Регион

Вучиќ на Грабар-Китаровиќ ѝ достави документи за исчезнатите Срби во Хрватска

Филип Рудиќ, Белград

За време на својата прва посета на Загреб, како претседател на Србија, Александар Вучиќ, на хрватската претседателка, Колинда Грабар-Китаровиќ, ѝ предаде десетина пакети на документи за исчезнатите Срби од хрватската општина Двор, при што двајцата ветија дека заеднички ќе го решат прашањето за исчезнатите лица од војната во деведесеттите години.

Тие, исто така, се обврзаа дека ќе го решат и прашањето за границата и билатералните односи, во кои дојде до зголемена тензија поради континуираните несогласувања меѓу Загреб и Белград.

„Србија и Хрватска ќе мораат, без разлика дали тоа ќе го сакаат сите во политичкиот систем на двете држави или не, да имаат подобри односи во иднина”, рече Вучиќ за медиумите по средбата со Грабар-Китаровиќ.

Запрашан дали Белград ќе му ги предаде на Загреб и документите од болницата во Вуковар, за исчезнатите Хрвати во масакрот во ноември 1991 година, како и документите од српските логори, со цел да помогне во пронаоѓањето на исчезнатите Хрвати, Вучиќ одговори оти ќе биде пружена сета помош.

Грабар-Китаровиќ потврди дека тие се согласиле да направат сѐ што можат за „што е можно поскоро“ решавање на прашањето за исчезнатите лица.

„Се разбира, има тука многу проблеми, бидејќи од војната помина многу време”, додаде таа.

Србија и Хрватска се согласија да формираат комисии кои во следните две години ќе се обидат да го решат спорот околу границата, а доколку не успеат, ќе иницираат арбитражен процес.

Белград и Загреб не се согласуваат околу 136 километри долгата граница долж реката Дунав. Србија смета дека Дунав треба да биде природната граница меѓу двете земји, но Хрватска смета дека границата треба да биде по должина на границата на катастарските општини покрај реката.

Вучиќ додаде дека сите српски официјални лица „се обврзани”, во следните 100 дена, да не ги навредуваат хрватските официјални лица, без разлика што ќе прават нивните хрватски колеги.

„Некои можеби ќе речат дека ова, секако, е нашата работа. Точно, но тоа не е случај кај ниту една од двете страни“, додаде Вучиќ.

На почетокот на заедничката прес-конференција, Грабар-Китаровиќ потенцира оти Вучиќ го повикала во посета на Загреб, порано од планираното, поради неодамнешните тензии, и оти е среќна што тој го прифатил тоа.

Вучиќ и Грабар-Китаровиќ, разговараа и за правата на малцинствата во двете земји и посочија дека е постигнат напредок во разговорите во врска со ова прашање.

По средбата со претседателката на Хрватска, Вучиќ се состана и со премиерот, Андреј Пленковиќ, кој на Твитер напиша дека со Вучиќ, меѓу другото, зборувале и за „воената отштета“ и „исчезнатите лица”.

Вучиќ ќе се сретне и со кардиналот Јосип Бозаниќ. Католичката црква во Хрватска е во спор со Српската православна црква поради беатификацијата на кардиналот од Втората светска војна, Алојзије Степинац.

Посетата на Вучиќ е организирана по долгиот период на тензии и остра реторика, што Србија и Хрватска ја разменуваа меѓу себе.

За време на посетата на Вучиќ, по улиците на Загреб протестираа неколку стотици хрватски десничари.