Вести

Владината прослава за НАТО чинела 180.000 евра

Прославата во секој град чинела по околу 12.000 евра, или вкупно, 180.000 евра во 15 градови | Фото: Влада на РМ

Прославата по повод поканата на Република Македонија за членство во НАТО и по повод утврдениот датум за преговори за членство во ЕУ во 15 градови во земјава, чинела речиси 180.000 евра, или по околу 12.000 евра од град. 

Во оваа сума била вклучена организацијата на настанот, обезбедувањето техника, озвучување, осветлување, бини, редари, технички персонал, сценска опрема, ангажман на 40-тина изведувачи, транспорт на опрема и технички персонал, промоција на настаните, графички и визуелни решенија и активности за промоција.

На прашањето на БИРН кои се компаниите кои биле вклучени во организацијата на настанот, од Владата првично нè упатија одговорите да ги побараме користејќи го Законот за слободен пристап до информации, каде што рокот за одговор е 30 дена, за подоцна да ни одговорат дека се работи за фирмите Дуна и Пасворд продукција.

„Трошоците за организацијата на настаните се скромни, по нормални пазарни цени. За промоцијата на настаните не се потрошени средства за реклами во медиумите, ниту пак се потрошени било какви средства за организиран превоз на публика од едни во други градови“, стои во владиното соопштение.

Според Владата, за ангажман на 40-тина домашни изведувачи платени се 75.500 евра, но не се објавени нивните договори.

„Трошоците за неколкуте изведувачи кои го откажаа ангажманот не се вклучени во пресметката и нема да се реализираат, а административната процедура со нив ќе се заврши по пат на спогодба“.

За сценската опрема, бините, системите за озвучување и осветлување платени се 49.000 евра, а договорот бил реализиран од компанија со која Владата има склучено договор, врз основа на тендер и спроведена јавна набавка. 

За сценската опрема, бините, системите за озвучување и осветлување платени се 49.000 евра | Фото: Влада на РМ

Околу 35 илјади евра се платени за логистика, 150 редари, технички персонал,  заштитни огради, 15 шатори, 15 гитарски засилувачи на звук и клавијатури, транспорт на опрема и технички персонал. 

„За оваа ставка, преку соодветни законски постапки се спроведе тендер со три понуди за избор на најповолен понудувач, по што преку критериум најниска цена, избрана е компанија која ги реализираше услугите за организација на настаните“, се вели во соопштението.

Дваесет илјади евра пак, се потрошени за креативен концепт и реализација на промотивна кампања на социјални мрежи, графички решенија, видео продукција, визуелизации на бините и постпродукција.

„Пренос на МРТВ не се реализираше бидејќи авторските договори со изведувачите не вклучуваа регулирање на авторски права за пренос во живо на национални телевизии и со цел да не се издвојува посебно ниту еден од 15 настани и 40 изведувачи ширум државата“, се вели во владиното соопштение.