Регион

Во Австралија, некои Хрвати отворено го слават фашизмот

Додека Хрватска се бори со фашистичката носталгија и со историскиот ревизионизам, илјадници километри подалеку, во Австралија, хрватската заедница отворено ги слави своите врски со усташтвото

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Две знамиња се веат пред клубот на Хрватското друштво во западното предградие на Сиднеј, Австралија.

Вакви слични клубови постојат ширум Австралија. Тие се места на кои се собираат повеќе од 43.000 Австралијци родени во Хрватска и повеќе од 133.000 останати лица, кои велат дека се со хрватско потекло.

Десетици илјади Хрвати мигрираа во Австралија по Втората светска војна и падот на НДХ, во време кога Хрватска стана дел од Социјалистичка Федеративна Република Југославија, на чие чело беше Јосип Броз Тито.

Денес, Хрватска, која од 1991 година е независна држава, а од 2013 и членка на Европската унија, се бори со растечки тренд на историски ревизионизам и со величење на НДХ. Но, сличен тренд, честопати дури и поекстремен отколку оној во Хрватска, може да се забележи и кај Хрватите во Австралија.

Потребна е претпазливост

Хрватски клуб во Џилонг, Австралија. Фотографија на Себ Старчевиќ.

Во 1960-тите и 1970-тите години, во Австралија беа активни неколку усташки ограноци, а групите како Хрватското револуционерно братство, беа одговорни за бројни напади врз југословенската мигрантска заедница.

Куќите, продавниците и црквите беа цел на вандали, а југословенските конзули во Мелбурн и Сиднеј, мета на бомбашки напади. Се верува дека усташите регрутирале борци во Австралија, со цел да се инфилтрираат во Југославија и да агитираат против комунистичкиот режим.

Д-р Кристи Чампион, предавач на студиите за тероризам на австралискиот универзитет Чарлс Стурт, која ги истражуваше активностите на усташите во Австралија во 1960-тите и 1970-тите, вели дека нападите првично биле третирани како „југословенски проблем“, но оти кога станале понасилни и понеселективни, почнале да привлекуваат поголемо внимание.

Но, кон крајот на 1970-тите, австралиските власти ја растурија оваа група и таа стана многу помалку активна, иако усташкото движење продолжи да се слави во хрватските клубови и центри, низ целата земја.

Така, во Мелбурн, бистата на Павелиќ ги поздравува гостите кои влегуваат во еден локален ресторан, на која стои натпис што го опишува како ‘поглавник’, термин кој за себе го користел самиот Павелиќ и кој најблиску одговара на терминот фирер.

Во клубот на хрватското друштво во градот Џилонг, прикажано е официјалното лого на проусташкото Хрватско ослободително движење (ХОП), екстремно десничарска партија основана од Павелиќ, заедно ​​со портретот на самиот Павелиќ.

Бројни клубови редовно го одбележуваат 10 април, денот кога е основана НДХ. Австралискиот политичар, Крег Кели, беше принуден да се извини откако присуствуваше на еден ваков настан во Сиднеј, во 2014 година.

Хрватското Министерство за надворешни работи ги осуди ваквите настани како „апсолутно неприфатливи“, а српскиот амбасадор во Австралија изјави оти тие се „морално монструозни“. Сепак, во последниве години слични прослави се одржуваа во Мелбурн, Џилонг ​​и Бризбејн.

Во 2017 година, Анте Јуриќ, член на одборот на хрватскиот клуб во Мелбурн, кој беше именуван за член на Советот на Хрвати надвор од Република Хрватска, беше критикуван, откако за австралиското радио СБС изјави дека Павелиќ е „еден од најголемите Хрвати во историјата“ и зборуваше позитивно за НДХ.

Поранешната хрватска премиерка, Јадранка Косор, се вклучи во овој спор, порачувајќи му на радио СБС дека никој не смее да ги отфрла злосторствата на усташите.

Но, тоа не ја спречи хрватската заедница во Австралија, во 2018 година, да биде домаќин на голем број екстремно десничарски личности, вклучувајќи ги и новинарот, Игор Вукиќ, и хрватскиот политичар, Жељко Гласновиќ, кои ги минимизираат злосторствата на усташкиот режим.

За време на нивната турнеја, наречена „Хрватска без цензура“, Вукиќ, Гласновиќ и други личности, ги посетија хрватските клубови низ Австралија, за да разговараат за разни контроверзни теми, вклучително и „Митот и лагите за Јасеновац“, концентрационен логор што го водеа усташите во Втората светска војна.

Десничарските политичари и коментатори во Хрватска, редовно го оспоруваат бројот на настрадани во овој логор.

Величење на воените злосторници

Маица со усташки симболи, што се продава во Сиднеј. Фотографија на Себ Старчевиќ

Некои клубови им оддаваат почит на осудени воени злосторници, како што е хрватскиот генерал, Слободан Праљак, кој се самоуби откако беше осуден за воени злосторства, во 2017 година.

Така, во еден клуб во Канбера, каде вработените носат маици со усташка парола, стои голем постер на Праљак, со забелешка дека тој бил „херој, а не злосторник“. Сличен постер, овој пат на Дарио Кордиќ, хрватски генерал осуден за злосторства против човештвото во 2001 година, е поставен во клуб во Сиднеј.

Инциденти, со фашистички извици, имаше и на спортски настани. Група хрватски младинци, беа протерани од Австралија опен,  откако испратија нацистички поздрав и извикуваа фашистички пароли во 2010 година.

Потоа, во 2013 година, ФИФА го суспендираше во десет натпревари и го казни со казна од 3.000 евра, хрватскиот фудбалер со австралиско потекло, Јосип Шимуниќ, бидејќи ја водеше публиката во скандирање на усташкиот поздрав. Тој негираше дека направил нешто лошо, тврдејќи дека е само „патриот“.

Во последниве години, оваа реторика ескалираше во антисрпски вандализам и смртни закани. На зидовите на Српската православна црква во Џилонг, во 2016 година, беа нацртани усташки симболи, свастики и испишани фашистички пароли како „Добар Србин е мртов Србин“.

Инцидентот се случи, неколку недели пред закажаната посета на српскиот патријарх Иринеј. Свештеникот, Петар Божиќ, за локалните медиуми изјави дека нападот е во врска со „Втора светска војна, дека станува збор за Хитлер и неговите дела и за она, што овие луѓе сметале дека не е готово“.

Во вторникот, жител на Сиднеј, Иван, Хрват по националност, твитна дека во воз видел човек со усташка тетоважа на ногата. Иван за БИРН изјави дека овој човек изгледал како да е во раните дваесетти години и дека носел кратки пантолони, кои го откривале усташкиот симбол, на „листот на неговата нога“.

Иван вели дека не е прв пат да види усташки симболи и хрватски фашистички слики во Сиднеј. Ултранационализмот е „испреплетен во заедницата на дијаспората“, додава Иван.

Според Кристи Кампион, Австралија „едвај гребнала по површината“ на историјата на групите, какви што се усташите, на нејзино тло. Таа додава дека е важно да се истражи дали усташкото движење доживува препород во Австралија.

„Често се случува терористичките закани да се препознаат откако ќе резултираат со пребројување на тела“, истакнува Кампион за БИРН.