Вести

Владините реклами ќе станат задолжителни кампањи од јавен интерес

Се брише забраната за буџетско финансирање на медиумите, стои во нацрт-законот доставен до собранието

Измените на медиумскиот закон, не само што целосно ја укинуваат забраната за државно финансирање на приватните радија и телевизии, туку им гарантираат на медиумите и годишни суми од 0,1 процент од буџетските приходи на државата (околу 3,5 милиони евра) и половина процент од буџетите на 81 општина.

Ова го предвидува нацрт-предлогот на измените на Законот за АВМУ до кои дојде БИРН, кој е доставен до собранието, но сѐ уште не е во собраниска процедура.

Координаторот на пратеничката група на владејачката СДСМ, Јован Митрески, за БИРН, потврди дека минатата недела добил ваков предлог и го дистрибуирал до координаторите на пратеничките групи и од нив очекува реакција. Неговиот колега од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, пак, чул дека постои предлог, меѓутоа не го видел.

БИРН, пред два месеца, објави дека во Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) била формирана работна група за промена на медиумскиот закон.

Политичките превирања во 2015 година, крунисани со договорите од Пржино, ја прекинаа праксата на контроверзното владино рекламирање.

Откако СДСМ ја освои власта, постави директна забрана за државно рекламирање во законот, во членот 102, за да го спречи индиректниот поткуп на медиумите што беше модус вивенди на пропагандата на власта водена од Никола Груевски и од ВМРО-ДПМНЕ.

Со забраната, државата и општините не смеат да трошат пари за информирање и за запознавање на јавноста со своите услуги и активности преку приватните радиодифузери, односно преку телевизиите и радијата.

Во иднина, доколку пратениците ги прифатат измените на законот, забраната ќе се укине и државата ќе може слободно да ги финансира медиумите.

„Членот 102 се брише“, јасно пишува во предлог-измените до кои дојде БИРН.

Државата би била задолжена да финансира медиуми

Според нацрт-предлогот што го доби БИРН, моделот на државно финансирање на телевизиите и на радијата ќе се одвива преку задолжителни кампањи од јавен интерес.

Владата би имала обврска во текот на годината да спроведе најмалку една, а најмногу четири кампањи од јавен интерес на централно ниво, додека општините би имале слична задача – да спроведат најмалку една, а најмногу четири кампањи од јавен интерес, овој пат на локално ниво.

За владините или таканаречените кампањи од јавен интерес на централно ниво би биле обезбедени задолжителни 0,1 процент од буџетските приходи или преведено во пари годинава тоа би изнесувало сума од околу 3,5 милиони евра. Седум проценти од парите би се трошеле за продукциска изработка на кампањите, додека другите 93 отсто би биле наменети за нивно емитување.

Член 102

Државните органи, органите на државната управа, јавните претпријатија, единиците на локалната самоуправа, јавните установи и институции како и правните лица со јавни овластувања и трговските друштва во целосна државна сопственост не смеат да предвидуваат средства за информирање и запознавање на јавноста со свои услуги или активности преку приватни радиодифузери.

Оваа значително поголема сума наменета за емитување на кампањите, дополнително би се распределувала на националните и на другите телевизии во сооднос 80 наспроти 20 проценти во корист на петте телевизии со национална концесија.

Моделот е замислен така што посебна собраниска комисија би ѝ ги доставувала кампањите од јавен интерес на владата.

Комисијата, според нацрт-предлогот, би требало да биде составена од тројца пратеници од власта и тројца од опозицијата. Сите народни избраници би можеле да предлагаат кампањи во периодот од 1 до 20 јануари секоја година, а комисијата ќе биде таа што ќе одлучува кои ќе ѝ ги предлага на владата.

Потоа владата на тендер ќе избира продукциски куќи за изработка на кампањите.

Законските измени, кои сè уште се во нацрт, предвидуваат сличен механизам и за таканаречените кампањи од јавен интерес на локално ниво, кои ќе ги спроведуваат општините, со таа разлика што нешто поинаку се прераспределуваат парите меѓу медиумите, половина за националните телевизии и половина за останатите.

Предлог-измените дефинираат што е кампања од јавен интерес:

 „Kампања од јавен интерес содржи исклучиво информативно-едукативни пораки и е насочена кон голем број луѓе во одреден временски период… под кампања од јавен интерес не се подразбираат теми поврзани со историјата, религијата, политички и дипломатски активности…“

Видеата што ќе бидат резултат од кампањите би биле соодветно визуелно означени во долниот десен агол од екранот како „кампања од јавен интерес“, а радиските кампањи би биле тонски означени со џингл со слична содржина.

Кампањи од јавен или од интерес на медиумите?

СДСМ дојде на власт со јасен став за нула државни денари во медиумите.

Меѓутоа, во 2018 година, со поддршка на новинарските здруженија ја имплементираше програмата за годишно субвенционирање на весниците, со објаснување дека тоа е светска пракса за преживување на весниците како медиум.

Оттогаш владата подели околу 2,4 милиони евра на десетина дневни весници и магазини.

Весниците бараат, а владата е подготвена да ги поддржи и да предложи закон, со кој ќе се гарантираат државните субвенции за нив.

Поддршката за весниците се чини ја отвори Пандорината кутија и електронските медиуми почувствуваа дека има расположение во власта за слична државна поддршка.

Еснафските новинарски здруженија, ЗНМ и ССНМ, до сега неколкупати се изјаснија против директното финансирање на медиумите од буџетот.

Овој чекор назад кон државното финансирање следи по неколкугодишниот притисок на петте национални телевизии (Сител, Канал 5, Телма, Алсат-М и Алфа) врз власта.

На почетокот од 2020, непосредно пред закажаните парламентарни избори, и сега во април се појавија написи по порталите дека националните телевизии неколку дена ја бојкотирале владата, сѐ со цел да се укине фамозната „102-ка“. Слични барања имаа и локалните и регионалните телевизии и радија.

Овој предлог-закон го задоволува тоа барање.