Институтот за исчезнати лица (ИИЛ) на Босна и Херцеговина, денеска објави дека во масовната гробница Градина, откриена пред два дена, се спроведува ексхумација.
Како што истакнаа, гробницата содржи посмртни останки на жртвите убиени во 1992 година во Вишеград, но можно е да содржи и останки на жртвите од Сребреница, кои беа убиени во 1995 година, кога силите на босанските Срби масакрираа повеќе од 7.000 момчиња и мажи од бошњачка националност. По околу 1.000 жртви од Сребреница сѐ уште се трага.
„Со оглед дека теренот е исклучително тежок, карпест и непристапен, специјални машини се донесени од Горажде за да ги разбиваат камењата и карпите, кои претходно биле минирани и урнати врз гробницата, за да се скријат телата на жртвите“, се вели во соопштението на ИИЛ.
Од Обвинителството на БиХ соопштија дека останките ќе бидат испратени на ДНК анализа, за да се утврди идентитетот на жртвите.