Регион

Властите во БиХ не ги отстранија муралите на воените злосторници

Политичарите на босанските Срби ја осудија забраната на Инцко за негирање на геноцидот.

Муралот на осудениот воен злосторник, Ратко Младиќ, сè уште стои на една една од станбените згради во Градишка, град во северна Босна и Херцеговина, во близина на границата со Хрватска. На цртежот Младиќ салутира во воена униформа на Војската на Република Српска (ВРС).

Овој мурал е сличен на оној што последниве денови предизвика низа протести на граѓанските активисти во Белград. Муралот, во обид да биде уништен, беше погоден со канта бела боја, која подоцна беше избришана од српски националисти.

Но, во Градишка никој не се обидува да го отстрани муралот, па групата млади луѓе кои го нацртаа минатото лето, нема потреба да го бранат.

Пред заминувањето од БиХ во јуни оваа година, поранешниот висок претставник, Валентин Инцко, ги повика сите локални власти да ги отстранат од јавниот простор муралите и другите содржини со кои се величат осудените воени злосторници, откако претходно наметна измени на законот, со кои се забранува глорификацијата на воените злосторници и негирањето на геноцидот.

Градишка не се одзва на овој повик. Заменичката на градоначалникот на Градишка, Драгана Илиќ, вели дека одобрението за цртање на муралот на Ратко Младиќ, ја дала Заедницата на сопственици на станови и дека тие немале обврска да бараат согласност за тоа од градските власти.

Затоа, градоначалникот и Градската управа не можат да бараат отстранување на муралот, бидејќи зградата не е во сопственост на градот, вели таа. „Немаше иницијатива на граѓаните за отстранување на предметниот мурал“, вели Илиќ.

Пред крајот на мандатот во БиХ, Инцко посети неколку градови во Република Српска, во кои се нацртани мурали на воени злосторници, а по посетата објави писмо до јавноста, во кое истакна дека е шокиран и изненаден.

„На еден портал прочитав дека во Фоча е насликан мурал на Ратко Младиќ долг 25 метри. Не можев да верувам“, напиша Инцко.

Тој додаде дека „глорифицирањето на воените злосторници е неприфатливо во цивилизираниот свет и оти тоа мора да има последици“.

БИРН контактираше со пет општини, кои Инцко ги повика да ги отстранат муралите, и со уште три во кои е познато дека постојат цртежи на уличната уметност, со кои се величат воените злосторници. Освен Градишка, на барањето на БИРН одговори само градот Калиновик.

И градоначалникот на Калиновик, Радомир Сладоје, вели дека отстранувањето на муралот на Ратко Младиќ, поставен на влезот во оваа општина, не е во надлежност на локалните власти.

Сладоје посочува оти тој не се наоѓа на општинско земјиште и дека општината нема издадено одобрение за него, па затоа не е одговорна за неговото отстранување. Бидејќи муралот се наоѓа на регионалниот пат Добро Поље – Калиновик, Сладоје вели дека за него е надлежно Министерството за транспорт и врски на Република Српска.

„Мислам дека мое демократско право е да го задржам моето мислење за себе, бидејќи јас како градоначалник не донесов одлука за поставување на муралот“, вели Сладоје, додавајќи дека по одлуката на Инцко, немало иницијатива од граѓаните за отстранување на муралот.

На Ратко Младиќ, поранешен командант на Главниот штаб на ВРС, Механизмот за меѓународни кривични трибунали му ја потврди казната доживотен затвор, на која беше осуден за геноцид во Сребреница, за прогон на Бошњаците и на Хрватите, за тероризирање на граѓаните на Сараево и за земање на припадници на УНПРОФОР како заложници.

Но, многу босански Срби не го гледаат Младиќ како воен злосторник и не прифаќаат дека масовните убиства на Бошњаците од Сребреница во јули 1995 година, претставуваат геноцид. Политичарите на босанските Срби ја осудија забраната на Инцко за негирање на геноцидот.

На муралот на влезот во Калиновик, покрај сликата на Младиќ, стои натписот „Град на хероите“.

Овој мурал го демотивира враќањето во Калиновик, вели Самир Врановиќ, од Здружението на членови на семејствата на исчезнатите лица „Вистина – Калиновик 92“.

„Едноставно, начинот на однесување на градоначалникот, на структурата што е на власт и на општина Калиновик, не дозволува луѓето да се опуштат, да најдат начин како да го зголемат враќањето, луѓето да се вратат на своите огништа“, вели Врановиќ.

„Политичарите стојат зад овие мурали“

Муралот на Ратко Младиќ во Фоча, насликан во април 2021 година. Фото: БИРН

Правниот експерт, Лејла Гачаница, објаснува дека со измените на кривичниот закон, наметнати од Инцко, се забранува идната глорификација на воените злосторници, но дека останува прашањето што да се прави со постојните мурали, со називите на улиците и на објектите.

„Ослободувањето на јавниот простор и едностраните толкувања на минатото, во кое осудените воени злосторници се славени како херои, секако ќе значат подобрување на целата атмосфера за живот на различните луѓе во локалните заедници, од една страна, а од друга страна, се осмелувам да кажам, можеби и да обезбеди одредена доза на сигурност, која секако сега недостасува“, посочува Гачаница.

Кога, пред неколку месеци, Инцко ја посети Фоча, во овој град имаше мурал посветен на Младиќ, но од претставниците на здружението на повратници, велат дека муралот е отстранет. Но, не и оној посветен на Драгомир Дража Михајловиќ, четнички командант од Втората светска војна, чии сили се одговорни за воени злосторства во БиХ.

„Потоа ни се случи мурал на Младиќ, каде одредена група млади момчиња, прво закачија мурал на зградата помеѓу црквата во Фоча и џамијата Алаџа, а потоа ист беше и нацртан. После тоа се појави мурал, во близина на автобуската станица, посветен на командантот Милорад Пелемиш – објаснува Џемал Имамовиќ, претседател на Здружението на граѓани повратници и раселени лица, во општина Фоча.

Милорад Пелемиш е поранешен командант на Десеттиот диверзантски одред при Главниот штаб на ВРС. Против него не е покрената постапка. Седум поранешни припадници на Десеттиот диверзантски одред, беа осудени во Хаг, БиХ и во Србија, за егзекуции извршени на фармата Брањево, во близина на селото Пилица, кај Зворник.

Мидхета Калопер-Орули, генерален секретар на Здружението на жртви на војната, „Фоча 92-95“, вели дека претставниците на здружението кон средината на годината одржале средба со градоначалникот Милан Вукадиновиќ, за отстранување на муралот.

„На таа средба тој делумно вети дека ќе го направи тоа, дека ќе се обиде да го направи тоа, дека овие мурали ќе бидат отстранети, но мора да видиме дека зад тие мурали, стои политиката“, вели Калопер-Орули.

Имамовиќ смета дека муралите на Младиќ и Пелемиш биле пречкртани, поради посетата на Инцко.

„Веќе не е дозволено величање на воени злосторници“

Муралот на Слободан Праљак во Чапљина, насликан во ноември 2020 година. Фото: БИРН.

Во текот на 2017 година, во Вишеград беа откриени мурали на Радован Караџиќ и Ратко Младиќ. Во овој град има и улица наречена „Ужички корпус“. Злосторствата во овој град започнаа додека во него сѐ уште беше Ужичкиот корпус. Командантот на овој корпус, Драгољуб Ојданиќ, во Хаг беше прогласен за виновен за воени злосторства на Косово.

Мурали на Младиќ може да се видат и во Невесиње, Гацко и Лончари, а во Чапљина беше нацртан мурал на Слободан Праљак, набргу откако тој беше осуден во Хаг. Праљак, поранешен командант на Главниот штаб на Хрватскиот совет за одбрана (ХВО), испи отров во судницата по изрекувањето на пресудата и набргу потоа почина.

Иако верува дека измените на кривичниот закон, со кои се забранува величање на воените злосторници, ќе имаат мал ефект врз постоечките мурали, Гачаница објаснува дека со измените сега е казниво да се поставуваат нови мурали, да се даваат имиња на улици или на друг начин јавно да се величат воените злосторници.

„Тоа што сега го имаме во законот, практично значи дека вакво глорифицирање на воените злосторници повеќе не е дозволено. Зборуваме за некое идно време, зборуваме за тоа дека веќе не е дозволено да се слика мурал или да се пишуваат графити или да се дава име на институција, улица, на кое било јавно место, мост, населба или било што друго, според осудените воени злосторници и тоа е многу важно од аспект на сопирање на таквата практика“, вели Гачаница.

Според измените на Кривичниот законик на БиХ, одобрувањето, негирањето, намалувањето или обидот за оправдување на злосторството геноцид, на злосторствата против човештвото или на воените злосторства, ќе се казнува со затвор од шест месеци до пет години, додека со најмалку една година затвор ќе се казнува дистрибуирањето на летоци, слики или на други материјали, кои поттикнуваат омраза или го негираат геноцидот.

Доделувањето на признанија, награди, подигнувањето на споменици, секакво потсетување или привилегија дадена на лице осудено за геноцид, злосторство против човештвото или за воено злосторство, ќе се казнува со најмалку три години затвор, колку што изнесува и казната за именување по воените злосторници на јавни објекти како улици, плоштади, паркови, мостови, институции, установи, општини, градови, населби и места.

Обвинителството на Босна и Херцеговина му достави на БИРН податоци според кои, по одлуката на Инцко во јули, добило 39 предмети за негирање на геноцидот и величање на воените злосторници. Досега три предмети се решени со неспроведување.

Поранешниот судија и обвинител, Есад Фејзагиќ, објаснува дека проблемот со негирањето на геноцидот и глорификацијата на воените злосторници е многу покомплексен и не е обично правно прашање, со кое се занимаваат судовите.

„Овие проблеми не може да ги реши обвинителството или судството, тоа треба да биде јасно“, заклучува Фејзагиќ.

Овој текст е резултат на соработката помеѓу forumZFD во БиХ и TRIAL International, со БИРН БиХ.