Ана Владисављевиќ, Загреб
Во Загреб во јули ќе биде отворен Музеј на воената фотографија, во кој ќе бидат изложени фотографии на кои се прикажани ужасите на вооружениот конфликт, видени преку очите на професионалните фотографи, кои, воедно, ги раскажуваат и приказните на обичните луѓе.
Изложбата, која ќе биде отворена во новиот музеј во Загреб, чие отворање е независна иницијатива, ќе го опфати периодот на конфликтот во Хрватска, 1991-1995 година.
Во Музејот ќе бидат изложени фотографии на светски познати фотографи, како и фотографии на обичните луѓе.
Музејот, средствата за негово отворање, ги собра преку онлајн кампања за донации под наслов „Да ја ставиме војната во музеј!“.
Преку кампањата, организаторите собраа повеќе од 7.000 евра за покривање на трошоците за поставување на првата изложба.
Тие велат дека музејот е одговор на „растечката тривијализација на војната и нејзините последици“.
„Јавниот дискурс за вооружениот конфликт стана, во голема мера, бесчувствителен и индиферентен, иако пред 23 години во Хрватска преживеавме страшен конфликт, чии општествени и економски последици ги чувствуваме и денес“, пишува на веб-страницата на Музејот.
„Ние имаме намера да им се спротивставиме на овие тенденции преку фотографии, документарни филмови и информативни настани. Целта е да имаме информиран дијалог со посетителите и да ги едуцираме за катастрофалните последици од војната и за императивот на мирот за сите“, пишува на страницата.
Мотото на музејот е „Да го сочуваме минатото, да влијаеме на сегашноста и да ја смениме иднината“, а организаторите, дел од средствата од билетите, ќе ги донираат на бегалците и на воените добротворни организации.