Истражувањa

Зборот (не) важи

Спотот „Зборот важи“ се појави на програмите и на Фејсбук во јуни

Речиси три месеци, владејачкиот СДСМ не ги открива трошоците за кусата медиумска кампања „Зборот важи“, која по нарачка на партијата агресивно се емитуваше на телевизиите во почеток на  јуни годинава. Побаравме од партискиот портпарол Костадин Костадинов да каже колку, по која цена и во кој период е емитувано промотивното видео на секоја телевизија и радио. Нѐ интересираше и колку чини изработката на спотот и која продукциска куќа го снимила.

Во спотот се набројуваат километрите автопат и гасовод, новите амбуланти и градинки што се градат и други постигнувања во првите две години од владиниот мандат.

„Две години заедно со СДСМ. Две години промени, две години зборот важи“, вели машкиот глас од рекламата.

На 13 јуни годинава, преку СМС-порака Костадинов даде збор дека ќе ни ги достави информациите за трошоците.

„Денеска нема да стигнам зашто тргнувам на пат по состаноците, но ќе ви одговорам деновиве.“

Четириесетина дена подоцна сѐ уште немаше одговор и затоа го потсетивме партискиот портпарол на ветеното.

„Сега го барам одговорот што Ви беше препратен, но имам некој проблем со имејлот и утре ќе Ви го препратам пак“, вети уште еднаш Костадинов на 28 јули годинава.

Оттогаш Костадинов престана да одговара на нашите повици и да враќа на СМС-пораките со кои го потсетувавме на ветеното.

Спотот „Зборот важи“ се појави на ТВ-програмите и на Фејсбук во јуни, и тоа веднаш по претседателските избори, на кои се забележа драстичниот пад на поддршката за социјалдемократите

До денеска нема стигнато никаков мејл од Костадинов, што укажува дека владејачката партија свесно избегнува да ги открие трошоците за кусата медиумска кампања.

Спотот „Зборот важи“ се појави на ТВ-програмите и на Фејсбук во јуни, и тоа веднаш по претседателските избори, на кои се забележа драстичниот пад на поддршката за социјалдемократите. Оваа кампања и таканаречената операција „Метла“  беа доживеани како дел од обидите да се врати довербата во партијата од Бихаќка.

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ја осуди рекламата, со образложение дека платената кампања може да влијае врз уредувачката политика на медиумите што ја емитувале.

„Според законските прописи, на политичките партии дозволено им е да промовираат свои кампањи во приватните медиуми, но во време на предизборна политичка кампања. Иако не постои експлицитна забрана за рекламирање надвор од овој период, со оваа негативна пракса може да се влијае врз уредувачката политика и на начинот на известување на дел од медиумите“, стои во писмената реакција на ЗНМ.

Претходната власт на Никола Груевски ја доведе до совршенство пропагандата преку скапите телевизиски секунди со владините и со партиските ТВ-кампањи. Тогашниот опозициски СДСМ, медиумите и граѓанските здруженија жестоко ја критикуваа. Сомнежите беа дека кампањите се покриваат со дискутабилни „дилови“ меѓу владејачката партија и газдите на медиумите или дека се платени со сомнително стекнати пари.

Истрагата „Пропаганда“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), меѓу другото, ги испитува и овие сомнежи.

Ќе биде ли законот камшик?

„Ќе ви одгвоорам деновиве“, даде збор Костадинов и не го одржа.

Иако институциите, сепак, се потранспарентни во овие две и пол години по смената на власта, останува фактот дека СДСМ не го спроведува сето она што како владејачка гарнитура упорно и постојано го пропагира.

Иронијата да е поголема, во мај, Собранието изгласа законски промени што ги обврзуваат партиите да ги споделуваат информациите за финансиското работење или како што точно пишува во законот – податоците за приходите и за расходите.

Промените стапуваат во сила шест месеци по нивното усвојување. Одложеното важење е поради времето потребно за трансформација на Комисијата за слободен пристап на информации од јавен карактер во агенција.

Тоа значи дека формално-правно, СДСМ не крши никакви правила во моментов, меѓутоа покажува дека партијата не сака да споделува вака сензитивни информации. Ова може да претставува и аларм дека таа рестриктивно (ќе) ги толкува законските промени, и во иднина новинарите и јавноста нема да добиваат подетални информации за партиските пари.

Судејќи според минатото, може да се претпостави дека оваа пракса ќе ја применат и останатите партии, вклучувајќи ги и ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

СДСМ не крши никакви правила во моментов, меѓутоа покажува дека партијата не сака да споделува вака сензитивни информации. Ова може да претставува и аларм дека таа рестриктивно (ќе) ги толкува законските промени, и во иднина новинарите и јавноста нема да добиваат подетални информации за партиските пари

Новинарскиот синдикат ССНМ ја наметна идејата, партиите, исто како министерствата, општините и другите државни институции, да бидат носители на информации од јавен карактер, со што ќе имаат обврска да одговараат на сите прашања за своето дејствување. Меѓутоа, конечното законско решение ги обврзува партиите да откриваат информации само во делот на приходите и расходите.

Декларативно уште на самиот почеток власта застана зад оваа идеја.

„Партиите треба да бидат носители на информации од јавен карактер, особено сега кога се финансирани од буџетот“, коментираше во интервју за БИРН, министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски.

И покрај ваквите заложби во случајот со кампањата „Зборот важи“, останува впечатокот дека зборовите се едно, но делата друго, па јавноста ќе мора да почека законските промени да стапат во сила, и СДСМ во рок од 20 дена да открие колку, по која цена и во кој период е емитувано промотивното видео.

Истото важи и за дел од трошоците околу референдумската пропаганда.

Собранието објави дека 900.000 евра потрошило за промовирање на референдумските спотови по телевизии и по радија, меѓутоа остана енигма колку владејачките партии, овде, пред сѐ, СДСМ како најголем промотор на идејата за успешен референдум, одвоија за изработка на пропагандните спотови.