Претседателот на Република Српска, РС, Милорад Додик, изјави дека во овој ентитет, никогаш нема да бидат дозволени учебници кои содржат лекции за геноцидот во Сребреница и за опсадата на Сараево.
Учениците во РС никогаш нема да учат за геноцидот во Сребреница и за опсадата на Сараево, изјави на прес-конференција во Бања Лука, Милорад Додик, во врска со контроверзиите околу предложената забрана на учебници со оваа содржина.
„Невозможно е тука во употреба да бидат учебници од Федерацијата БиХ, во кои се вели дека Србите извршиле геноцид и дека го држеле Сараево под опсада. Ова не е вистина и тоа тука нема да се учи“, рече Додик.
Со оваа изјава Додик ја поддржа најавата на министерот за образование и култура на РС, Дане Малешевиќ, кој изјави дека учебниците од Федерацијата кои содржат лекции за опсадата на Сараево или за масовните убиства на Бошњаците од Сребреница, ќе се забранат.
Својата одлука Малешевиќ ја образложи повикувајќи се на договорот од 2002 година, кој беше потпишан од сите министри за образование во БиХ, според кој учебниците нема да содржат лекции со тематика од војната.
Меѓутоа, во Федерацијата БиХ, во учебникот по историја за 9-то одделение, кој е одобрен во сите основни училишта на овој ентитет, има лекции за опсадата на Сараево и за геноцидот во Сребреница.
„Бошњачките ученици, кои ја изучуваат националната група на предмети во РС, нема да користат вакви учебници”, рече Малешевиќ во понеделникот на прес-конференција.
„Министерството за образование и култура само го почитува договорот и препораките на ОБСЕ, за ставање на ембарго на изучувањето на војната во Босна и Херцеговина, за децата да не бидат оптоварени со оваа тема, а во нивен најдобар интерес и во интерес на здравиот соживот во цела БиХ”, додаде тој.
ОБСЕ соопшти дека нема сознанија за учебници кои содржат теми од војната, ниту пак кој ги одобрил.
„Не можам да потврдам во каква состојба е договорот од 2002 година. Јасно е дека има премногу политика во образованието и ние сакаме да видиме повеќе позитивни работи, повеќе компјутери, училишта во добра состојба и далеку помалку политика“, изјави Џонатан Мур, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Босна и Херцеговина, за Н1 телевизија.
Мухизин Омеровиќ, претставник на родителите на бошњачките ученици од Коњевиќ Поље, за интернет страницата klix.ba изјави дека оваа одлука не изненадува.
„Ова е само продолжение на забраната да се учи на босански јазик и да се изучуваат националните предмети”, рече тој.
Омеровиќ алудира на долготрајниот спор околу официјалната дефиниција на јазикот што го зборуваат Бошњаците во Република Српска, која е различна во уставот на РС и во уставот на БиХ.
Според Уставот на БиХ, официјално постојат три јазици: босански, хрватски и српски јазик, додека уставот на РС користи малку поразлична формулација и наведува дека службени јазици во овој ентитет се јазиците на „српскиот, хрватскиот и бошњачкиот народ”.
Разликата има симболично значење за Бошњаците, бидејќи многумина од нив сакаат нивниот јазик да се нарекува „босански”, со што се потврдува постоењето на заедничко културно и историско наследство во земјата.
„Како што сега стојат работите, мислам дека тие ова ќе го забранат и оти тоа ќе биде така, затоа што веќе четири години се бориме околу ова прашање и за признавање на јазикот, а сѐ уште ништо не сме решиле”, рече Омеровиќ.
Во Босна и Херцеговина, учениците имаат право да се образуваат во согласност со нивната „национална програма, што значи дека можат да се образуваат на свој јазик (босански, српски или хрватски), а одредени предмети, како што се религија и историја, можат да изучуваат согласно нивната национална припадност.
Некои училишта во БиХ функционираат по принципот „две училишта под еден покрив”, во кои учениците, иако во иста училишна зграда, се разделени по етничка основа, што, според критичарите, е одраз на националната поделба.