Регион

Воените злосторства врз Србите во Хрватска „и натаму се игнорираат“

Ана Владисављевиќ, Загреб

Уништена српска куќа во Суња, Хрватска | Фото: Википедија/Петар Милошевиќ

По големиот протест што се одржа во знак на незадоволство поради бројот на процесирани воени злосторства извршени над Хрватите, беше објавен билтен во кој се вели дека за злосторства врз Србите во Хрватска, се донесени само неколку пресуди.

Во билтенот, што овој месец го објави Српскиот народен совет (СНС), тело кое ги претставува интересите на Србите во Хрватска, се вели дека многу злосторства над Србите, извршени за време на војната 1991-1995 година, не добиле судски епилог или не резултирале со пресуда.

Саша Милошевиќ, потпретседател на СНС и автор на билтенот насловен како „Воените злосторства над Србите во Хрватска 91-95“, вели дека Србите во Хрватска сметаат дека овие злосторства се игнорираат.

„Постојат драстични примери што го докажуваат тоа, а првиот е дефинитивно ‘Бура’“, вели Милошевиќ за БИРН.

За време на операцијата „Бура“, хрватските сили ја вратија територијата што на крајот од 1991 година, бунтовничките хрватски Срби, ја ставија под своја контрола.

„Бура“ предизвика и хуманитарна криза, бидејќи за време и по операцијата, Хрватска ја напуштија близу 200.000 српски цивили.

Хрватскиот Хелсиншки комитет објави дека за време и по операцијата биле убиени 677 цивили, иако хрватското судство осуди само едно лице за воени злосторства.

Билтенот на СНС дава преглед на 30 најпознати злосторства над српските цивили, со опис на она што се случувало, со попис на жртвите и основни информации за судските консеквенци.

Многу случаи не резултирале со пресуди, бидејќи сторителот бил или непознат, или предметите се отфрлале од страна на првостепениот или второстепениот суд, се наведува во билтенот.

Меѓутоа, моментално, воените злосторства над Хрватите се темата за која во Хрватска нашироко се дискутира.

Така, во саботата, илјадници бранители и граѓани учествуваа на протестите одржани во Вуковар, иницирани од градоначалникот Иван Пенава, со цел да изразат незадоволство од „молчењето” на хрватските институции, врзано за воените злосторства извршени во војните во 90-тите години врз Хрватите.

Сепак, во билтенот на СНС се нагласува дека досега не е поднесено ниту едно обвинение за злосторства извршени врз Србите во Вуковар во 1991 година.

Милошевиќ додава дека намерата на билтенот е да се охрабри хрватскиот државен обвинител да стори повеќе во гонењето на воените злосторства.

„Ние сме љубезни, ние не го правиме тоа на улица“, нагласи тој.