Во Загреб, денеска, на 21-годишнина од смртта на Фрањо Туѓман, беше откриен Споменик на татковината.
„Ова е историски ден, ова е историски национален проект“, изјави градоначалникот на Загреб, Милан Бандиќ, кој присуствуваше на церемонијата заедно со министерот за одбрана. Марио Баножиќ, министерот на бранителите, Томо Медвед, и кардиналот, Јосип Бозаниќ.
Во септември минатата година, кога беше поставен камен-темелникот на овој споменик, премиерот, Андреј Пленковиќ, изјави дека ова ќе биде место на кое ќе се доаѓа и ќе им се оддава почит на сите што учествувале во создавањето на Хрватска.
Споменикот е дело на архитектот, Ненад Фабијаниќ, и се состои од три сегменти, од кои едниот е Ѕидот на болката, инспириран од „спонтаниот“споменик на Хрватите кои биле убиени или исчезнале за време на војната 1991-1995, изграден во Загреб во 1993 година од членови на нивните семејства, а кој беше отстранет во средината на 2000-тите.
Новоотворениот меморијален комплекс чини 34,7 милиони куни, околу 4,6 милиони евра, што наиде на критики.
Комплексот се наоѓа спроти четири метри високата статуа на Туѓман, претседател на Хрватска од 1990 до 1999 година, кој ја водеше земјата низ четиригодишната војна против Југословенската народна армија и бунтовничките Срби.
Иако националистите му се восхитуваа заради создавањето на независна држава, Туѓман беше критикуван поради улогата на Хрватска во војната во соседна Босна и Херцеговина, како и поради односот кон хрватската опозиција, човековите права и слободата на медиумите.