БИРН имаше пристап до изменетото обвинение во случајот Ивановиќ, во кое стои дека секретарката на Ивановиќ, Силвана Арсиќ, е дел од организираната криминална група, која стои зад убиството.
Арсовиќ се товари оти во моментот на убиството на Ивановиќ, извршено во јануари 2018 година, била единствената во седиштето на партијата пред кое тој беше убиен, и оти ја исклучила електричната енергија, поради што камерите во партијата не работеле.
„Ова овозможило, осомничените да не бидат снимени со камерите кога го извршиле убиството … додека веднаш по убиството (таа) ги активирала камерите (во канцелариите на партијата)“, се наведува во обвинението.
Арсовиќ во неколку наврати ги негираше обвинувањата.
Во првичното обвинение, како членови на организираната криминална група, одговорна за смртта на Ивановиќ, беа именувани Недељко Спасојевиќ, Марко Росиќ, Раде Басара, Милан Радоичиќ и Звонко Веселиновиќ.
Радоичиќ и Веселиновиќ, и двајцата истакнати косовски Срби, се обвинети дека се водачи на оваа група. Обајцата избегаа во Србија за да го избегнат апсењето и ги негираа обвиненијата.
Спасојевиќ и Басара, пред апсењето, беа косовски полицајци.
Во изменетото обвинение не е наведено лицето или лицата кои пукале со пиштол директно во Ивановиќ.
Арсовиќ во првобитното обвинение се товареше за вмешаност во убиството на Ивановиќ, но не како член на криминалната група.
Нејзиното судење, заедно со Спасојевиќ, Росиќ, Басара и двајцата поранешни полицајци, Драгиша Марковиќ и Жарко Јовановиќ, требаше да започне кон крајот на декември минатата година.
Сепак, првото рочиште беше одложено за февруари, за да можат адвокатите на обвинетите, да го разгледаат изменетиот обвинителен акт.
Ивановиќ, кој претходно се сметаше за тврдокорен националист, стана умерен политичар, кој се залагаше за соживот на српското малцинство и албанското мнозинство во Косово.
Тој стана и гласен критичар на Владата во Белград.
Пред да биде убиен, нему, во обновена постапка, му се судеше по обвинение дека дал наредба за убиство на Албанци во Митровица, за време на војната на Косово во 1999 година. Тој се изјасни дека не е виновен.