите во затворот / Фото: Затвореник во затворот

Преку очите на поранешни, но и сегашни осуденици, се обидовме да ѕирнеме зад решетките во затворските амбуланти.

Амбулантата во најголемиот затвор во државата „Идризово“ наликувала на оние во селата или приградските населби. Со едно биро и столче за лекарот, слушалки, апарат за мерење притисок и два-три кревета, а од „пософистицираните“ апарати имаат ЕКГ. Од лекарства, пак, располагаат со по некој аспирин и кафетин, како и оние најбараните, хелекс и дијазепам.

Ова, според нашите соговорници, е најрозовата слика за затворската амбуланта, бидејќи има и денови кога нема ниту лекар, ниту лекови, а внатре е валкано и смрдливо.

За да ја добијат привилегијата да го посетат затворскиот лекар, првин треба да му кажат на чуварот и да се запишат на список, па редот најчесто го добиваат следниот ден. Но, само доколку чуварот утврди дали затвореникот навистина треба да го посети лекарот или болеста ќе му помине „сама од себе“!

Во овој затвор, според Управата за извршување санкции има вработено вкупно трojца лекари. По 18 часот, амбулантата е празна. Таму нема лекар.

„Треба да се молиш да не ти се слоши навечер. Доколку тоа не успее, на располагање се неколку затвореници кои се обучени да даваат прва помош. Всушност, тие ја одработуваат третата смена“, вели нашиот соговорник кој ја одлежа казната пред неколку месеци.

Се присетува дека една вечер, кога му се слошило на цимерот, морале на сет глас да викаат сите од собата за да ги слушне чуварот.

„Многу пати проценуваат дека затвореникот симулира и не го носат на лекување. Често пати се покажува дека погрешиле во проценката“, вели поранешниот станар на „Идризово“.

Според директорот Пејковски, пак, амбулантата во затворот функционира доста добро. Вели дека за здравствена заштита годишно издвојуваат околу 35 милиони денари од буџетот, што било сосема доволно да се покријат прегледите и да се обезбедат лекарства.

Во истражниот затвор „Скопје“ или попознат како „Шутка“, привилегијата да стигнеш до лекарски преглед е уште поголема. Тука на располагање се двајца лекари и еден стоматолог, а понекогаш доаѓал и психијатар од „Идризово“.

Од Управата ни одговорија дека по еден вработен лекар имаат во затворите Битола, Штип, Тетово и во воспитно-поправниот дом Тетово, кој патем се реновира. Без лекарска грижа се оставени стотина осуденици сместени во Куманово, Крива Паланка, Струга, Струмица, Гевгелија, Прилеп и Охрид, иако според Законот за извршување на санкциите, тоа е недозволиво.

Во член 124, став 1, пишува: „Во установите задолжително се вработува лекар кој се грижи за здравствената состојба на осудените лица“, а во став 4 е одредено дека трошоците за здравствената заштита на осудените лица паѓаат на товар на државниот буџет.

Со луксузна амбуланта, со телевизор и чисти кревети, може да се пофали управата во затворот Штип. Но, таму, според затворениците, наместо болни, престојуваат оние со привилегии, за кои наводно дебело плаќаат.

„Таму е чисто и условите се човечки. Две соби се, за по двајца, а не по осуммина како во ќелиите, па си седат во мир и си гледаат телевизија. Болните пак, ги влечкаат по крилата, а лекарства нема ниту за главоболка. Ни викаат самите да си купиме“, истакнува затвореник, кој сѐ уште одлежува казна.

Тој дури и обвинува дека некои починале, бидејќе навреме не добиле помош, но официјално нема потврда за вакви случаи.

„Еден од затворениците,Тони, имаше шеќер и се изгуби, падна, но не сакаа да го однесат на лекување, велеа дека се фолира. Скокнавме сите и баравме да му се помогне, по што го однесоа во болница. Следниот ден слушнавме дека починал. Да го однесеа на време, ќе го спасеа“, заклучува нашиот соговорник.

За да ја слушнеме и другата страна го побаравме директорот на затворот, но оттаму ни кажаа дека е зафатен.

За забоболка, пак, доаѓал стоматолог од градот и тоа еднаш неделно, во среда. Постапката, како што велат, секогаше иста. Нема поправање на забите туку само вадење.

Врзување, наместо лекување

Бањата во најголемиот затвор во државата. Во неа се мијат и садовите / Фото: Затвореник во затворот

Бањата во најголемиот затвор во државата. Во неа се мијат и садовите / Фото: Затвореник во затворот

Сведочењата откриваат дека често пати во затворите се користат и „алтернативни“ начини на лекување, наместо оние пропишаните. На пример, според правилата, напишани и во официјален извештај на Управата за 2009 година, доколку постои сомневањ за можност од самоповредување или самоубиство, затворениците се сместуваат во простории во кои ќе бидат под надзор 24 часа, а психијатарот ја одредува медицинската терапија за овие лица.

Според практиката што ја затекнале претставници на Европскиот комитет за спречување тортура во еден од македонските затвори, „лекувањето“ изгледа сосема поинаку. Во нивниот најнов извештај е забележано дека затворник кој бил наркозависник и се обидел да си го одземе животот, наместо итна лекарска помош, бил затворен во самица од 5 метри квадратни. Шест дена бил врзан за рацете и нозете, а оковите му ги тргале само кога требало да ги изврши физиолошките потреби. Друг затворник, пак, бил поставен да го надгледува и да се грижи за него, поточно имал задача да го храни, но и да му помогне да уринира во пластично шише, (најверојатно ова го сметат за 24-часовен надзор). Наместо на кревет, затворникот спиел на душек поставен на подот.

„Целосно е неприфатливо врзувањето да се применува како лекарска и заштитна мерка, поради што ваквиот третман може да се смета како нечовечки и понижувачки“, се наведува во нивниот последен извештај.

Жртва на тортура во „Идризово“, и тоа официјална, со судска пресуда, е скопјанецот Зухер Ибраимов. По одлежани 13-години, тој од затворот излезе без еден бубрег и слезина, кои поради тешки повреди му беа извадени, откако во 2013 година го претепа полицаец од затворот.

Ибраимов, со сериозно нарушено здравје, по нападот повторно беше вратен во ќелија, оставен без соодветна лекарска грижа и лекарства, а полицаецот беше осуден на шест месеци затвор. Ибраимов на слобода излезе во јуни 2014 година, а како што вели, сѐ уште не го добил паричното обештетување, кое му следува, бидејќи е траен инвалид.

„Поминаа три години, а јас сѐ уште не добив оштета, а немам од што да живеам. Имам шест деца и седмото е на пат“, вели Ибраимов.

Мемети: во затворите нема здравствена заштита!

Народниот правобранител Иџет Мемети вели дека нефункционалниот систем на здравствена зашита бил причина и за доставување претставки од поголем број осудени лица

Народниот правобранител Иџет Мемети вели дека нефункционалниот систем на здравствена зашита бил причина и за доставување претставки од поголем број осудени лица

Директорката на Хелсиншкиот комитет, Пировска, алармира и дека освен недостатокот од лекарства, хронично болните, како и заболените од хепатит Б и Ц, не добиваат соодветна храна.
„Всушност, храната што ја добиваат е ужасна, па затоа нивните семејства им носат од дома“, вели Пировска.

За лошите услови и нефункционалниот систем на здравствена заштита постојано реагира и Народниот правобранител Иџет Мемети. Тој вели дека воопшто не може да се зборува за здравствен систем во затворите, бидејќи тој не постои.

„Состојбата е алармантна, бидејќи здравствениот систем е лош, нефункционален и надвор од секаков разум. Недозволиво е во овие установи да нема вработено лекар, па од јавното здравство да дојде еднаш неделно и да врши групни прегледи“, вели Мемети.

Тој објаснува дека до декември 2013 година здравствената заштита била под Управата за извршување санкции, но со тогашните законски измени во рок од 30 дена јавните здравствени установи имале обврска да ги преземат вработените и да менаџираат со здравството. Но, оттаму не мрднале ниту со прст, па сега овој сегмент е надвор од системот, односно лекарите се ангажирани со договор на дело и се на товар на затворските буџети.

Мемети вели дека нефункционалниот систем на здравствена зашита бил причина и за доставување претставки од поголем број осудени лица.

– Затвореник или притвореник ќе побара да биде испратен на специјалистички преглед на некој од виталните органи, на пример бубрезите, бидејќи чувствува дека нешто не е во ред, а лекарот му бара претходно да докаже дека имал проблеми, затоа што можел да не добие дозвола од судијата или од директорот. Ова е монструозно однесување, каде е тука лекарската етика? Ни се случува затвореници да умираат зашто не биле однесени навреме на лекар. Лани еден почина од инфаркт – истакнува Мемети.

Наместо повеќе, сѐ помалку лекари

И покрај постојаните препораки да се зајакне здравствената заштита во затворите, статистиката покажува дека бројот на вработени постојано опаѓа. Па така, од Управата ни одговорија дека во овој сектор се пополнети 17 работни места, девет лекари и осум вработени како медицински персонал, а според систематизацијата се предвидени 30 работни места.

Во 2014 година, пак, биле вработени 21, во 2013 година имало 22, во 2012 биле 24. Единствено во 2011 година било полошо од денес, бидејќи во секторот биле вработени само 14 здравствени работници, а во 2010, иако биле најмногу вработени и тоа 27, истакнато е дека се потребни 78 луѓе.

Останува нејасно како Управата заклучила дека денеска се потребни само 30, а во 2010 година дури 78 лекари и медицински персонал, кога бројот на затвореници и притвореници сега е значително поголем од пред шест години, односно на крајот од 2010 година во затворите имало 2.157 осуденици и 330 притвореници, а годинава има 3.271 затвореник и 387 лица кои издржуваат мерка притвор.

Во Стратегијата за здравствена заштита за 2012-2014 година, изготвена од Управата, пак, е наведено дека во 2012 година бројот на вработени во секторот за здравствена заштита е 22, а број на систематизирани места е 124, од кои 36 предвидени за „Идризово“.

Од 30 до 124 разликата е огромна.

Очигледно е дека ставовите и одговорите на Управата се разликуваат според тоа за кого и за што се наменети. Дилемата е само дали вистината ја удавиле во кофа со вода, или ја задушиле со ќесе.

По објавувањето на текстот стигна одговор од Управата за извршување на санкции:

Разликата во податоците е поради техничка грешка

Од Управата за извршување на санкции денеска ни одговорија дека разликата која ја воочивме споредувајќи ги официјалните податоци кои ги добивме за смртноста во затворите, со оние кои се објавени во нивните годишни извештаи, е поради техничка грешка.

„По извршениот увид во предметот констатирано е дека при внесувањето на податоците за смртноста во затворите во 2012, 2013 и 2014 година е направена техничка грешка. Ви се извинуваме за наведеното и Ве известуваме дека релевантните статистички податоци се објавени во Годишните извештаи на Управата за извршување на санкциите за состојбата и работењето на казнено-поправните и воспитно-поправните установи во Република Македонија, кои се објавени на веб страната на Министерството за правда“, ни одговорија од Управата.

На прашањето, пак, зошто во 2012 година со систематизација предвиделе дека во здравствениот сектор во затворите треба да се вработат вкупно 124 лица, а годинава истакнуваат дека им се потребни само 30 вработени, велат дека едноставно така е предвидено со новите правилници.

„По однос на прашањето за разликата во бројот на систематизирани работни места во Секторот за здравствена заштита во казнено-поправните установи, поточно како што наведувате бројот на систематизирани работни места во споменатиот сектор во 2012 година бил 124, а во 2016 година бројот на систематизирани работни места изнесува 30, Ве известуваме дека во 2016 година се донесени нови Правилници за систематизација на работните места во казнено-поправните и воспитно-поправните установи“, велат од Управата за извршување на санкции.