Облечен во фармерки, блузон и со влечки на боси нозе во ноември, Мустафа Сафи, 28-годишен Сириец, го затекнавме пред Прифатниот центар за азиланти во Визбегово. Му се обративме на англиски јазик, а тој веднаш се насмеа, расположен да разговара за тоа како животната судбина го донела од Сирија до Македонија.
Постојано зборуваше со насмевка на лицето, иако тоа што го раскажуваше беше навистина потресно.
„Сирија? Не, не, никогаш повеќе во Сирија! Бомба падна врз мојата куќа, ништо нема таму“, раскажува Мустафа на лош англиски јазик.
Само во последниве две недели, седум мигранти во пет одделни случаи загинаа откако беа прегазени од воз. Најмладата жртва имаше само 45 дена – бебето загина заедно со неговиот татко. Тие беа од Авганистан, а останатите пет жртви доаѓаа од Сирија.
Сите тие загинаа во нивните очајни обиди да најдат спас и подобар живот надвор од матичните земји.
Германија е земјата за која сонуваат
Македонија не е ветената земја за нив. Германија, Италија и Шведска се нивните конечни дестинации. Така е и со Мустафа. Точно два месеца тој патувал од Сирија, потоа Турција, Грција и Македонија. Пеш. Ако имал среќа, се качувал на воз. Неговото семејство успеало да стигне до Германија. Тој не.
Мустафа Сафи е единствениот од неговото семејство кој бил фатен на границата. Месец и половина тој поминал во Прифатниот центар за странци во Гази Баба.
Идентификациската карта на Мустафа е доказот дека тој е барател на азил во Македонија | Фото: М.Јордановска
„Таму – лошо. Многу лошо. Немаше облека, ништо… Мои пријатели и по 7 месеци се во Гази Баба. Јас бев таму месец и пол и потоа бев префрлен тука“, ни вели Мустафа и ни ја покажува неговата идентификациска карта – доказот дека е барател на азил во Македонија.
28-годишниот Сириец во Прифатниот центар за азиланти е околу 9 месеци. Вели дека добро се спие тука. Понекогаш излегува да прошета, иако околината не е баш најдобра за пешачење. Кал и неасфалтиран пат го делат Визбегово од околните населби.
Неговиот лик наеднаш се менува кога го прашуваме дали е во контакт со семејството.
„Во Германија за кратко време се добива пасош! На моите им е многу убаво таму! Ќе видам, можеби и јас еден ден ќе одам“, вели тој.
Додека разговараме со него, покрај нас поминува барател на азил од Авганистан. Еден ден претходно, пристигнале нови мигранти од Сирија, цело семејство – три жени, бебе и еден маж. Понекогаш остануваат тука со месеци. Некои од нив пак, само чекаат соодветно време за да го продолжат патот преку илегалните премини и да стигнат до новиот живот во Европа. Дел од нив успеваат, а дел остануваат „заглавени“ во прифатните центри.
Пред неколку дена, во Прифатниот центар во Визбегово пристигна петчлено семејство од Сирија | Фото: М.Јордановска
Во моментов, во Визбегово се сместени околу 50 лица. Во центарот имаат каде да спијат, имаат храна и облека.
„Еве, сега за жената со бебето обезбедивме пелени, млеко, храна“, ни раскажува еден од вработените.
„Македонија им е само транзит. Исто како и Бугарија, Грција. Секогаш имаат еден водич во групата кога ја преминуваат границата. Снабдени се со добри телефони за да останат во контакт ако нешто се случи. Ако ги фатат, остануваат во контакт со оние што успеале да избегаат и го чекаат вистинскиот момент за да го продолжат патот“.
Кошмарот на машиновозачите
Патот најчесто ги води покрај железничките пруги – така знаат на каде да се движат, а ако им се укаже шанса да не бидат видени, се качуваат во возот за да го скратат патот. Спијат покрај пругите, па така се зголемува и веројатноста, поради уморот, да не го забележат возот.
„Вистински кошмар ми стана оваа работа. Верувајте ми, често се будам навечер облеан во пот… имам кошмари дека сум прегазил некого“, вели машиновозач вработен во „Македонски железници“ кој сакаше да остане анонимен.
Често се будам навечер облеан во пот. Имам кошмари дека сум прегазил некого“, вели машиновозач вработен во „Македонски железници“ | Фото: Синиша Ј. Марушиќ
Додека се возиме со него на релацијата Велес – Скопје, тој раскажува дека со оглед на порастот на несреќните случаи, им било наложено да возат со намалена брзина.
„Но, и тоа не помага многу, бидејќи на ваков воз му е потребно илјада метри за да закочи“, ни вели машиновозачот.
„Движењето на луѓе е забрането во радиус од 25 метри од пругата. Но, можете да видите луѓе секаде. Ако забрзаме, ризикуваме да ги удриме. Ако возиме побавно, ризикуваме тие да се качат во возот“.
Во текот на нашето патување, забележавме дваесетина мигранти во близина на пругата. Меѓу нив имаше и деца и возрасни. Одмораа, легнати во грмушките. Ги прашавме дали зборуваат англиски, но тие упорно ни повторуваа „Дојч?“. Знаеја само германски јазик.
Очигледно дека го учеле јазикот за да бидат подготвени ако стигнат до нивната ветена земја, Германија. Онаа за која сонува и Мустафа.
Бројот на мигранти во земјава рапидно расте
Според податоците од МВР, бројот на мигрантите во земјава се зголемува секоја година. Ако во 2011 година биле фатени 469 мигранти, само во првата половина од 2014 година фатени се 1.300 мигранти.
(инфографик пикточарт)
„Претежно мигрантите влегуваат од јужната граница со Грција и одат кон западноевропските држави. Во последно време има и илегални мигранти од источната граница со Бугарија и тие одат кон север. Согласно меѓународните конвенции, голем дел од нив се одлучуваат да бараат азил, добиваат документи и се сместуваат во центрите за азил. Ако бидат фатени на границата со Грција пак, согласно договорот за реадмисија, ги враќаме назад“, вели Иво Котевски, портпарол на МВР.