Регион

Започна судење на поранешни припадници на АБиХ, за убиство на Хрвати

Судот на БиХ. Фото: БИРН

На почетокот на судењето на осуммината поранешни припадници на АБиХ, првиот сведок на обвинителството, изјави дека на 22 декември 1993 година, ги видел телата на убиените, во фискултурната сала на средното училиште во селото Крижанчево, кај Витез.

„Телата беа во најлонски вреќи … Многу лошо изгледаа, телата беа во многу лоша состојба. Лекарот не беше во можност целосно да ги идентификува. Со другите, за време на нападот, беа убиени и две жени, Ката Алиловиќ, и Матилда Прањковиќ“, рече Анто Бертовиќ, кој во 1993 година бил командант на првиот баталјон на бригадата Витез на ХВО.

Бертовиќ истакна дека тој ден, на почетокот на нападот на селото Крижанчево, бил на командното место.

„Јас првите информации ги добивав преку врска и преку луѓето кои беа ранети или кои исплашени доаѓаа од тоа место”, рече Бертовиќ.

Тој додаде дека првиот баталјон имал сознанија за последиците и губитокот на 34 жртви и оти околу 30 лица биле одведени, заробени или се предале.

Обвинителството ги обвини Ибрахим Пуриќ, Ибрахим Тарахија, Нијаз Сивро, Рушит Нурковиќ, Алмир Сарајлиќ, Садик и Шаќир Омановиќ и Касим Кавазовиќ, за убиство на најмалку 12 војници на ХВО, кои претходно се предале, и на две жени од хрватска националност во село Крижанчево, извршено на 22 декември 1993 година.

Според обвинителството на БиХ, Пуриќ овие злосторства ги извршил во својство на командант на 325 ридска бригада на АБиХ и командант на тактичката група, Тарахија како командант на третиот баталјон на бригадата, Сивро како помошник командант за безбедност и Нурковиќ како помошник командант за морал, додека останатите четворица како припадници на бригадата.

Tие, исто така, ограбувале и уништувале имот, се вели во обвинението.

Некои од обвинетите, кои дејствувале како команданти на единиците на АБиХ, се обвинети за директно учество во извршувањето на кривичните дела, како и дека не презеле активности за спречување на злосторствата и гонење и казнување на сторителите.

Пред сослушувањето на првиот сведок, обвинителот, Иван Матешиќ, нагласи оти ќе докаже дека обвинетите го сториле делото за кое ги товари обвинението.

Одбраната на Ибрахим Пуриќ, пак, изјави дека тој никогаш не дал наредба за напад на цивилното население.

„Обвинителството нема да може да ја докаже ваквата наредба, бидејќи таа не постоела на 22 декември 1993 година”, истакна Емина Хасановиќ, адвокат на обвинетиот Пуриќ.