Регион

Воена церемонија во чест на ОВК и на Адем Јашари

По повод годишнината од убиството на командантот на ОВК, Адем Јашари, во Приштина се одржа парада на Kосовските безбедносни сили (КБС), со која ѝ беше оддадена почит и на ОВК.

Пред споменикот посветен на припадниците на ОВК убиени во војната, цвеќе положија премиерот, Албин Курти, и претседателката на Собранието, Вјоса Османи.

На церемонијата ѝ претходеше комеморативна седница на Собранието на Косово, на која присуствуваа и преживеаните членови на семејството Јашари.

Секоја година, од 5 до 7 март, Косово ја одбележува годишнината од убиството на Адем Јашари и 59 членови на неговото пошироко семејство, во Преказ, во 1998 година, настан што се смета за пресврт во борбата за независност, на некогашната српска покраина.

Османи изјави дека пред нивната смрт, Јашари и неговите роднини биле навикнати да живеат под постојана закана и „ова уште повеќе го мотивирало да пружа отпор, така што командантот и семејството Јашари не ни размислувале да се откажат“.

„Нивната смрт е симбол на човечката жртва и истрајноста на албанскиот народ“, додаде Османи.

Премиерот Курти истакна дека Јашари и неговото семејство продолжиле да се борат дури и кога српските воени и полициски сили ги опколиле со тенкови и артилерија.

„Три дена, три генерации се бореа заедно, три генерации на едно големо семејство се жртвуваа за иднината и за нас“, нагласи Курти.

Претседателката на косовското Собрание, Вјоса Османи, на церемонијата. Фото: БИРН.

Командантот на КБС, Рахман Рама (во средина), со претседателот, Хашим Тачи. Фото: БИРН.

Премиерот, Албин Курти, положува цвеќе на спомен-обележјето на припадниците на ОВК. Фото: БИРН.