„Знаев за нивните судири во северниот дел … Беше очигледно дека сомнежот (за убиството на Ивановиќ) ќе падне врз него (Радоичиќ)”, изјави Вучиќ за Хепи ТВ, објави „Инсајдер“.
Вучиќ додаде дека никогаш не разговарал со Радоичиќ, кој има сопствен бизнис во Србија и во северно Косово, но дека можеби присуствувал на состанок на кој присуствувал и овој бизнисмен.
Тој посочи дека конфликтот меѓу Радоичиќ и Ивановиќ започнал „во 2000 година“.
Рада Трајковиќ, политичарка од Косово, по убиството на Ивановиќ, изјави дека Радоичиќ има вистинска власт во северниот дел на Митровица.
По убиството на Ивановиќ, многумина шпекулираат дека за неговата смрт се виновни српски криминални организации од северно Косово.
Од друга страна, и косовскиот претседател, Хашим Тачи, изјави дека убиството не е етнички мотивирано.
Ивановиќ беше лидер на политичката партија Слобода, демократија, правда, политички противник на партијата Српска листа, која има поддршка од Белград, а која е дел од косовската влада.
Тој беше убиен на 16 јануари пред седиштето на неговата партија во Митровица. Неговото убиство остро го осудија ЕУ, Србија и Косово.
Ивановиќ неколку пати пред својата смрт, изјави дека тој и неговото семејство добиваат закани и дека побарал помош од Косово, од Србија и од други, но без никакви резултати.
Србија и Косово се обврзаа дека ќе разменуваат информации за овој случај, но оваа соработка е спора.
Партијата на Ивановиќ ја критикуваше косовската полиција за начинот на кој се спроведува истрагата. За манипулирање со доказите на местото на злосторството беа уапсени двајца полицајци.
Судските документи до кои БИРН дојде, откриваат дека двајцата полицајци признале дека неправилно постапиле со еден од доказите најдени на местото на кое беше убиен Ивановиќ, но оти тоа го направиле „од незнаење и недволна обука, а не намерно“.
Во времето на убиството, на Ивановиќ, во обновен судски процес, му се судеше по обвинението дека дал наредбата за убиство на Албанци во Митровица во 1999 година. Тој изјави дека не е виновен.