Регион

Загреб: Повлечен предлогот за именување на улица по генералот Бобетко

Свен Милекиќ, Загреб

Златко Хасанбеговиќ, Фото: Бета/Хина/Лана Шливар Доминик

Пред седницата на Собранието на град Загреб, што се одржа во четврток, на која требаше да се гласа за предлогот за именување на улица во главниот град на Хрватска по генералот Јанко Бобетко, Одборот за именување на населби, улици и плоштади, реши да го повлече предлогот од дневниот ред на седницата.

Да потсетиме, невладината организација, Младинска иницијатива за човекови права (МИЧП), со седиште во Загреб, ги повика градските власти да не именуваат улица по Бобетко, истакнувајќи дека Хашкиот трибунал, во неодамна донесена пресуда, утврдил дека генералот бил учесник во здружен злосторнички потфат, кој имал за цел прогон на Бошњаците.

МИЧП како причина ја наведува и улогата што Бобетко, наводно ја имал во хрватската воена операција Медачки џеб, во 1993 година, во која биле извршени воени злосторства над српски цивили и воени затвореници, за кои МКТЈ го обвини Бобетко во 2002 година.

Сепак, поранешниот министер за култура и актуелен претседател на Одборот за именување на населби, улици и плоштади, Златко Хасанбеговиќ, рече дека точката за именување на улицата по Бобетко, е повлечена од дневниот ред на седницата, не поради реакцијата на невладината организација, туку поради интервенцијата на долгогодишниот градоначалникот на Загреб, Милан Бандиќ.

Хасанбеговиќ додаде дека интервенцијата на Бандиќ се однесувала на бришење на зборовите „началник на генералниот штаб”, ранг кој Бобетко го имал во хрватската армија, од таблата која треба да биде поставена на улицата која се предлага да го носи името на Бобетко, а која се наоѓа во населбата Подбрежје.

Тој истакнува дека одборот, а не Бандиќ, „е единственото легитимно тело кое дава предлози на гласање во собранието (на Загреб)”, па оттука неговата интервенција не е регуларна.

Иако, како што истакна, гласањето за предлогот за именување на улицата е одложено на неодредено време, иницијативата може да биде повторно предложена во „оригинална форма”, веќе на идната седница.

Тој додаде дека потегот на одборот „нема ништо” со барањето на МИЧП.

Хасанбеговиќ нагласи дека ако се следи истата логика, тогаш „Туѓман и Шушак ќе ги изгубеа своите плоштади и улици”, што, според него, е „неприфатливо”.

Тој изјави дека токму Социјалдемократската партија (СДП) била таа која во 2015 година одлучила аеродромот во Загреб да се именува по хрватскиот претседател, Фрањо Туѓман.

Иницијативата, улицата да го добие името на Бобетко, во декември ја покрена Хрватското генералско здружение, невладина организација од Загреб, во која членуваат воени генерали од 90-тите години.

Оваа организација во декември минатата година организираше комеморација за Слободан Праљак, еден од шестмината функционери на босанските Хрвати, кои МКТЈ ги осуди во ноември, а кој, само неколку моменти откако беше осуден на казна затвор во траење од 20 години, испи отров.