Регион

За смртта на осум деца во војната во БиХ, никој не е осуден

Најновиот текст од серијалот на БИРН, „Заборавени жртви“, говори за убиствата на осум деца, шво јуни 1993 година, кога беше фрлена граната на игралиште во градот Витез

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Како 15-годишник, Иван Гариќ, ја поминал вечерта на 10 јуни 1993 година, на детското игралиште, лоцирано на само неколку метри од неговата куќа во центарот на Витез.

Од почетокот на војната, а со неа и забраната на родителите да се оддалечуваат од дома, малиот простор со кош и клупа, било омилено место за дружење на децата од неговата улица.

Играта на околу 15 деца, според сеќавањето на Иван, околу 20 часот и 45 минути била прекината од граната.

Пет деца биле убиени на лице место, три починале во болница, а шест биле ранети.

„Одеднаш, не можев ништо со нозете. Ја кренав главата, и сè ми беше црвено пред очите“, се сеќава Иван и раскажува како мислел дека е слеп, па се избришал, а потоа ги видел телата околу себе.

„Мајка ми дојде прва, го виде брат ми кој беше распарчен, како и повеќето деца на масата“, се сеќава Иван.

Неговиот 12-годишен брат, Милан, починал на игралиштето, додека тој и неговата 18-годишна сестра, Сања, биле префрлени во црквата во Нова Била, која, за време на вооружениот конфликт меѓу Армијата на Босна и Херцеговина (АБиХ) и Хрватскиот совет за одбрана (ХВО) во централна Босна, служела како болница.

По околу десет дена, тие биле евакуирани во Сплит. Сања починала во болницата во Сплит, а Иван се опоравил од тешките повреди, но останал инвалид.

За убиството на неговата сестра и на другите деца во населбата Подградина во Витез, до денес никој не е процесиран.

Од Канцеларијата за пружање на правна помош на припадниците на бранителската популација при Главниот совет на Хрватското народно собрание на Босна и Херцеговина (ХНС БиХ), тврдат дека, според нивното сознание, уште во 1996 година, биле поднесени кривични пријави против неколку поранешни припадници на АБиХ.

„Кривична пријава е поднесена на 27.05.1996, а барање за истрага е поднесено на 27.06.1996 година, против осуммина осомничени. Кантоналното обвинителство во Травник треба да има сознанија за тоа“, вели Звонко Видовиќ, шеф на одделот за аналитика на ХНС БиХ.

Од Обвинителството на Среднобосанскиот кантон (СБК), велат дека случајот поврзан со страдањата на децата од Витез, е пренесен во надлежност на Обвинителството на БиХ.

„Постои предмет во Посебното одделение за воени злосторства на Обвинителството на БиХ и се работи на него“, изјави портпаролот на Обвинителството на БиХ, Борис Грубешиќ.

Иван Гариќ, вели дека неколку пати досега, бил повикан на разговор во Државната агенција за истраги и заштита (СИПА) на БиХ, но оти има чувство дека истражителите немаат никакви информации.

„Секогаш тука децата се собираа и сите знаеја за игралиштето, така што тоа не можеше да биде залутана граната или гаѓање на борбена линија, при што гранатата се префрлила“, нагласува тој.

„Се знае дека гранатата дојде од правец на Грбавица, Букава или Преочица. Во основа, некаде од тие позиции (каде што била распоредена АБиХ)“, додава Иван.

Тој е длабоко разочаран од недостигот на напредок во овој случај.

„Што уште треба да направиме? Можеби треба да поседуваме огромно богатство, па како семејства да покренеме тужба приватно и да започнеме да го расветлуваме ова злосторство“, саркастично вели Иван.

На дабот имаше делови од телата

Иван Гариќ, кој го преживеа гранатирањето на игралиштето. Фото: БИРН.

Потсетувајќи се на 10 јуни 1993 година, родителите на Иван, Мира и Милко Гариќ, велат дека тоа бил еден од помирните воени денови во Витез, од почетокот на жестокиот вооружен конфликт меѓу ХВО и АБиХ.

Жртви на нападот на детското игралиште во Витез
Августин Гребенар, 9
Борис Античевиќ, 10
Велимир Гребенар, 12
Милан Гариќ, 12
Драган Рамљак, 15
Драженко Чечура, 15
Сања Крижановиќ, 15
Сања Гариќ 18

Во градот, поделен на дел контролиран од АБиХ и дел контролиран од ХВО, детското игралиште се сметало за безбедна зона, бидејќи било опкружено со куќи и скриено од погледот на снајперистите.

„Беше навистина тивко, немаше истрели. Децата излегоа да си играат, затоа што немаше гранатирање … Дојдов од работа од „Принцип“ (локална фабрика) и седнав на масата пред куќата. Ќерката Сања печеше леб и ми рече: „Одам да си играм со децата уште малку“. И тогаш првата граната, бум“, се сеќава Милко.

Првата граната паднала на градскиот базен, а втората удрила на игралиштето.

„И само гледате чад и хаос. Добро се сеќавам, Иван беше ранет, ќерката Сања беше ранета, а Милан загина, тој беше на парчиња“, вели Милко.

Мира Гариќ, во декември 1998 година, пред Хашкиот трибунал сведочеше за настаните на детското игралиште, во случајот против поранешниот командант на ХВО, Тихомир Блашкиќ.

„Оној нема дел од главата, оној без рака … На дабот имаше делови од телата, па соседот се качи и ги симнуваше. Тоа беше ужас“, вели таа.

„Мислам дека не би сакала да го знам името и презимето на оној кој ја испука гранатата, но некој треба да одговара“, нагласува Мира.

Децата биле погребани пред зори, неколку часа по нивното убиство, помеѓу два и три часот по полноќ, на 11 јуни 1993 година. Владо Рамљак тогаш го погребал својот 15-годишен син, Драган.

„Погребот не можеше да биде поинаков, војна е, не можеш“, истакнува Владо.

Тој, исто така, разговарал со припадниците на СИПА, но додава дека, по 27 години, семејствата на жртвите ја губат надежта и довербата во институциите.

„Би сакал на некого од бошњачката страна да му проработе совеста и да каже кој го стори тоа. Колку што знам, никому сè уште совеста не му проработела“, објаснува тој.

Командантите негираат дека знаеле за нападот

Гробовите на децата убиени во гранатирањето на игралиштето. Фото: БИРН.

Страдањата на детското игралиште во Витез, не беа опфатени со ниту едно обвинение, ниту со судските процеси што се одржаа пред судовите на БиХ и пред Хашкиот трибунал, вклучувајќи го и оној против Енвер Хаџихасановиќ, поранешен командант на Третиот корпус на АБиХ, во чија зона на одговорност била централна Босна.

За воени злосторства над Хрватите и Србите во централна Босна, Хашкиот трибунал во 2008 година го осуди Хаџихасановиќ на три и пол години затвор.

Во воениот дневник на командата на третиот корпус на АБиХ, за периодот од 16 мај до 28 јули 1993 година, кој беше користен меѓу доказите во случајот против Хаџихасановиќ, општината Витез е обележана како област на одговорност на 325-тата ридска бригада, иако се забележани и повремени активности на други единици на АБиХ. Во дневникот нема белешка за гранатирањето на игралиштето на 10 јуни 1993 година.

Менсуд Келештура, кој во тоа време бил командант на 325-тата ридска бригада на АБиХ, за БИРН изјави дека не се сеќава на гранатирањето.

„Верувајте ми, не можам да ви дадам никакви информации. Не се сеќавам на тие настани, тоа беше одамна “, ни рече Келештура.

Нападот на игралиштето во Витез се спомнува во книгата „Војната во централна Босна 1992-1994“ на Амир Клико, научен соработник во Институтот за истражување на злосторствата против човештвото и меѓународно право на Универзитетот во Сараево.

Клико, во јуни годинава, напиша статија за убиството на децата. Повикувајќи се на исказ на сведок, кој го зел за време на истрагата, тој, меѓу другото, пишува  дека „од правец на Почулица, Армијата на БиХ испукала една или две минофрлачки мини од 120 мм, при што биле убиени деца“.

Тој, во книгата, пишува дека силите на АБиХ побарале од нивната претпоставена команда да делуваат со артилерија врз локацијата од каде што ХВО дејствувала со гранати врз борците и бошњачките цивили во Стари Витез.

„Тие побараа да ги замолчат ‘гранатирачите’ затоа што жестоко удираа тој ден“, напиша Клико.

Сафет Сивро, поранешен командант на баталјон на 325-тата ридска бригада, која била стационирана во Почулица, тврди дека на денот кога било гранатирано игралиштето, тој бил префрлен на друго место.

„Јас дури немам информации кој го имал тој минофрлач. Додека бев таму, го имавме оној од 60 мм, кој го немаше тој опсег“, вели Сивро за БИРН.

Иако поминаа 27 години од гранатирањето на игралиштето, до денес никој не е ниту обвинет, ниту осуден за убиството на децата.

„Никогаш никому не му паднало на памет, симболично да именува улица по загинатите деца“, истакнува Иван Гариќ.

Но, семејствата сè уште се сеќаваат и секоја година се собираат на игралиштето, на кое и денес стојат клупата и кошот, за да положат цвеќе на спомен-обележјето кое потсетува на ужасот што се случи во јуни 1993 година.