Во 2024 година, струмичанец продал два грама марихуана за 500 денари. Судот го осудил со условна затворска казна за неовластена продажба на дрога.
Истата година, три години затвор добил кумановец, кај кого полицијата пронашла 42 грама канабис и дигитална вага. И тој бил казнет за кривичното дело неовластено производство и пуштање во употреба на дрога.
Судската база е преполна со вакви пресуди за производители и продавачи на помали количества дрога. Но, во лиценцираниот бизнис за канабис, пак, пронајдовме само неколку пресуди за прекршување на Законот за контрола на опојни дроги.
Во него има пропишано многу повеќе парични отколку затворски казни.
Пресудите што ги анализиравме покажуваат дека кога лиценцираните производители на канабис за медицински цели го кршат законот, претежно добиваат условни и парични казни. На пример, за непријавен недостиг од 40 килограми цвет од канбис, директор на фирмата добил условна, а фирмата – парична казна.
Казнената политика го отвора прашањето дали судската пракса е построга кон поединци отколку кон лиценцираните компании за канабис.
Парична за недостаток од 40 килограми цвет од канабис

Условна и пет илјади евра за непријавени промени во производството на канабис | Фото: МВР
Од 2016 година, Македонија дозволи одгледување канабис за медицински цели. Компаниите што добиваат лиценца, мора да исполнуваат строго пропишани услови за безбедност, евиденција и следење на производството, а контрола треба да вршат повеќе институции.
Оттогаш, во повеќе наврати беа запленувани десетици килограми марихуана од овие фабрики.
Таков беше примерот од 2021 година, кога македонската полиција, во соработка со ДЕА, во комбе откри 200 килограми марихуана. Шестмина обвинети беа осудени на затворски казни за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги. Меѓу нив беше и Александар Ушлиновски, како еден од организаторите на групата. Тогашната опозициска ВМРО-ДПМНЕ го врзуваше случајот со поранешниот премиер Зоран Заев, тврдејќи дека Ушлиновски е возач на неговиот братучед, Трајче Заев.
По големата акција на Плетвар беше направена контрола во две фирми поврзани токму со одземената дрога. Во една од нив повторно се најде името на Александар Ушлиновски, како привремен заменик на директорот на фирмата за медицински канабис „Пхарма ЕУ ЛЛЦ“ од Битола со подружница во Прилеп.
Подружницата со која управувал Ушлиновски не ги евидентирала и пријавувала промените во одгледувањето на канабисот, а за тоа не биле известувани ниту институциите, што е законска обврска.
„Произведениот сув цвет не бил спакуван во картонски кутии и не бил запечатен со сигурносна лента за запечатување и не бил обележан“, стои во пресудата на прилепскиот суд.
Две постапки за битолска фирма за канабис
Битолското обвинителство водеше две постапки за фирмата Медикал 420, за пронајдени околу 200 килограми за марихуана. Првиот случај завршил со пресуда за Израелец поради непрописно одгледување канабис. Околу 200 килограми марихуана биле одземени со пресуда. Во вториот предмет бил осомничен стечаен управник на фирмата. Откако на фирмата ѝ била одземена лиценцата продолжил и неовластено одгледувал и држел канабис. 76-годишниот стечаен управител добил условна казна затвор. И во овој случај, запленетите дрога и семе биле одземени и предадени за уништување.
По предлог на Прилепското обвинителство, тој се гони по т.н. казнен налог, што како најстрога санкција предвидува условна или парична казна, иако Законот за контрола на опојни дроги за вакво дело пропишува можност за затворска казна од шест месеци до три години затвор. За ова дело, Ушлиновски бил казнет со пет илјади евра.
Лесно поминале и фирмата „5 Летерс“ и нејзиниот тогашен директор Коста Бурчески. Крушевскиот суд ги казнил фирмата и тогашниот директор затоа што четири месеци во 2020 година немале евиденција за подружницата во селото Аладинци, каде што се одгледувал канабисот. Биле произведени над 18 илјади стебла, за кои фирмата не доставила известување до Министерството за здравство за исполнетост на критериумите. На крајот, фирмата била парично казнета со 50.000 евра, а директорот со 7.000 евра. Стеблата биле одземени.
Слична е санкцијата и за фирмата за медицински канабис „Ботаник“ од Гевгелија и нејзиниот директор, Србинот Вељко Павичевиќ. Во 2023 година, директорот добил условна затворска казна, а фирмата била казнета да плати 100 илјади денари затоа што постапувале спротивно на Законот за контрола на опојни дроги.
Казна во судскиот регистар има и за фирмата „Сејф фарма“ од Демир Капија и за нејзиниот директор Емил Цхоуеири, затоа што имале непријавен недостиг од 40 килограми цвет од канабис. Директорот добил условна казна, а фирмата казна од 13.000 евра.
Единствената затворска казна што БИРН ја најде во судската база е за албанскиот државјанин Арбен Курти, сопственик и директор на „Медикалсупли.“ Тој добил година и два месеца затвор, а фирмата била казнета со пет илјади евра и забрана за вршење дејност од една година.
Судот против владата

Управен ја укинал одлуката на Владата за одземена лиценца | Фото: БИРНН
Владата, во текот на изминатите години одземаше лиценци за оваа дејност. Сепак, судските постапки покажуваат дека дури и кога лиценца била одземена, се водел долг процес.
На пример, на фирмата ТХЦ Куалити Груп, во која сопственички удел имаше и Србинот Предраг Колувија, обвинет во Србија за случајот „Јовањица“, владата во декември 2019 година ѝ ја одзеде лиценцата.
Сепак, во 2023 година, управните судии Лидија Ивановска, Едита Насковска и Газменд Фејзуљи ја усвоиле тужбата на фирмата, која тужела дека владата противзаконски ѝ ја одзела лиценцата за одгледување канабис. Во пресудата се цитира извештајот од инспекцискиот надзор, каде што пишува дека речиси ништо од потребните законски процедури не било испочитувано.
Тапка истрагата за седум тони марихуана
БИРН пишуваше дека гевгелиското обвинителство во 2022 година отвори постапка по информацијата дека цариниците спречиле во Македонија да влезат 7.000 килограми цвет од канабис, кој на нелегалниот пазар би достигнал вредност од над 20 милиони евра. Истрагата е закочена затоа што обвинителството не може да најде установа во земјава што ќе вештачи дали запленетата материја е марихуана или индустриски коноп.
„Процесот на сушење бил во несоодветна просторија за сушење, немало податоци за видот и бројот на растенија што се сушат, а нечистотии на прашина на вратата од сушарата биле видливи со голо око…“ Комисијата забележала и дека „од задната страна на објектот, дел од четириметарската ограда беше прекината.“
И покрај сево ова, за судиите не било јасно „во што се состои затекнатата состојба, бидејќи нема детален опис.“ Судиите во пресудата напишале дека тужителот бил обесправен во остварувањето на правото на докажување и дека „немал пристап до сите докази.“
Управниот суд го поништил решението на владата со кое им се одзема лиценцата, па го задолжиле Министерството за здравство повторно да одлучува. Комисијата повторно направила увид и констатирала дека фирмата нема простор, опрема и кадар, па побарала ТХЦ Куалити Груп да одговори за нивните наводи. Фирмата сѐ уште не одговорила.
По заплената од пет тона марихуана од Македонија во Србија, каде што не е дозволено да се произведува оваа билка за медицински цели, првите луѓе на македонската полиција со премиерот Христијан Мицкоски се пофалија дека заплениле 40 тони марихуана и најавија дека до крајот на акцијата можеби ќе запленат и до сто тони.
Министерот за здравство, Азир Алиу, рече дека на шест фирми за канабис им се одземени лиценците. Причините се повеќе: кусок на сув цвет и несоодветно пакување, недостиг на видео-надзор во просториите и физичко обезбедување, немање стручен кадар.

