Тешките обвинувања и оцрнувања на кандидатите, најавите за крупни промени во државниот врв и за потреси на политичката сцена со ново парламентарно мнозинство се доминантниот наратив во пресрет на вториот круг од локалните избори, покажуваат податоците од алатките за следење на активностите на социјалните мрежи.
Овие теми речиси целосно ги заменија зелените агенди, кои на големо се промовираа во пресрет на првиот круг и на моменти наидуваа на потсмев поради преамбициозните ветувања од кандидатите.
Резултатите од првиот круг предизвикаа тектонски преместувања. Одеднаш играта стана поголема и посериозна, а со тоа и оружјата со кои се води борбата станаа потешки, особено на социјалните мрежи.
Додека на официјалните страници на кандидатите, главно се промовираат проекти и се споделуваат визии за општините, негативната кампања им е препуштена на партиските, како и на разни неофицијални страници. Првите се задолжени за одмерени напади кон противниците, а на вторите се објавува најцрното од црното.
Имено, кај самите кандидати на социјалните мрежи целосно отсуствуваат личните напади. На страниците на Петре Шилегов и на Данела Арсовска, на пример, кои се борат за градот Скопје, присутна е само одбраната од негативната кампања. И натаму најчести објави се фотографиите од средби со граѓани, ветувањата за асфалт во заборавените населби, за субвенционирање на трошоците за детските градинки, изградба на кружни текови, подигнување зелени површини, ефикасно функционирање на општинските администрации итн.
Наспроти содржината на страницата на Шилегов, неговата партија СДСМ преку својот официјален фејсбук-канал троши околу илјада евра за да ги прошири пораките дека противничката Данела Арсовска има бугарско државјанство, што, според нив, значи дека „работи за туѓи интереси“, потоа дека „нејзините семејни фирми работеле со нерегуларности“ итн. Се трошат пари и против Стевчо Јакимовски во Карпош и против Максим Димитриевски во Куманово. И двајцата в недела имаат можност да ја победат владејачката партија во традиционално сдсмовски општини.
ВМРО-ДПМНЕ, исто така, троши четирицифрена сума во евра за спонзорирани објави дека Шилегов, како што велат, „на диво ја надградувал својата куќа“, правел викендичка во Маврово, го натплатил противпожарното возило што го купил и друго. Иако партијата влезе во вториот круг во многу општини, како Центар, Битола, Охрид и други, единствениот кандидат за кој таа спонзорира објави со негативна кампања е Петре Шилегов, за кој има и посебен назив – „профитер“.
Пари се трошат и за кампања против СДСМ како партија и против Зоран Заев како лидер, во спотовите се користат и прашања од високата политика, како промената на името на земјата од пред три години. Шилегов е централната мета на официјалната страница на опозицијата. За реклами за оцрнување други кандидати за градоначалници од власта не се плаќа.
Посебна улога во оваа пропаганда играат разни опскурни фејсбук-страници, кои иако не може официјално да се поврзат со една или со друга партија, сепак објавуваат исклучиво негативни пораки против некој кандидат или политички субјект. Некогаш тие имаат сугестивни имиња, како „30-ти октомври, дојде крајот на Заев“ или „Мицко кочи“, а во други случаи се со неупадливи називи како „Скопје“, „Сеир“, „Дебакл“ или „Вести од Македонија“.
Тие ги менувале имињата низ времето, на пример „Мицко кочи“ до септември годинава била „Збогум Никола“, а била создадена во 2015 како „Избери злодела“ (како спротивност на тогашниот слоган на ВМРО-ДПМНЕ, „Избери дела“). Името се менувало, но содржините против ВМРО-ДПМНЕ останале константа. Страницата „30-ти октомври, дојде крајот на Заев“ била создадена во 2018 пред референдумот за името со назив „30-ти септември, дојде крајот на Заев“ итн.
И со нови имиња тие споделуваат содржини до неколку десетици илјади следачи што ги стекнале низ годините. Понекогаш почнуваат со име што во моментов може да привлече најмногу публика, на пример „Фан клуб на Ленче Ристоска и СЈО“, страница формирана во 2016 година. Пред локалните избори 2017 оваа страница се преименува во „Фан клуб на крадоначалници“ и почнува да споделува негативна кампања против ВМРО-ДПМНЕ. Активна е и за референдумот за името и за други големи политички настани и се менува по потреба. Денес, под името „Скопски сеир“ плаќа стотина евра за негативна кампања против Стевчо Јакимовски, противникот на Душко Весковски од СДСМ во вториот круг во Карпош.
Обично на овој тип страници се објавуваат најгрдите пораки полни со говор на омраза. На нив отсуствуваат повици да се поддржи некој кандидат, само се оцрнуваат противниците. Но, дека не станува збор за обични активности на фан-страници, туку за организирана кампања покажува фактот дека дел од содржините се спонзорираат, односно се плаќа по стотина евра од објава, за таа да се прошири меѓу 100.000-500.000 фејсбук-корисници.
Дури може да се види дека од иста сметка се спонзорирале објави на повеќе страници. На пример, корисникот со име „Политиканти“ уплатувал за „Мицко кочи“, „Сеир“, „Вести од Македонија“ и други. Објавите на „30-ти октомври, дојде крајот на Заев“ се спонзорираат од корисникот „ВМРОдокрај“. За некои објави не се открива кој ги плаќа, затоа што, благодарение на користењето неофицијални канали, социјалната мрежа не ги препознава содржините како политичка пропаганда (во спротивно е задолжително да се објави кој ги дава парите).
Исклучок од оваа шема, во која кандидатите се фалат со работа, партиите се стрелаат меѓусебно, а паралелните страници ја вадат тешката артилерија, направи СДСМ деновиве, кога на својата официјална фејсбук-страница објави платена реклама со фотографија од Арсовска и со натпис „На Скопје не му треба бугарски кмет“. По негативните реакции, објавата беше отстранета и преселена на флаери што се ставаат во поштенски сандачиња и во дворови на луѓето.
Како реагираат корисниците на оваа метаморфоза во кампањата? Алатките за следење на реакциите покажуваат дека негативните пораки се меѓу најподдржаните и најсподелуваните, со по 2-3.000 допаѓања и со стотици коментари и споделувања. Коментарите се главно еднострани. Понесени од еуфоријата од пред две недели, поддржувачите на опозицијата повикуваат на „докрајчување“ (во стилот на сдсмовското „да допобедиме“ од локалните избори во 2017), додека приврзаниците на власта ја повторуваат пораката за „обединување против злото“.
Сѐ на сѐ, иницијално питомата и зелена кампања – поцрне и уште еднаш покажа дека во Македонија и натаму е тешко локалните избори да останат само локални, а политичките противници да се натпреваруваат само во тоа кој подобро и повеќе ќе сади дрвја или ќе асфалтира улици.