Ретки се oние колеги што целата професионална кариера се занимаваат само со една тема. Колегата Саше ја имаше таа привилегија. И пасија: целиот живот да работи само на едно – правосудството. Го познаваше ендоскопски – до најситните крвни зрнца и затнатите правосудни артерии. И не само тоа. Беше професионален рендген за најтемните ќошиња од секторот правда, од 1996 година. До вчера.
Неприкосновен во правната меморија и правното познавање. Имаше енциклопедиско сеќавање за ликови, настани и случки. Често знаеше да рече: „паметам како слон“. Таа меморија и му даваше панорамски преглед на состојбите и право да критикува.
Своевремено не бев убеден дека познавањето на роднинските и пријателските врски меѓу судиите и обвинителите е клучно за откривање корупција и непотизам во правосудната фела. Сѐ додека не му го прочитав текстот во печатеното издание на „Фокус“ од 2009 година, со наслов „Обвинителствaта во Македонија се скроени според критериумот ‘наше дете’.“
Со овој текст, кој беше само еден од многуте, Саше ги исцрта врските во правосудството, без разлика дали се роднински или партиски и преку нив покажа како се влијае и манипулира системот.
Во таа негова страст за право и за правда, многу пред сите, уште во 2010 ја отвори аферата за прислушувањето по „Големото уво“. Во тогашен „Фокус“ објави дека УБК го прислушува шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, кој тоа и го потврди.
Жилав и непоколеблив, Саше им пркосеше на сите правни авторитети. Беше професионален самотник. Имаше професионален инает, кој на многумина им изгледаше арогантно. Сепак, никого во фелата, па и во јавноста не оставаше рамнодушен, меѓу другото, како што велеше, поради неговите принципи, од кои не отстапуваше.
Беше почитуван во судските кулоари. Толку што, многумина судии и обвинители знаеја да се консултираат со него за правни прашања. Во еден од бескрајно долгите разговори ми кажа дека со негова жалба, на 30-тина години укинал пресуда на судии од понизок суд. Таа пресуда ќе ја укинеше и студент по право во прва година, ми рече, алудирајќи на тоа дека штом може новинар да укине пресуда на судија, што да очекуваат другите граѓани.
Речиси десет години водеше една поинаква битка, со опасен внатрешен тивок убиец. Неуморно, без да се жали и да приговара, ги поднесуваше сите здравствени тегоби што му го направија животот тешко поднослив и доведоа до неизвесни мигови. Тогаш животот му висеше на конец. Не верував дека овојпат тој конец ќе се скине.
Веројатно сум меѓу последните со кои разговараше.
Повторно од болница, каде што често престојуваше во изминатите години. Како и секогаш, не се жалеше. На своја сметка се шегуваше дека со докторот веќе разговарал кога да го пуштат. Ми рече до вторник најдоцна ќе излезам… Порано се одјави.
Зад себе остави многу текстови, анализи и телевизиски гостувања. Во нив хируршки прецизно ја дијагностицираше болеста на македонското правосудство, чија симптоматологија посветено ја анализираше целиот свој живот.
Во последниот получасовен разговор повторно ми говореше за правна битка. Овојпат професионална. Убеден сум дека и неа ќе ја добиеше.
Беше живот претворен во борба. Се надевам дека сега ќе го најдеш својот спокој.
Светол пат!
Почивај во мир…