Регион

Заборавени жртви: „Стотици затвореници“ убиени во училиштето во Братунац

Зошто досега никој не одговарал за бруталното злоставување и убиството на затворениците во училиштето во Братунац

  • 2
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

На импровизирана писта, во село во близина на Братунац, во источна Босна и Херцеговина, во 2017 година била откриена застрашувачка работа.

При ископ на бетон на писта, пронајдени се пет тела. Едно од нив било телото на Алија Зукиќ, еден од стотиците Бошњаци и Хрвати кои биле затворени во објектот на училиштето „Вук Караџиќ“ во Братунац, во мај 1992 година.

„Мојот брат Алија беше изнесен од салата и однесен во стариот салон за мебел во Братунац“, вели за БИРН, неговата сестра, Паша Суљиќ.

„Пронајден е кога беше разбиена импровизираната писта во Адам (Братунац). Беше забетониран  во пистата. Пронајден е со уште четири трупа, во вреќи“, вели Паша.

Убиен бил и нејзиниот втор брат, Хедим Зукиќ.

„Мојот брат Хедим, како што ми рекоа преживеаните, го убил неговиот колега Милан. Го извадил од училиштето за да заварува решетки во затворот. Во училиштето не бил вратен, подоцна е пронајден во гробницата Бљечево“, додава таа. Посмртните останки на нејзиниот брат, биле пронајдени повеќе од десет години подоцна, во масовната гробница во селото Бљечево.

Пред да ги разделат мажите од жените и децата и да ги однесат во училиштето „Вук Караџиќ“, затворениците биле држани на локалниот спортски стадион, каде започнале убиствата и насилствата.

„Во Братунац на стадионот, сите видовме кога беше убиен Миралем Хасановиќ наречен Рус. Моите колеги беа на тој стадион и тие носеа муниција и реденици, а патот од куќата до стадионот го покриваа војници од Србија. Зборуваа екавски и стоеја во ешалони од двете страни на улицата“, нагласува Паша.

Насмеани убијци

Локацијата на училиштето и на фудбалскиот стадион во Братунац, каде што биле држени затворениците. Фото: МКТЈ.

Според Здружението на преживеани логорски затвореници на Братунац, низ логорот во основното училиште „Вук Караџиќ“ во Братунац, во мај 1992, за три дена, поминале околу 800 затвореници, а околу 300 биле убиени.

Сакиб Ахметовиќ бил уапсен во селото Речиќи на 10 мај, заедно со неговиот син Мухамед, кој во тоа време имал 13 и синот Мирзет, кој имал 12 години. Го однеле на стадионот каде, како и на другите затвореници, му било речено дека оди на размена.

Наместо да биде разменет, тие, од стадионот, го однеле во училишниот логор.

„Беше ужасно тесно и топло. Веќе првиот ден, од паника и поради недостаток на воздух, се задушија десет лица. И тогаш започнаа ужасните тепања и убиства“, раскажува Ахметовиќ за БИРН.

„Ги видов Џемо Хоџиќ и Мустафа Мујкановиќ, оџата, како паѓаат мртви од ударите. Ги познавав и двајцата, тоа беа грозоморни убиства. Не убиства со оружје, туку со силни удари“, се присетува Ахметовиќ.

Според неговото сеќавање, првите убиства ги извршиле „Аркановци“ (членови на паравоената формација која ја предводеше Жељко Ражнатовиќ Аркан, убиен во 2000 година, непосредно откако беше обвинет пред Хашкиот трибунал).

После тоа, „домашните војници почнаа да убиваат“

„Сите тие беа наши соседи и познаници. Влегуваа насмеани во салата и ги вадеа луѓето на стрелање. Велеа: „Ќе ве  убиеме сите, полека, не можеме сите одеднаш, уживаме во тоа“, нагласува Ахметовиќ.

Во логорот во училиштето, биле донесени тројца браќа, Исмет, Хашим и Неџиб Хусиќ. Исмет и Неџиб биле убиени.

„Тој (Неџиб Хусиќ), како што велат сите, бил убиен на скалите. Дури и не влегол во училишната сала“, вели синот на Исмет Хусиќ, Адис, кој, за тоа што се случило, разговарал со преживеаните затвореници.

„Татко ми од салата го однеле на стрелање. Тој, наводно, бил однесен на испрашување во МВР (Министерството за внатрешни работи), по што тој и уште многу муслимани, биле убиени“, нагласува Адис.

Неговата мајка, Садика, исто така, била убиена откако избегала во шумата со други соседи.

Без осудителни пресуди за убиствата

Рамиз Салкиќ и другите преживеани, присуствуваат на комеморација во фискултурната сала на училиштето во Братунац, каде во 1992 година, затворениците биле злоставувани. Фото: БИРН

Голем број на преживеани логорски затвореници, велат дека во текот на изминатите 28 години, давале изјави пред истражителите за убиствата на неколкуте стотици затвореници, но оти досега никој не е осуден за убиствата во основното училиште во Братунац.

Во 2015 година, Судот на Босна и Херцеговина го ослободи Саво Бабиќ, поранешен командир на воената полиција во Братунац, од обвиненијата за незаконско притворање, тепање, присилно исчезнување и убиства на затвореници во училиштето. Во обвинението беше наведено дека во училиштето имало околу 400 затвореници.

Во август 2004 година, Кантоналното обвинителство на Тузланскиот кантон, започна истрага против 43 лица, кои се доведуваа во врска со воените злосторства извршени на територијата на Братунац, во 1992 година.

„Правната квалификација на кривичното дело, во наредбата за спроведување на истрагата, беше геноцид. Се работи за настани поврзани со убиствата и депортациите на голем број цивили од пошироката област на Братунац, вклучувајќи ги селата Хранча, Глогова и локалитетите Маљево и Jeзеро, како и носење на цивили во логорот во основното училиште „Вук Караџиќ“ и на Пале или логорот Батковиќ, во близина на Биелина“, изјави за БИРН, Адмир Арнаутовиќ, портпарол на Обвинителството на Тузланскиот кантон.

Обвинителството во Тузла го пренело овој случај на Судот и на Обвинителството на БиХ, од каде потврдуваат дека се води истрага против „неколку лица“ за злосторства во училиштето.

„Интензивно се работи на случаите“, ни рече портпаролот на Обвинителството на БиХ, Борис Грубешиќ.

Во јули оваа година започна судењето на поранешниот припадник на територијалната одбрана, Милан Тришиќ ,за затворање, мачење и убиство на бошњачки цивили, кои биле замени од нивното село и затворени во Братунац, во мај 1992 година.

Тришиќ беше депортиран во БиХ од Соединетите Американски Држави (САД) во октомври 2019 година, каде беше процесиран за давање лажни информации за неговото учество во војната.

На судењето на Сава Бабиќ, судот утврди дека во мај 1992 година, силите на Југословенската народна армија (ЈНА) и припадниците на српската територијална одбрана, биле активни во селата околу Братунац.

Преживеаните тврдат дека во Братунац виделе голем број паравоени формации од Србија, кои учествувале во затворањето на лица од несрпска националност.

Обвинителството за воени злосторства во Белград, за БИРН не можеше да потврди дали спроведуваат истрага за злосторствата во Братунац, „имајќи предвид дека истражните и предистражните постапки не се достапни за јавноста, односно дека деталите можат да се изнесат на јавноста, во, со закон утврдени, одредени ситуации“, изјави Василије Сератлиќ, заменик обвинител за воени злосторства и портпарол на Обвинителството за воени злосторства во Белград.

Тела во контејнери за смет

Комеморација за жртвите на злосторствата извршени во училиштето што повеќе не го носи името на Вук Караџиќ. Фото: БИРН

Еден од сведоците е и Рамиз Салкиќ, денешен потпретседател на Република Српска, кој бил однесен во логорот на 17-годишна возраст.

„Телата беа во каналот до училиштето и во контејнерите за смет. Сите беа убиени, пред да бидеме затворени во училиштето“, вели Салкиќ.

Меѓу жртвите, тој го видел и својот татко Хамед, чие мртво тело лежело во каналот со денови.

„Со таа слика влегов во логорот и посакав да бидам следниот што ќе биде убиен“, нагласува Салкиќ.

„Десетина затвореници се задушија во салата, затоа што немавме воздух. Вадеа луѓе од салата и кого ќе го извадеа, тој обично не се враќаше жив. Брат ми Хамдија беше претепан пред мене. Тие го тепаа со шипка од радијатор. Еден час пред да ме донесат во логорот, мојот брат Ахмет е убиен со метална шипка“, додава Салкиќ.

Во тој амбиент, тој бил однесен во училишната сала, во која како дете, неколку години предходно, си играл и одел на часови.

„Гледав како малтретираат луѓе. На еден од нив му стрелаа во двете нозе, барајќи од него да стане. На крајот му пукаа во чело. Никогаш нема да ја заборавам таа слика на тенок млаз на крв, што му течеше низ челото“, нагласува Салкиќ.

Тој додава дека по три дена во училиштето, истото го доживеале и во Пале, каде што биле донесени поради замена.

Од Пале, затворениците биле одведени во Илијаш, каде што, според сеќавањата на преживеаните, на територијата под контрола на Армијата на БиХ (АБиХ), преминале на 16 мај 1992 година.

Проектот на БИРН, „Заборавени жртви“, е поддржан од Владата на Велика Британија, а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) преку Регионалниот проект за воени злосторства