Анализи

ВМРО-ДПМНЕ со малку гласови до многу власт

Удар за ДУИ, пораз за СДСМ, шанса за Левица

ВМРО-ДПМНЕ очекувано победи на изборите, но не успеа значително да го зголеми бројот на гласови во главниот град. Орце Ѓорѓиевски, со освоени околу 95.500 гласови, станува градоначалник на Скопје со најмала поддршка во последните две декади.

Амар Мециновиќ заостана за околу 34 илјади гласа, но успеа меѓу двата круга да ја удвои поддршката и да освои над 61 илјада гласови. Тоа беше доволна причина во Левица да бидат задоволни и да се прогласат за главна опозиција на ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ, пак, освоија три градоначалнички места, и заедно со оние од првиот круг, имаат вкупно шест. Лидерот Венко Филипче, успехот го гледа во тоа што со нивната работа го намалиле гласачкото тело на ВМРО-ДПМНЕ. Додека најавува кадровски реформи во своите редови, паднаа и првите оставки. Досега вкупно три.

И ДУИ има историски најмал број градоначалници, четворица, од кои, ниту еден во поголема општина. Нивниот политички противник ВЛЕН освои двојно повеќе места, осум градоначалници.

Другиот владин коалициски партнер ЗНАМ, локалните избори ги заврши со половичен успех. Од двата претенденти за градоначалници, победи еден. Максим Димитриевски, во крајно неизвесна трка, успеа да го победи независниот кандидат и по третпат стана градоначалникот на Куманово. Мирослав Лабудовиќ изгуби во скопски Центар.

Од еуфорија до математика

Славеничка атмосфера пред белата палата | Фото: БИРН

„Растуривме!“ – одекнуваше синоќа низ белата палата на ВМРО-ДПМНЕ, додека поддржувачите славеа резултат што го сметаат за историски триумф, со освоени 55 градоначалници, меѓу кои бастионите на СДСМ и ДУИ: Струмица, Карпош и Кичево.

Нецел час по затворањето на гласачките места, победата беше извесна. Министрите Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, уште во првите изјави за медиумите говореа дека партијата извојува победа на локалните избори.

„Победивме во Брвеница“, се слушаше од партиското седиште.

Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, кому сенка му чуваа бројни обезбедувачи и партиски редари, посебно се осврна на оваа општина, каде што се соочија ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН. Борбата, како што рече, била „жилава.“

Идентична радост и изблици имаше при објавата дека партијата го добила упориштето на ДУИ – Кичево, каде што, Александар Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ го победи Фатмир Дехари од коалицијата предводена од ДУИ, кој беше градоначалник од 2013 година.

На Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ сега му успеа тоа што не ѝ успеа на неговата партија и на СДСМ заедно во 2013 година, кога се здружија заеднички против Дехари, но не успеаја да го детронизираат.

Најмногу членови и симпатизери пред партиското седиште се собраа кога насмеан влезе Орце Ѓорѓиевски, кој го освои градоначалничкото место во Скопје. Партиските другари и поддржувачи се наредија за да направат селфи.

Ѓорѓиевски, на бината го запеа препознатливиот рефрен, со кој партијата ги слави победите „Цело Скопје вмровски град“ по што му се придружи и партиското членство.

По краткиот говор на бината пред седиштето на партијата, на својот политички ривал Амар Мециновиќ му порача да го заврши факултетот. Кажа дека очекува в среда или в четврток да го добие решението за градоначалник и да се зафати со чистење на градот.

ВМРО-ДПМНЕ, заедно со коалицијата „Вреди“, по вторпат по парламентарните избори ја маргинализираа ДУИ, која освои најмал број градоначалници од нејзиното формирање.

Ѓорѓиевски станува градоначалник на Скопје со најмал број гласови во изминативе 20 години, односно со нешто над 95 илјади гласови. Во вториот круг избори за Скопје, на гласање излегоа повеќе од 160 илјади граѓани од вкупно 474 илјади граѓани со право на глас.

Гласовите за Ѓорѓиевски, во споредба со првиот круг, пораснаа за само 3.909, додека кандидатот на Левица ги удвои гласовите, од нешто над 30 илјади гласови, до 61 илјада гласови во вториот круг.

Во општините каде што живее доминантно албанско население, како што се Чаир и Сарај, изостана поддршка за Ѓорѓиевски.

Независно од математиките на микрониво, овој резултат е политичко ехо од 2013 година, кога ВМРО-ДПМНЕ освои 56 општини под водство на Никола Груевски.

Во Левица – задоволни

Апасиев и Мециновиќ од партискиот штаб | Фото: БИРН

Непосредно пред затворањето на избирачките места, во штабот на Левица беше темно и тивко, за кратко по седум часот, еден по еден, полека да почнат да доаѓаат нивните членови.

Одзивот во вториот круг од изборите во Скопје беше слаба, што не беше протолкувано како добар сигнал.

„Три спрема еден за Орце, во депресија паднав“, ги споделуваше наглас бројките од пребројани гласови, партиски активист, кој ги следел изборите во Чаир, една од скопските општини со најмал одзив.

„Во Центар тепаме“, дофрлаше негов сопартиец пред влезот на партискиот штаб, над кој едно до друго се вееја македонското и палестинското знаме.

Набргу стана јасно дека нивниот кандидат ќе успее да ги удвои гласовите од првиот круг, на општо задоволство на активистите.

Откако меѓу последните во штабот пристигна нивниот лидер Димитар Апасиев, почна да се слуша гласна смеа и музика од просториите, во кои активистите ги сумираа резултатите од овие избори.

Јасно беше дека нивниот кандидат нема да победи, ама успеа да освои нешто над 60 илјади гласови во Скопје, што е своевиден рекорд за партијата формирана пред помалку од една деценија.

Партискиот портпарол на Левица | Фото: БИРН

На ланските парламентарни избори, во целата држава, добија околу 68 илјади гласови.

На овие локални избори, партијата нема мнозинство советници во ниту една општина, а не доби ни свој градоначалник.

Мециновиќ водеше во Центар пред Ѓорѓиевски, а мртва трка се водеше и во Карпош.

„ВМРО стагнира, Левица дуплира“, славеше Апасиев во своето обраќање откако беа објавени изборните резултати.

Очигледниот триумф на ВМРО-ДПМНЕ на овие избори го нарече „пирова победа на режимот“, упати честитки само на новите градоначалници на Кичево и во Брвеница и ги повика гласачите на СДСМ да се приклучат на Левица.

„Ве пуштија низ вода, ја предадоа Струмица и Карпош. Предадени сте од корумпираното раководство. Престројте се позади нашиот бајрак за да ги победиме ДПМНЕ на наредните парламентарни избори“, повика Апасиев.

Со помека реторика од онаа на лидерот, истата порака ја прати и Мециновиќ, претставувајќи ја Левица како нова опозиција во земјава.

„Браната е пукната и сметам дека ние сме вашата опција. Ве повикувам да останете зад контингентот на Левица, затоа што Левица е опозицијата на ВМРО-ДПМНЕ.“

СДСМ најавува кадровски промени

Краток говор на лидерот на СДСМ, Венко Филипче | Фото: БИРН

Атмосферата во СДСМ, пак, беше слична како и изборните резултати што ги постигнаа – скромна. Во полупразната прес-сала, во партиското седиште, со брз чекор влета претседателот на партијата, Венко Филипче. Дузината партиски поддржувачи што беа присутни меѓусебно се предупредија да не аплаудираат кога влезе лидерот.

Во кусото обраќање соопшти дека во вториот круг добиле тројца градоначалници и заедно со првиот имаат вкупно шест. Нивни кадри во следните четири години ќе ги водат Центар, Зрновци, Македонска Каменица, Крива Паланка, Кривогаштани и Богданци.

За него резултатите не се порака дека треба да даде оставка, туку поука за иднината.

„Не, јас кажав и минатиот пат, јас сум претседател многу краток временски период, година и неколку месеци.“

Филипче тврди дека ја консолидирале партијата по ланскиот пораз на парламентарните избори, а резултатот од нивната работа е намалениот број на гласови во ВМРО-ДПМНЕ.

„Успеавме, во изминатиот период да ги разобличиме лажните политики на власта, која изгуби, еве веќе 130 илјади – 140 илјади гласови за само година и пол, е делумно и наша заслуга“, одговори Филипче.

И додека тој ги брои гласовите на политичкиот соперник, во неговата партија почнаа да паѓаат оставки. По првиот круг, оставка поднесе претседателот на скопската партиска организација, Ѓорѓи Галетановски.

Потоа оставки поднесоа потпретседателката Ана Чупеска и Костадин Ацевски, кандидат за градоначалник на Ѓорче Петров и претседател на партискиот огранок во таа општина. Но, тој го повика и Филипче и партиското раководство да го направат истото.

Ако се мерат поразите, а не победите, овие избори може да се споредуваат со оние во 2017 година, кога ВМРО-ДПМНЕ доби пет градоначалници, и во 2013 година, кога СДСМ, тогаш под водство на Бранко Црвенковски, освои четири градоначалнички места.

Филипче е на чело на партијата околу година и пол, период во кој не успеа да го подигне драматично рејтингот по поразот на парламентарните избори.

Единствен социјалдемократ што синоќа славеше во главниот град беше градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски.

Забележливо беше дека тој водеше поинаква кампања од партиската и со поинаков слоган. И победата не ја одбележа заедно со раководството, туку со своите партиски поддржувачи во кафуле во Дебар Маало.

Неговите резултати и пред две недели отскокнуваа од оние на партијата.

Во првиот круг, тој доби две илјади гласа повеќе од партиската советничка листа. Истовремено, неговиот противкандидат Мирослав Лабудовиќ од ЗНАМ доби две илјади гласови помалку од вкупниот број гласови за советничките листи на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ. Таквиот резултат отвори бројни шпекулации за заткулисни игри и договори за поддршка.

И во вториот круг, Герасимовски успеа да ја зголеми поддршката за околу две илјади гласови, а Лабудовиќ доби околу илјада гласа помалку од оние што во Центар гласале за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски.

Филипче најавува кадровски смени, а Левица крои планови како да стане главна опозиција во земјава. ВМРО-ДПМНЕ, пак, ги слави ефектите на прелевањето на успехот од парламентарните избори со препораки за скромност и одговорност до избраните градоначалници. Впрочем како и Зоран Заев во 2017 година.