Регион

Воените жртви на Жепа се чувствуваат заборавени

Воените злосторства во Жепа, извршени веднаш по масакрот во Сребреница во јули 1995 година, во раните хашки пресуди беа третирани како геноцид, но обвиненијата на крајот беа отфрлени

Само неколку дена по нападот врз Сребреница и масакрот извршен над околу 7.000 бошњачки мажи и момчиња, кон крајот на јули 1995 година, воените и полициските сили на Република Српска ја освоија Жепа, која се наоѓа на оддалеченост од околу 50 километри од Сребреница.

По освојувањето на оваа енклава, беа убиени тројцата водечки Бошњаци во неа – претседателот на општината, Мехмед Хајриќ, командантот на Жепската бригада, Авдо Палиќ, и командантот на цивилната заштита, Амир Имамовиќ.

Нападот врз Жепа беше дел од обвинението против поранешниот помошник командант за разузнавање и безбедносни работи на Главниот штаб на Војската на Република Српска (ВРС), Здравко Толимир, на кого му се судеше пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ).

Во првостепената пресуда против Толимир, убиството на тројцата именувани Бошњаци се сметаше за геноцид.

„Отстранувањето на нејзиното (на Жепа) цивилно население, уништувањето на нивните домови и на џамиите и убиството на тројцата најистакнати лидери, беше направено со цел да се обезбеди, населението во оваа енклава повеќе да не може да се опорави. Тие беа убиени со намера да го уништат ова население“, се вели во првостепената пресуда.

Во неа се наведува и дека убиството на Палиќ, клучен бранител на локалното население во Жепа, требало да послужи како симбол дека нема надеж за опстанок на тоа население. МКТЈ утврди дека Толимир e одговорен за геноцидот на Бошњаците во Жепа, како и на Бошњаците во Сребреница.

Но, неколку години подоцна, кога беше донесена правосилната пресуда, беше заклучено дека убиствата на водечките Бошњаци во Жепа, не претставуваат геноцид.

Дваесет и пет години по нападот врз Жепа, преживеаните сѐ уште се огорчени поради овој пресврт во Хашкиот трибунал.

Поранешниот припадник на Жепската бригада на Армијата на БиХ (АБиХ), Амир Омерспахиќ, смета дека со ова им е направена неправда на Бошњаците од Жепа, особено поради фактот што Обвинителството на БиХ никогаш не покренало истраги и не поднело обвиненија за злосторствата во оваа енклава.

„Тоа мене никогаш нема да ми биде јасно, дека никој може да не одговара за овие злосторства, бидејќи во Жепа, од 1992 година, беа извршени масовни убиства, неразумно гранатирање со разни калибари, тие едноставно убиваа жени и деца каде и да ги најдеа на скриени места … Никогаш нема да можам да разберам, никој да не одговара за тие работи“, вели Омерспахиќ за БИРН.

Жените и децата протерани, мажите во бегство

Во првостепената пресуда на Толимир се наведува дека нападот врз Жепа следел по истиот образец како и нападот врз Сребреница извршен само неколку дена претходно, со закани и протерувања, принудувајќи го локалното бошњачко население да ја напушти енклавата, која требаше да биде заштитена зона на ООН. Некои од силите што учествуваа во нападнот на Сребреница, учествуваа и во нападот на Жепа.

Бошњачкото население од Жепа „во паника“, кога се прошириле вестите за настаните во Сребреница, побарало прибежиште надвор од енклавата.

На 13 јули, додека масакрите во Сребреница сè уште траеле, се одржал состанок помеѓу ВРС и претставниците на бошњачкото воено претседателство од Жепа, на кој Толимир „ги известил дека употребата на воена сила од страна на ВРС е единствената алтернатива за евакуација на населението“, стои во првостепена пресуда.

Во истата пресуда се додава дека нападите на ВРС врз околните села веќе предизвикале уништување на најмалку 30 домови, што создало дополнителен страв кај населението.

Откако условите на Толимир биле одбиени и Бошњаците од Жепа одбиле да заминат, ВРС го гранатирала центарот на енклавата и ги окупирала набљудувачките места на УНПРОФОР.

„Во наредните денови, ВРС извршила притисок врз цивилите кои се криеле во шумата, со цел тие да се вратат во Жепа, за да бидат извадени од енклавата“, се вели во првостепената пресуда.

По неуспехот на вториот состанок, бошњачките претставници биле „принудени да потпишат договор“ за разоружување на АБиХ во енклавата и за „евакуација“ на цивилното население.

„Од 25 до 27 јули, под директна надлежност на Толимир, кој бил во Жепа за време на целата операција, скоро 4.400 жени, деца и постари лица биле насилно отстранети од енклавата Жепа“, се вели во пресудата.

Силите на ВРС со автобус ги однеле жените и децата, а Омерспахиќ, заедно со други војници на АБиХ, се обидел да избега преминувајќи ја реката Дрина и влегувајќи во Србија, но таму бил фатен и затворен во логор, во кој останал до јануари 1996 година.

Жалбениот совет на МКТЈ го ослободи Толимир од обвинението за геноцид во Жепа во април 2015 година, што ги натера луѓето од оваа енклава да изгубат секаква надеж дека некогаш геноцидот ќе биде докажан на суд.

Толимир беше осуден на доживотен затвор за геноцид во Сребреница и за учество во заеднички злосторнички потфат, во чии рамки е извршен прогон на Бошњаците од областа Жепа. Неколку години подоцна, Толимир почина во притвор во Хаг.

 

Амир Омерспахиќ. Фото: БИРН.

Исклучување на Жепа од приказната за геноцид

Адвокатот, Миодраг Стојановиќ, кој работел во Хаг и во Сараево на повеќе предмети во врска со геноцидот, смета дека Трибуналот ја елиминирал приказната „Жепа“ затоа што „ја имал Сребреница на дланка“, на начин кој ги исполнувал стандардите за поимот геноцид во однос на конвенцијата за геноцид, па заради тоа, како што велат, тој не сакал да навлегува во „многу ризична аргументација“.

„Кога ќе го подведете тоа како дел од прогонот, како уништување на една национална група, а ваму настрадаа толку илјадници луѓе, тогаш Жепа како нешто што е залепено за настаните поврзани со Сребреница може да биде геноцид, но, исто така, би можеле да направиме и некои други приказни кои правнички би биле многу сомнителни и мислам дека тогаш Трибуналот, едноставно за да не го преземе тој ризик од таквата можност, едноставно ја елиминирал приказната за Жепа“, вели Стојановиќ.

Според мислењето на единствениот преживеан член на военото претседателство на Жепа, Беќир Хељиќ, убиствата на водечките Бошњаци на Жепа, покажуваат дека во Жепа е извршен геноцид „затоа што тие ги убиле командантот, претседателот на општината, претседателот на цивилната заштита, ги убиле претставниците на воените и на политичките власти“.

Според хашките документи, со ДНК анализа било утврдено дека посмртните останки на Мехмед Хајриќ, Амир Имамовиќ и Авдо Палиќ, се меѓу останките на деветте тела, кои беа ексхумирани во ноември 2001 година од гробница во селото Враголови, недалеку од градот Рогатица.

Извештаите од обдукцијата покажале дека сите три тела имале фрактури од проектил и дека смртта била предизвикана од повреди на главата. Посмртните останки на Палиќ, со највисоки воени почести, беа погребани во 2009 година во Сараево.

Сопругата на Палиќ, Есма Палиќ, сведочеше на судењето на Толимир, која, како што објасни, на 25 јули се качила во автобусот со последниот конвој што ја напуштил Жепа тој ден.

На прашањето на судијата зошто Авдо Палиќ не останал со неа додека таа не стигнала на територијата под контрола на АБИХ, туку се вратил во Жепа, таа објасни дека станува збор за чест.

Таа посочи дека „доколку ја напуштел Жепа, доколку ги оставел сите свои борци, сите оние луѓе со кои толку пати ја бранел Жепа, луѓето кои му верувале и нивните семејства, според неговите и моите морални критериуми, би му било неподносливо да ги остави тие пријатели и соборци зад себе со нивните семејства и деца, за да се спаси себеси и своето семејство“.

Судот на БиХ потврди дека не е спроведена постапка за воени злосторства и геноцид на подрачјето на Жепа, а според достапните информации, Обвинителството на БиХ не поднело ниту едно обвинение за злосторства извршени во оваа поранешна безбедносна зона.

Борис Грубешиќ, портпарол на Обвинителството на БиХ, вели дека се води истрага за неколку случаи поврзани со воените злосторства во Жепа во 1995 и 1992 година.

Амир Ахмиќ, офицер за врски со Хаг, посочува дека пресудите на Хашкиот трибунал се полни со информации за сторителите на злосторствата во Сребреница и во Жепа.

„Знам дека има тим во Обвинителството на БиХ за Сребреница и Жепа. Се разбира, тоа е обемна работа (да се изгради случај), но кој сака, може да го стори тоа во секој случај“, вели Ахмиќ.

Мурат Тахировиќ, претседател на Здружението на жртви и сведоци на геноцидот, организација која ги претставува воените жртви, изрази длабоко разочарување што некои осомничени, кои требале да бидат обвинети, се наоѓаат на слобода, откако Хашкиот трибунал престанал со подигнување на обвиненија пред повеќе од 15 години.

„Хашкиот трибунал ги заврши своите обвиненија во 2004 година, а со тој факт практично изостанаа оние што се одговорни не само за Сребреница, туку и за Жепа. Тие постапки требаше да ги продолжат Обвинителството и Судот на БиХ“, нагласи Тахировиќ.

„Најголемата одговорност за гонењето на злосторствата извршени во самата Жепа, лежи, сепак, врз Обвинителството на БиХ “, заклучи Тахировиќ.