Регион

Во Сараево на протести пристигнуваат нови демонстранти

Во Сараево е најавено доаѓање на нови демонстранти, кои ќе им се придружат на стотиците незадоволни демобилизирани борци, кои бараат повисоки пензии, што предизвикува страв од продлабочување на социјалните немири.

Пишува: Среќко Латал, Сараево

Демобилизираните борци и во април протестираа пред Владата на ФБиХ. Фото: БИРН

Се очекува во Сараево во среда да дојдат уште неколку стотици незадоволните граѓани од различни делови на Босна и Херцеговина, кои ќе им се придружат на над 300 борци, кои веќе два дена протестираат пред Владата на Федерацијата Босна и Херцеговина, ФБиХ.

„Босанските политичари се коцкаат со растечкото незадоволство на јавноста … и ризикуваат нов, насилен социјален бунт, како оној што го видовме во 2014 година“, изјави за БИРН висок западен дипломат.

Тој алудира на бранот протести што се случија во февруари 2014 година, кои подоцна се проширија низ целата земја и се претворија во насилство што го предизвикаа фрустрирани граѓани и хулигани, кои ја нападнаа полицијата и упаднаа и запалија неколку згради на државните институции и политички партии.

Протестите на борците започна во понеделникот, кога бројни демобилизирани борци од другите градови во БиХ, пеш пристигнаа во Сараево пред Владата на ФБиХ.

Нивниот број се зголеми кога десетици други воени ветерани дојдоа од различни делови на државата, за да го изразат своето незадоволство поради лошиот статус, но и поради лошата економска и социјална ситуација во оваа земја во целина.

Демонстрантите, кои не се членови на ниту едно боречко здружение, одбија да преговараат со Владата на ФБиХ, но и со властите на другите нивоа во државата, предупредувајќи дека ќе останат на улица, сѐ додека не бидат исполнети нивните барања.

Тие бараат формирање на единствен регистар на борците, од кој ќе бидат исклучени илјадници наводно лажни демобилизирани ветерани, кои во изминатите две децении беа внесени во системот и станаа корисници на социјални бенефиции.

Борците бараат минимална месечна пензија од 326 босански марки (165 евра) за невработените ветерани.

Владата на ФБиХ во вторникот во неколку наврати се обиде да се сретне со претставници на борците, но тие одбија секаков вид на комуникација со властите.

Наместо со нив, владини претставници се состанаа со официјални претставници на здруженијата на борците. Сепак, како што за БИРН изјави еден владин претставник, кој побара да остане анонимен, се чини дека ниту тие не можат да ги контролираат или да влијаат врз демонстрантите.

Според нашиот извор, владата стравува дека протестите може да ескалираат и да доведат до насилство, делумно поради топлото време, но делумно и поради тоа што Владата, иако може да го исполни првото барање на демонстрантите, не може да го исполни и второто, затоа што за тоа би ѝ биле потребни дополнителни 130 -140 милиони евра годишно, што таа ги нема.

На сите нивоа, властите се соочуват со криза на ликвидност и зависат од нови комерцијални задолжување, бидејќи од неодамна, програмата на ММФ за БиХ практично е суспендирана, поради тоа што Владата не ги исполни барањата на оваа организација.

Последните протести во Сараево, најавените протести на работниците на Железници на Република Српска, како и можните протести на пензионерите, укажуваат на можноста од раст на социјалните немири во оваа длабоко поделена држава.

Поради политичкиот ќор-сокак, властите на државно и на федерално ниво, остана без парламентарна поддршка, со што практично беа блокирани реформите и програмата на ММФ, што доведе до одложување на процесот на пристапување на БиХ во ЕУ.

Владата на РС функционира номинално. Но, економската и социјална состојба во овој босански ентитет е полоша отколку во ФБиХ, поради, како што многумина веруваат, неефикасното и корумпирано управување.

Објавено на Балканска транзициска правда