Регион

Во Блајбург ќе биде одржана комеморација, но „без фашистички ознаки”

Комеморација во Блајбург, во 2017 година. Фото: Framnat.eu.

Претседателот на хрватскиот парламент, Гордан Јандроковиќ, и претседателот на Националниот совет на австрискиот парламент, Волфганг Соботка, во понеделникот изјавија дека и оваа година во Блајбург ќе се одржи комеморација, но „во согласност со австриските закони”, кои забрануваат употреба на одредени симболи на хрватското фашистичко усташко движење.

„Претседателот Соботка изрази разбирање за важноста на одржувањето на комеморацијата за Хрватска”, се вели во соопштението на Гордан Јандроковиќ.

„Двајцата претседатели се согласија дека оддавањето на почит на жртвите на комунистичкиот тоталитарен режим по Втората светска војна, мора да биде во центарот на комеморацијата, која не смее да биде инструментализирана во политички цели“, се додава во соопштението.

Собота им изјави на новинарите оти се согласиле дека „ниту една страна не сака и не толерира фашистички ознаки”.

Јандроковиќ потврди дека комеморацијата ќе се одржи во согласност со австриските закони.

Симболите на усташкото движење се вообичаена појава на годишните средби на хрватските десничари во Блајбург во Австрија, со кои се одбележува годишнината од смртта на припадниците на фашистичките хрватски сили и цивили, убиени од страна на партизаните во 1945 година.

Во Блајбург во 2018 година, австриската полиција уапси седум лица и поднесе девет пријави за кршење на законот со кој се забранува глорификацијата на фашизмот во оваа земја.

Во февруари оваа година, Министерството за внатрешни работи на Австрија забрани два симбола на хрватското усташко движење, буквата У, која се наоѓа околу сребрена граната од која се појавува црвен пламен и грбот со шаховницата на Независната Држава Хрватска, од Втората светска војна.

Забраната стапи на сила на 1 март, а казните за кршење на забраната се до 4.000 евра или 10.000 евра за оние што ќе го повторат делото, објавија австриските медиуми.

На листата на забранети симболи се најдоа и симболите на Хамас, Курдистанската работничка партија (ПКК), организацијата Муслимански браќа и турската ултранационалистичка организација Сиви волци. Со ова се прошири веќе постоечката забрана за употреба на симболите на Ал-Каида и ИДИЛ.

Католичката црква на Корушка, во март го одби барањето на Хрватската бискупска конференција, да одржи миса во Блајбург, бидејќи, како што образложи, овој настан се користи за промоција на националистички идеи.

Јандроковиќ истакна дека забраната за одржување на миса се однесува само на бискупите и оти миса може да одржи и свештеник.

Во мај 2016 година, хрватскиот парламент реши повторно да биде покровител на овој настан, откако во 2012 година покровителството беше укинато, поради загриженоста дека собирот се користи за рехабилитација на усташката идеологија.